ОКОЛУ КОНДОВО УШТЕ ГОРИ, ВО СЕЛОТО НЕМА СТРУЈА, НО КУЌИТЕ НЕ СЕ ВО ОПАСНОСТ

    ОКОЛУ КОНДОВО УШТЕ ГОРИ, ВО СЕЛОТО НЕМА СТРУЈА, НО КУЌИТЕ НЕ СЕ ВО ОПАСНОСТOд Центарот за управување со кризи јавија дека нема куќи зафатени од огнот, no дел од евакуираните селани сведочеа за опожарена куќа.Кондово ноќеска по полноќ (Фото: О. Теофиловски)

    Цела ноќ пожарникарите го гасеа пожарот кај скопското село Кондово. Оган сè уште има, гори ридот над селото, на спротивната страна од куќите. Центарот за управување со кризи (ЦУК) ноќеска по полноќ информираче дека околу селото е направен заштитен појас за да не се рашири пожарот.

    Кога екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК пристигна во селото, таму немаше струја – (Фото: О. Теофиловски)

    „Според информациите кои ги имаме од терен во село Кондово нема зафатено куќи од пожарот и правецот на пожарот е сменет, село Кондово не е во опасност, екипите работат на терен“, соопшти после полноќ Центарот за управување со кризи.

    Кога екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК пристигна во селото, таму немаше струја. Се чувствува остар мирис на чад, а жителите во мракот во групи ги напуштаа домовите.

    Мајки со мали деца и повозрасни луѓе ги напуштија куќите кога огнот им се доближи на само неколку метри до дома, околу 23 часот. На секој налет на ветрот од селото се слушаа пискотници и луѓе во паника истрчуваа на обиколницата. Иако од Центарот за управување со кризи јавија дека нема куќи зафатени од огнот, дел од евакуираните селани сведочеа за опожарена куќа.

    „Пламенот ми влезе дома, во кујна. Страшно е, моравме да избегаме“, рече жителка од селото која ја затекнавме на обиколницата на западниот влез од Скопје. Таа со ќерката чекаше роднини да ги земат и да ги однесат во друго село додека огромни пламени јазици се извиваа над Кондово.

    Жителите се евакуираа самоиницијативно, никој не ги организираше. Доаѓаа од селото на обиколницата, каде што веќе ги чекаа коли и заминуваа. Пребледени и исплашени бегајќи од огнот не внимаваа дали има коли на обиколницата, но затоа оние кои што ги чекаа ги предупредуваа другите возачи да ја намалат брзината.

    Влезот во Скопје од страната на Тетово беше прекриен со густ чад, а врз колите паѓаше пепел.

    Жителите се евакуираа самоиницијативно. Доаѓаа од селото на скопската обиколницата, каде што веќе ги чекаа коли и заминуваа. Влезот во Скопје беше обвиен во чад – (Фото: М. И. Пачемска)

    За гасење на пожарот, повторно самоиницијативно, стигнуваа групи од по десетмина луѓе од сите околни села. Со лопати, копачи, а многумина и со голи раце со трчање се пробиваа меѓу противпожарните возила за да помогнат во гасењето.

    Од Центарот за управување со кризи јавија дека во гасењето на пожарот учествуваат 4 цистерни, 25 пожарникари, 9 возила на Територијалната противпожарна единица и 50 лица од месното население, а помош беше побарана и од Општина Сарај, и од Град Скопје за дополнителни сили од комуналните служби и цистерни со вода од ЈП„Водовод и канализација“ и ЈП„Комунална хигиена“.

    Силниот ветар го распалуваше огнот и го разнесуваше пламенот па пожарот зафати огромен дел околу селото.

    Очевидци велат дека забележале чад уште околу 20.00 часот, но немало пламен. Доаѓал од истото место, над Кондово, каде што гореше во средата. Таму огнот тогаш се гасеше и со противпожарнитев авиони ертратктори, а пожарникарите укажуваа дека теренот е многу непристапен.

     

    М.И. ПАЧЕМСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари