ПРЕДМЕТИТЕ ЗА ГРУЕВСКИ И ГРУЈОВСКИ СЕ РАСПРЕДЕЛЕНИ ЕЛЕКТРОНСКИ, ТВРДИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ КАРАЏОВСКИ

    ПРЕДМЕТИТЕ ЗА ГРУЕВСКИ И ГРУЈОВСКИ СЕ РАСПРЕДЕЛЕНИ ЕЛЕКТРОНСКИ, ТВРДИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ КАРАЏОВСКИТатјана Михајлова и Лидија Петровска се имињата на судијките кои ќе одлучуваат дали Никола Груевски, Миле Јанакиески и Горан Грујовски ќе седнат на обвинителни клупи. - Претседателот на Судски совет Зоран Караџовски (Фото: СДК.МК)

    Предметот за нарачаните насилства во Општина Центар и за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски, каде прво и второобвинети се експремиерот Никола Груевски и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, како и предметот за незаконското ништење на списите од прислушуваните разговори каде првообвинет е ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, се распределени електронски, а не рачно и со местенки, тврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски.

    “Веднаш откако беа распределени предметите и откако се дигна врева во јавноста зошто се паднале кај судиите Татјана Михајлова и Лидија Петровска, од тука, од мојата канцеларија влегов во АКМИС системот, кој ми овозможува во секој момент да влезам и да проверам во секој суд како се распределуваат предметите. Системот открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Така е направен со американска стручна помош. Овие два предмета се распределени електронски, видов и немам сомнеж во тоа“, вели претседателот на Судскиот совет.

    Тој предупредува дека ако некој претседател на суд во контролите биде фатен дека рачно ги распределува предметите, прави местенки со електронската распределба преку т.н. исклучување на судии за да се намали бројот на списокот кога во даден ден треба да се распределат одредени предмети или предмет, тоа се смета за сериозен прекршок, основ за разрешување од функцијата.

    Татјана Михајлова и Лидија Петровска се имињата на судијките кои ќе одлучуваат дали Никола Груевски, Миле Јанакиески и Горан Грујовски  ќе седнат на обвинителни клупи.

    Судијката Михајлова е позната по тоа што го водеше случајот Ликвидација, во кој првично на затворска казна од 4 години и 6 месеци беше осуден новинарот Томислав Кежаровски, а подоцна Апелација му ја симна на 2 години. Името на судијката Петровска се спомнуваше во прислушуваните телефонски разговори кога нејзина колешка озборуваше дека си го купила местото со подарување накит „сваровски“.

    Поради ова, Специјалното јавно обвинителство побара изземање од случајот палење на списите за прислушуваниот материјал, каде покрај Грујовски обвинети се уште шестмина вработени во Петтата управа. СЈО соопшти дека побарало изземање „бидејќи „постојат околности кои предизвикуваат сомневање во нејзината непристрасност во донесување на одлука, од причини што истата судијка се јавува во содржината на јавно објавените незаконски прислушувани разговори“.

    Се чека одлука на Советот во Основниот суд Скопје 1 за барањето за изземање.

    Караџовски вели дека официјално во Советот нема стигнато претставка од Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за некого од Кривичниот суд, за случаите што ги води СЈО и за кои во јавноста постојано известува дека се соочува со сопки и блокади од Основниот суд Скопје 1. Таа пред Комисијата за политички систем го обвини судот дека намерно го кочи случајот „Пуч“.

    „Ве молам прашајте ја претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова и Судскиот совет, кој е виновен што не почнува судењето за „Пуч“, кое треба да одгатне кој прислушувал масовно во Република Македонија“, им се обрати Јанева на пратениците во петокот.

    Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Советот нема да се меша додека не добие претставка.

    „Судскиот совет ги следи и преписките на Основниот суд Скопје 1 и СЈО, кое тврди дека Основниот суд Скопје 1 го блокира судскиот процес за „Пуч“,  но нема да се меша, бидејќи нема ингеренции. Таму одлучува Апелациониот суд Скопје. Нашата надлежност е да покренеме постапка, во случај СЈО да поднесе претставка до Советот за утврдување факти против одредени судии во постапката за овој случај. Затоа, мислам дека Судскиот совет непотребно се спомнува на комисиската работа во Собранието, на која се разгледува шестмесечниот извештај на работата на СЈО“, вели Караџовски.

    На упорните прашања од пратениците од власта зошто уште не се знае кој прислушувал во Македонија, Специјалната обвинителка Катица Јанева вчера изнесе хронологија со факти како била блокирана за овој случај од Основниот суд Скопје 1. Таа обвини дека Судот го блокира почетокот на судењето за „Пуч“, кој треба да разјасни кој го вршел масовното прислушување и за какви цели.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира