РАЈСКАТА ГРАДИНА ВО АЕРОДРОМ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ГИ ЧЕКА ИЗБОРИТЕ, ОГЛАСОТ ПОНИШТЕН

    РАЈСКАТА ГРАДИНА ВО АЕРОДРОМ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ГИ ЧЕКА ИЗБОРИТЕ, ОГЛАСОТ ПОНИШТЕНРајската градина требаше да се гради покрај кејот на Вардар во населбата Ново Лисиче од Куќата на фудбалот на ФФМ до куќите во Горно Лисиче, на површина од 10 хектари.

    ЕЛЕМ го поништи огласот за Рајската градина во Аеродром. Понудите што ги добиле за паркот биле прифатливи, но не можеле да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди.

    „Јавната постапка за избор на изведувач за изградба на Рајски парк е поништена поради процедурални причини. АД Електрани на Македонија нема финансиски импликации кон други субјекти поврзани со овој предмет, а низ органите на Компанијата дополнително ќе се одлучува околу понатамошните активности и идниот статус на проектот“, изјавија од ЕЛЕМ.

    Една од причините за поништување на огласот, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, се претстојните предвремени парламентарни избори кои треба да се одржат на 11 декември.

    Рајската градина треба да се гради покрај кејот на Вардар во населбата Ново Лисиче од Куќата на фудбалот на ФФМ до куќите во Горно Лисиче, на површина од 10 хектари. Изградбата без ДДВ, според објавениот оглас ќе чини 14,5 милиони евра без ДДВ, односно 900 милиони денари сума на која треба да ѝ се додаде данокот на додадена вредност.

    Во паркот е предвидено да шетаат елени, срни, ретки видови птици, фазани, пауни, а среде паркот треба да има голем кафез со мајмуни. Предвидени се изградба на вештачко езеро со мостови, бродска куќа со ресторан, фонтани, плоштади, пристаниште за педалини, чешми, живеалишта за животните, ветеринарна станица, едукативно катче за деца, посебен простор за пикник на отворено и ред други содржини.

    Паркот излезе како идеја од седница на Владата во 2012 година кога беше најавено дека заеднички ќе го градат Владата и Општина Аеродром. Општина Аеродром ги избра Никола Стакинов и Лазар Димов кои за 114.000 евра го направија проектот, но годинава тендер за изградба на Рајскиот парк распиша „Електрани на Македонија“ кои ја добија обврската да го изградат.

    Во мај 2014 година, беше најавено дека тендерот за избор на фирма ќе биде објавен во јуни, а изградбата на паркот ќе почне до крајот на летото.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира