ПОЧИНА СЛИКАРОТ НОВЕ ФРАНГОВСКИ, ОСНОВАЧ НА ГАЛИЧКАТА КОЛОНИЈА

    ПОЧИНА СЛИКАРОТ НОВЕ ФРАНГОВСКИ, ОСНОВАЧ НА ГАЛИЧКАТА КОЛОНИЈА

    Нове Франговски, еден од најекспонираните претставници на средната генерација ликовни уметници во Македонија, починa денеска по кусо боледување. Имаше 80 години.

    Горд галичанец, кој ја оформи и ја прослави Галичката ликовна колонија, која пак ја афирмира Македонија веќе 30 години, Франговски останува во македонската современа уметност како уметник кој придонесе за дефинирање на новата фигурација на домашната сцена,  работејќи на теми со ангажирана социо-политичка димензија.

    По фигуративната фаза ќе се занимава со апстракција, сѐ до последните години, кога успеа да ги спои апстрактниот жар со асоцијативната фигурација. Негови дела се вклучени во значајни домашни и светски колекции.

    „Нешто се случило“, масло на платно од 1979 од Франговски, од колекцијата на Националната галерија на Македонија

    Франговски, по Средното уметничко во Скопје, ја завршил Академија за уметност во Белград, во 1966 година. За време на студиите излагал на повеќе студентски изложби, а во 1965 година се појавува и на „Октобарски салон“ во Белград. Член е на ДЛУМ  од 1967.

    На студиски престои бил два пати во Париз, во СССР и во Чешка.

    Франговки е застапен во југословенската едиција „Сликарство на 20 век“, во колекциите на македонските водечки установи од областа на современата уметност, во 1990 ја основа Ликовната колонија „Галичник“ со интернационален карактер. Има реализирано над 20 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Струмица, како и во Бор, Белград, Нови Сад, Рим, Сараево, Париз, Нирнберг, Истанбул, а учествувал на огромен број групни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство. Добитник е на поголем број награди во времето на Југославија, а потоа и во независна Македонија.

    Комеморативна седница во негова чест ќе се одржи во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам в понеделник во 11 часот, а погребот ќе биде во 14 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира