ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА ЗВРЛЕВСКИ СКРИЛО ХАРД ДИСК СО ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ НА ЗАЕВ ВО „ПУЧ“

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА ЗВРЛЕВСКИ СКРИЛО ХАРД ДИСК СО ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ НА ЗАЕВ ВО „ПУЧ“

    Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева објави дека од Обвинителството на Марко Зврлевски добило хард диск со снимени десетици илјади разговори и пораки од два телефони на Зоран Заев, најден во канцеларијата на Звонко Костовски во УБК, но тој диск не бил употребен како доказ во случајот „Пуч“, во кој со спогодба беше осуден разузнавачот. Дискот му бил предаден на СЈО заедно со други списи и докази, кога од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција бил трансфериран предметот.

    „При доставување на предметот КО.бр.25/15 на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје до ова Јавно обвинителство, покрај другите списи и докази, е доставен и хард диск за кој е утврдено дека потекнува од канцеларијата во УБК која ја користел осудениот Звонко Костовски, но хард дискот не е предложен во листата на докази“, вели СЈО во шестмесечниот извештај, објавен во средата.

    Обвинет во „Пуч“ дека го уценувал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со прислушувани материјали беше лидерот на СДСМ, а Обвинителството не го приложило дискот како доказ, иако содржел незаконски следени комуникации.

    При извршената анализа на дискот од страна на СЈО, констатирано било дека се генерирани фајлови од активност на апликација со која незаконски се бележела комуникација помеѓу два телефонски броеви каде што таргет е лицето Зоран Заев со други телефонски броеви.

    „Генерираните фајлови и нивната обработка укажуваат дека комуникациите биле следени без издадени судски наредби, односно незаконски. Од страна на ова Јавно обвинителство извршен е електронски попис на овие материјали кој е сочинет на 27. 189 страници во електронска форма. При тоа, детектирани се 31. 495 аудио фајлови со времетраење од 671 час и 72.513 СМС пораки кои биле цел на апликацијата, која бележи комуникација помеѓу овие два телефонски броеви со други“, наведено е во извештајот на СЈО.

    Хард дискот со илјадниците нелегално следени разговори на Заев, според она што го кажува СЈО во последниот извештај, бил скриен од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и воопшто не бил пријавен како доказ. Место тоа, Обвинителството на Зврлевски заедно во исто обвинение ги обвини Костовски и Заев. Едниот дека помагал во извршување на кривичното дело по наредба на Зоран Верушевски и Зоран Заев, другиот дека со материјалот што го обезбедил од Верушевски, го уценувал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за да му ја предаде власта.

    Оттаму излегуваат неодговорени прашања: Зошто обвинителите Златко Биковски и Владимир Милошевски кои го креирале и застапувале обвинението, не го пријавиле како доказ хард дискот од канцеларијата на Костовски? Како ги ставиле во обвинението еден до друг Костовски и Заев? Ќе понесат ли одговорност овие двајца обвинители за непријавувањето на овие материјални докази кога го правеле обвинението за „Пуч“?

    Истовремено, од Врховниот суд се очекува да утврди дали имало незаконитост во спогодбата на Звонко Костовски со Обвинителството за организиран криминал, со која признава вина дека помагал во нелегално прислушување, по налог на Верушевски и Заев. Барање за заштита на законитоста поднесе СЈО уште во октомври лани, но предметот „Пуч“ се уште на Врховниот суд не му го даваат државниот обвинител Марко Зврлевски и претседателот на Советот на јавни обвинители. СЈО, како што рече пред две недели специјалната обвинителка Ленче Ристоска, има информации дека предметот се наоѓа во Советот.

    И Стејт департментот во извештајот за човековите права и слободи за минатата година го нотираше мистериозниот случај на ексразузнавачот Звонко Костовски. До денеска, никој во јавноста не ја видел таа спогодба на Костовски и Обвинителството за организиран криминал. Се очекува Врховниот суд да ги расчисти околностите под кои било потпишано признанието од Костовски.

    „Извештајот на експертската група на Европската комисија од јуни 2015 година покрена сомнежи дали била фер пресудата за Звонко Костовски, обвинет во т.н. случај „Пуч“. Костовски, контраразузнавач во МВР, призна дека е виновен за шпионажа и нелегално пресретнување на комуникации и беше осуден на три години затвор. Костовски тврдел дека тој ги снимил компромитирачките разговори со цел лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев да го уценува поранешниот премиер Никола Груевски да ја вклучи СДСМ во владата. Во извештајот, експертската група (на Прибе н.з.) изрази сомнеж дека било невозможно да се знае до кој степен фактите ја поткрепувале спогодбата и дали малата казна изречена од судијата била награда за учество во заташкување на вклученоста на други“, се наведува во извештајот на Стејт Департментот.

    СЈО на 18 јануари го повлече обвинението за „Пуч“ и кажа дека кој прислушувал нелегално со години и кој масовно ги кршел човековите права и слободи ќе истражува преку случаите Тврдина 1 и 2 и Таргет. За нелегално прислушување и за насилство врз највисоките државни органи обвинети беа: Зоран и Соња Верушевски, Бранко Палифров, Ѓорѓи Лазаревски и Зоран Заев. СЈО вели дека не се откажува од Барањето за заштита на законитоста на постапката за признавање на делото, бидејќи има сомневања во неа. Основно, Звонко Костовски со обвинителот се спогодил и признал помагање во кривично дело, а главен обвинет и осуден кога го признал делото, немало. Има помагач, а нема осуден сторител. Второ, според СЈО, токму кај Костовски бил најден доказот дека по налог на неговите претпоставени во УБК, Заев тој што бил прислушуван, а тој доказ бил прикриен во случајот „Пуч“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира