НА ДИСПЕРЗИРАНИТЕ СТУДИИ НЕ МОЖЕЛЕ НИ ПРИЕМНИОТ ДА ГО ПОЛОЖАТ

Во периодот од 2006 до 2016 година дисперзираните студии создале над 57 милиони евра загуба, покажа истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација.

    НА ДИСПЕРЗИРАНИТЕ СТУДИИ НЕ МОЖЕЛЕ НИ ПРИЕМНИОТ ДА ГО ПОЛОЖАТПоранешниот премиер Никола Груевски врши увид на проектот за новиот Универзитет „Мајка Тереза“ со ексминистерот за образование Абдулаќим Адеми и заменскиот министер во техничката влада Спиро Ристовски. (архивска фотографија)

    Секоја година на десетина дисперзирани студии кои што беа предвидени на државните универзитети немаше настава затоа што ниту еден кандидат не успеал да го положи приемниот испит или пак воопшто немало заинтересирани за студирање.

    Уште на почетокот на работата на дисперзираните студии, што Владата на последната седница ги редуцираше, а на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ целосно ги укина, матичните универзитети предупредуваа дека и во првиот и во вториот уписен рок ниту еден студент не успева да се запише на десетина студии, а кај останатите бројот на запишани е под десетина, што не е доволно за да има настава.

    Намалениот интерес за овој вид на студии имаше на Универзитетот “Св Кирил и Методиј”, каде во последните 10 учебни години се запишале вкупно 1.277 студенти. УКИМ во 2010 година информираше дека на Архитектонскиот факултет кој има дисперзирани студии во Гостивар се пријавил само еден, ама не се запишал, зашто не го положил приемниот испит. Приемните испити биле проблем и за четворицата кандидати кои конкурирале на истите студии во Охрид. И тие останале без индекс, зашто не успеале да го поминат приемниот. На овие студии имало место за вкупно 140 студенти. Во Куманово се запишал само еден, а во Битола и по вториот упис се уште никој.

    Истата година на дисперзираните студии по информатика и комјутерски инжинеринг во Тетово имало место за 100 студенти, а се запишале само четворица.
    Оваа слика се повторуваше секоја година, така што трошоците за одржување на студиите беа поголеми од бенефитите. Според достапните податоци од 2006 до 2016 година на дисперзираните студии на трите државни универзитети биле запишани 14.606 студенти. За тоа време дисперзираните студии создале над 57 милиони евра загуба, покажа истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) од Скопје.

    Отворањето на 46 дисперзирани студиски програми во 15 градови требаше да овозможи намалување на трошоците за студирање и зголемување на опфатот и на женскиот пол во високо образовните институции. Ако се направи споредба на нето трошоците и нето користа односно бенефетите, се доаѓа до заклучок дека овој облик на образование е скап и создава поголеми трошоци од користи.

    „Согласно, резултатите добиени преку користење на овој инвестициски критериум, препорачуваме дека инвестицискиот проект не треба да биде прифатен, односно во случајов да се размисли за сериозна реорганизација и трошоци – користи ефикасност на дисперзираните студии, или евентуално напуштање на овој концепт“, стои во анализата на ИСИЕ.

    За да се организира настава на дисперзирани студии потребно е да се запишат минимум 25-30 студенти. При запишувањето, сите студенти потпишаа изјава дека ќе студираат на матичните факултети, ако нема настава на дисперзираните студии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира