ПРАШАЈТЕ ЈА ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА ЗОШТО НЕ СЕ ОТКРИВА КОЈ ПРИСЛУШУВАЛ, ИМ ПОРАЧА ЈАНЕВА НА ПРАТЕНИЦИТЕ

8273
Фото: Ѓ. ЛИчовски
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го обвини Основниот суд Скопје 1 дека го одолговлекува случајот „Пуч“ и не дозволува да се открие кој прислушувал илјадници граѓани во Македонија од 2008 до 2013 година.
На седницата на Комисијата за политички систем на која трети ден се расправа за шестмесечниот извештај на СЈО таа изнесе хронологија со датуми како шест месеци Основниот суд Скопје 1 го блокирал почнувањето на случајот „Пуч“.
Откако ги прочита сите барања од СЈО и одбивања на Кривичниот суд да и ги даде на Јанева доказите за „Пуч“ по датуми, за да може таа да ги проучи и за да може да почне конечно судењето за овој случај, специјалната обвинителка го прочита и решението на Апелациониот суд Скопје од 7 април годинава, со кое носи одлука да му се дадат доказите на СЈО и во кое го поучува Основниот суд Скопје1, како што рече Јанева, дека немал законска основа да се повикува на обврската на Обвинителството на Марко Зврлевски и на Јован Илиевски за чување на класифицираните информации.
„Но и по оваа одлука Основниот суд Скопје 1 ни ги достави доказите дури на 30 јуни годинава. Толку биле обемни доказите кои не ги давал Кривичниот суд, што на СЈО му требале две недели да ги фотокопира“, рече таа.
“Затоа ве молам прашајте ја претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова и Судскиот совет, кој е виновен што не почнува судењето за „Пуч“, кое треба да одгатне кој прислушувал масовно во Република Македонија“, упати Јанева.
Јанева, одговарајќи му на пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ врз кои докази е пуштен од притвор Зоран Верушевски и врз кои докази во домашен притвор бил битолскиот градоначалник Владимир Талевски рече дека за притворите одлучува судот, а не обвинителот.
“Специјалното обвинителство како и секое друго обвинителство преку докази бара притвор, или бара ослободување на некое лице од притвор, а Судот е тој, што врз база на тие докази става некого во притвор, или ослободува од притвор. Судот му одреди мерка притвор на градоначалникот на Битола Владимир Талески и за тоа сме му многу благодарни. Судот е тој што го ослободи од притвор Зоран Верушевски“, му одговори специјалната обвинителка Катица Јанева на пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски.
Таа и на денешното продолжение на комисиската расправа за 6-месечниот извештај, потсети на меѓународните конвенции што ги потпишала РМ и со кои се обврзала мерката притвор да трае што е можно помалку.