ОМБУДСМАНОТ ПРОТИВ ПРОМЕНАТА НА РОКОВИТЕ ЗА ПОЛАГАЊЕ ДРЖАВНА МАТУРА

    ОМБУДСМАНОТ ПРОТИВ ПРОМЕНАТА НА РОКОВИТЕ ЗА ПОЛАГАЊЕ ДРЖАВНА МАТУРА

    Народниот правобранител остро реагира на објавувањето на Календарот за изменување на Календарот за организација на учебната 2015/2016 година во јавните средни училишта, со кој спротивно на закон и само еден месец пред завршување на редовната настава се поместуваат роковите за полагање на Државната матура, соопшти денеска канцеларијата на Омбудсманот Иџет Мемети. Истовремено, Омбудсманот го повика министерот за образование и наука веднаш да ја повлече оваа одлука, затоа што не е во согласност со Законот за средното образование, ниту со подзконските акти кои поблиску ја уредуваат оваа материја, а е спротивна и со Конвенцијата за правата на детето според која секогаш на прво место е најдобриот интерес на детето.

    Според Народниот правобранител, промената на рокот за полагање на државната матура од 4 јуни на 28 мај, во услови кога редовната настава за матурантите завршува на 20 мај, претставува груба повреда на правата на учениците, на кои исклучително им се скратува времето за подготовка за полагање на овој испит.

    „Со ова, уште еднаш се потврдува дека воопшто не се води сметка дали промената негативно ќе влијае на натамошното образование на ученикот, ако се има предвид дека оценките од државната матура битно влијаат на успехот на ученикот, а со тоа и добивањето на бодови за запишување на високо образовните институции. Во овој контекст, успехот од државната матура може да биде одлучувачки фактор за тоа дали ученикот ќе се запише, или не на факултет, односно дали ќе го продолжи своето образование, како и дали висината на  партиципацијата ќе изнесува  200 или 400 евра во денарска противредност, факт што не е за занемарување“, соопшти Омбудсманот.

    Народниот правобранител јавно го критикува нетранспарентното постапување на Министерството за образование и наука при донесувањето на противзаконска одлука за измена на роковите за полагање државна матура која е на штета на завршените средношколци, укажувајќи дека ниту со Законот за средно образование, ниту со Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите во државна матура во гимназиското, стручното и средното уметничко образование не е предвидена  можност за промена на рокот, односно роковите за полагање на државна матура, освен за поедини случаи, во кои не влегува изборниот процес.

    Народниот правобранител смета дека одржувањето на предвремените парламентарни избори не треба да влијае на образованието на учениците, ниту да биде причина за промена на роковите за полагање на државната матура.

    Во случајот загрижува и тоа што учениците повторно ниту се прашани, ниту е побарано нивното мислење, иако станува збор за активност која директно се рефлектира на нив самите и нивното натамошно образование. Оттука, не само што со оваа одлука се повредува принципот на најдобриот интерес на детето, туку не се почитува ниту принципот на учество на децата, односно сослушување на нивното мислење на што обврзува Конвенцијата за правата на детето“, вели Омбудсманот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари