СИНОТ НА АЛЕКСАНДРА ЗАФИРОВСКА ОД СУДСКИОТ СОВЕТ НАЗНАЧЕН ЗА НОТАР ВО СПОРЕН ОГЛАС

3387
Во „бомбите“ што ги објави опозицијата беше и телефонски разговор на тогашната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска со Ленче Самарџиска, секретарката на тогашниот премиер Никола Груевски, за да го информира за огласот за судии што го објавил Судскиот совет (Фото: СДК.МК)

Синот на Александра Зафировска, експретседателка и актуелен член на Судскиот совет Симон Зафировски, добил решение за почеток со работа како нотар. Симон Зафировски е втор на листата со 26 нотари на кои Нотарската комора им ги дала решенијата, а кои на 20 декември се објавени во Службен весник на РМ.

Во списоците кои се објавени на веб-страната на Министерството за правда на тие што претходно го положиле нотарскиот испит, го нема Зафировски во објавите пред октомври годинава. Извори од Министерството за правда за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдат дека Зафировски се пријавил на спорниот конкурс за именување на нотари, кој министерот за правда Валдет Џафери од ДУИ го објави на 17 октомври, токму на денот кога се распушти Собранието на РМ. Станува збор за конкурс за именување на шест нотари и тие, според извадокот во Службениот весник, се веќе со решенија за работа.

Но, Антикорупциската комисија, и покрај иницијативата поднесена од СДСМ, до денеска не се изјасни за овој незаконски оглас.

Во „бомбите“ што ги објави опозицијата беше и телефонски разговор на тогашната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска со Ленче Самарџиска, секретарката на тогашниот премиер Никола Груевски, која го бара да го информира за огласот за судии што го објавил Судскиот совет.

Разговорот во оваа „бомба“ одеше вака:

„Зафировска: Ало?

Ленче: Ало, добар ден. Александра, Ленче е. Сте ме барале, ми кажаа колешките. Зафировска: Да, моменат само. Вака… Се договоривме на минатиот состанок, да го известам премиерот, кога ќе распишам оглас, значи, пред да распишам оглас за судии. Ленче: Добро.

Зафировска: Значи, да го известите дека ќе распишам оглас за двајца судии на Апелација Скопје, за претседател на Основен суд Скопје I, и за претседател на Основен суд Кратово.

Ленче: Во ред.

Зафировска: Значи, ќе следи оглас за овие места“.

Потоа, во друга бомба, во разговор меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, таа го информира дека кандидатката за судија Лидија Петровска (од бомбите позната и како „сваровски судијка“) сигурно е предложена за избор преку Александра Зафировска.

С. К. ДЕЛЕВСКА