МЕРКЕЛ НЕ ОТКРИВА ШТО МУ КАЖАЛА НА ГРУЕВСКИ ВО МАЛТА

    МЕРКЕЛ НЕ ОТКРИВА ШТО МУ КАЖАЛА НА ГРУЕВСКИ ВО МАЛТАНеофицијално, Меркел му порачала на Груевски дека сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ мора да го почитува изборниот резултат, а тој оставил простор за посредништво (Фото: Ројтерс)

    Партијата на германската канцеларка Ангела Меркел ЦДУ одби официјално да ја коментира нејзината средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, вчера на конгресот на десничарските европски народни партии  што се одржуваше во Малта. За средбата синоќа објави ВМРО-ДПМНЕ на својата официјална веб страница, во прекажан говор и проследено со стара фотографија од пред 3 години меѓу Меркел и Груевски снимена на промоцијата на таканаречениот Берлински процес за интеграција на Западен Балкан во ЕУ. За средбата нема никаква информација на официјалната фејсбук страница на Груевски, каде пак има детални извешатаи за сите негови други средби што ги имал во Малта.

    САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Кабинетот на канцеларката Меркел во Берлин со прашање во кој формат била средбата со Груевски и каков став таа му пренела во врска со политичката криза во Македонија.

    За средбата синоќа објави ВМРО-ДПМНЕ на својата официјална веб страница, во прекажан говор и проследено со стара фотографија од пред 3 години меѓу Меркел и Груевски снимена на промоцијата на таканаречениот Берлински процес за интеграција на Западен Балкан во ЕУ (Фото: принтскрин од веб страната на ВМРО-ДПМНЕ)

    „Средбата не беше настан на кој канцеларката Меркел присуствуваше во својство на канцеларка, туку како лидерка на партија“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Анекатрин Гебауер, шефицата на прес службата на германската канцеларка и нѐ упати на прес службата на нејзината партија ЦДУ.

    Давид Ермес, од прес службата на ЦДУ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави: „Жал ми е да ве информирам дека не даваме никаква информација за вакви работи“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од веродостојни извори во Берлин, кои сакаат да останат анонимни бидејќи не се овластени да даваат изјави за јавноста, дознава дека за време на кусата непротоколарна средба во Малта лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски на претседателката на ЦДУ Меркел ѝ рекол оти е отворен за посредништво, а нова влада би прифатил само ако таа организира нови избори.

    Меркел му порачала дека сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ мора да го почитува изборниот резултат, иако Груевски се повикувал на принципот за состав на влада „победник со победник“, искажал критика за таканаречената албанска платформа и тврдел дека повеќе од половина население било за нови избори.

    Mинистерот за надворешни работи Зигмар Габриел побара претседателот Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот за влада и да се стави крај на блокадата во Македонија

    На 28 март, официјален Берлин ја испрати пораката преку министерот за надворешни работи Зигмар Габриел кој побара претседателот Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот за влада и да се стави крај на блокадата во Македонија.

    „Сметам дека е потребно уште еднаш да се побара од македонскиот Претседател и од парламентарните партии сега да овозможат формирање на влада и да ѝ стават крај на блокадата. Постои парламентарно мнозинство во Собранието, кое се оформи после изборите и врз основа на изборите. Степенот на неизвесност, кој моментално го имаме и при кој повторно се будат старите емоции, е голема опасност. Затоа сакаме да се ангажираме за тоа, на целиот Западен Балкан, а особено по однос на актуелната ситуација во Македонија, да се води грижа за да дојде до воспоставување на мирен и демократски соживот“, изјави германскиот министер Габриел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира