ПО АПЕЛИТЕ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ДА ОДМОРАТ МАЛКУ, НА ЏАФЕРИ МУ ИЗЛЕЗЕ ОБВРСКА И СЕДНИЦАТА ЗА ЗВРЛЕВСКИ ЈА ПРЕЗАКАЖА ЗА УТРЕ

    ПО АПЕЛИТЕ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ДА ОДМОРАТ МАЛКУ, НА ЏАФЕРИ МУ ИЗЛЕЗЕ ОБВРСКА И СЕДНИЦАТА ЗА ЗВРЛЕВСКИ ЈА ПРЕЗАКАЖА ЗА УТРЕСпикерот Џафери ќе учествува на одбележување на 16-годишнината на Рамковсниот договор и ќе има обраќање во 19 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Седницата за разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски, на собранискиот календар место денес, се најде утре, откако претседателот на Собранието Талат Џафери ги известил пратениците дека сепак, денеска нема да се состанат. Џафери ќе учествува на одбележување на 16-годишнината на Рамковсниот договор и ќе има обраќање во 19 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

    Вчера пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека се работи и овој викенд. Му укажаа на Џафери дека законски, во недела не се работи, дека недела е слободен ден. Џафери потсети дека според Уставот Собранието е во постојано заседание. А Уставот е посилен од законите. Им кажа на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не е воопшто виновен што се работи нон-стоп на шестата седница за разрешувањето на Зврлевски, бидејќи тие се причината.

    „Вие го давате темпото и обемот на работата, не јас. Вие пријавувате по сто реплики, а јас сум должен да ги ислушам сите реплики по вашите дискусии. Ете денеска, за пет ефективни саати работа, од двајца дискутанти од ВМРО-ДПМНЕ, произлегоа 60 реплики. Јас морав да ги ислушам сите 60“, објаснуваше Џафери.

    Пратеничката Владанка Авировиќ најде начин да го замоли Џафери, не во име на пратениците, како што рече, туку во име на вработените во Собранието, да нема денеска седница и да ги ослободи да си бидат дома.

    „Администрацијата е соодветно платена со надоместоци, ич да не се секирате за нив”, ѝ одговори Џафери, по што ја прекина седницата, ја закажа за денеска, а потоа ја презакажа за утре, информирајќи ги сите пратеници дека е зафатен со активности за одбележување на годишнина од Охридскиот договор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира