НИШТО НЕ СЕ ДОГОВАРА ПОД МАСА, РЕЧЕ ТАЧИ ПО СРЕДБАТА СО АХМЕТИ

    НИШТО НЕ СЕ ДОГОВАРА ПОД МАСА, РЕЧЕ ТАЧИ ПО СРЕДБАТА СО АХМЕТИАхмети и Тачи насамо разговараа повеќе од два и пол часа во тетовски ресторан (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на ДПА Мендух Тачи синоќа се сретнаа во еден тетовски ресторан. Иако беше речено дека и порано имале вакви средби, оваа беше прва од ваков вид после еден подолг период. Двајцата лидери насамо разговараа повеќе од два и пол часа, а од ДПА беше најавена поддршка за позицијата кога се во прашање клучните работи за Албанците во Македонија.

    „Овој состанок е врз базата на Пржинскиот договор, односно како да успееме и во практика да го реализираме тој договор. Вакви состаноци и во иднина ќе ги одржуваме за полесно да дојдеме до релизација на Пржинскиот догор. Овој договор е многу битен бидејќи ги прави Албанците важен фактор во оваа држава и сигурно во Собранието ќе биде нужно и албанската опозиција да даде поддршка. Пржинскиот договор без поддршка од опозицијата не може да се реализира. Истата ситуација треба да се прелее и во македонскиот блок во насока на реализација на Пржинскиот договор“, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети.

    Мендух Тачи пак посочи дека ДПА ќе биде конструктивна опозиција која ќе ѝ дава поддршка на  позицијата кога се во прашање евроатланската интеграција и подобрувањето на правата на Албанците.

    „На вечерашнава средба имавме отворен и транспарентен дијалог и комуникација помеѓу албанската позиција и опозиција. Разговаравме за многу теми и јас на господинот Ахмети отворено му реков дека ние ќе продолжиме да ја вршиме улогата на албанската опозиција. На оваа средба не се разговараше за некакви групни интереси туку се разговараше за хармонизација политиката во склоп на интеграциските процеси и реформите во целата држава. Ништо не се договара под маса. Поддршката што ќе ѝ се даде на ДУИ во однос на интеграциските процеси тоа е бланко поддршка од ДПА бидејќи Албанците како нација сакаат што побрзо да бидат дел од западната цивилизација. Имаме многу заеднички работи кога се работи за албанските права како што е употребата на албанскиот јазик што е приоритет и на албанската опозиција. Реализацијата на албанските права имаат потреба од еден широк консензус“, изјави Мендух Тачи.

    Тачи исто посочи дека сакал да има ваква средба и движењето БЕСА, но од таму побарале тој состанок да биде без присуство на медиуми.

    “Јас не се согласувам со такви состаноци и јас сум за транспарентни и отворени состаноци“, рече Тачи и најави дека можеби наредните денови до таква средба сепак е можно да дојде.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира