СЕАД КОЧАН НЕ ОДИ ВО ПРИТВОР, ДАЛ ГАРАНЦИЈА ОД МИЛИОН ЕВРА

    СЕАД КОЧАН НЕ ОДИ ВО ПРИТВОР, ДАЛ ГАРАНЦИЈА ОД МИЛИОН ЕВРАКочан на 1 март дојде на распит во Судот за случајот „Труст“ придружуван од адвокатот Никола Додевски, кој го застапува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во случаите на СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Осомничениот бизнисмен Сеад Кочан кого кривично го гони Специјалното јавно обвинителство, според втората одлука на Основниот суд Скопје 1 донесена вчера, нема да добие мерка притвор. Судијата на претходна постапка одлучил да ја прифати понудената гаранција од Кочан од милион евра дека ќе остане во Македонија и нема пак да избега. Како мерка за обезбедување на присуството во постапката што се води против него, судијата му ја одзел патната исправа.

    Специјалното обвинителство, според сознанијата на САКАМДАКАЖАМ.МК ќе ја обжали оваа најнова одлука на судијата на претходна постапка од кривичниот суд. Вчера обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски изјави дека се сомнева во лекарскиот извештај што го приложила одбраната на Кочан дека има влошена здравствена состојба.

    Сепак Бубевски за многу посуштински проблем го потенцираше однесувањето и одлуката на петчлениот кривичен совет на Врховниот суд, раководен од претседателот Јово Вангеловски, кој не дозволи одлуката за притворање на Кочан да биде извршна. Според него, требаше според Законот за кривична постапка одобрувањето на мерката притвор да си остане во сила или да се изврши веднаш штом ќе се врати од бегство, а во меѓувреме осомничениот да си тера жалбена постапка, па ако ја добие жалбената постапка, дури потоа да биде пуштен да се брани од слобода. Место тоа, Вангеловски направи преседан и првин го ослободи Кочан од притвор, по што тој веднаш се врати од бегство.

    СЈО на 25 февруари отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.

    Кочан, според граничната полиција, излегол од Македонија, т.е. побегнал веднаш штом му беше одредена мерката притвор пред два месеца и 10 дена, иако неговиот адвокат Никола Додевски цело време тврдеше дека заминал на службен пат пред да му биде одреден притворот и затоа тоа не било бегство.
    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира