СООБРАЌАЈОТ ОТЕЖНАТ ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ, ЗАБРАНА ЗА ТЕШКИ ВОЗИЛА НА НЕКОЛКУ ПРАВЦИ

186
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. - Чистење на улиците во Скопје (Фото: СДК.МК)

Забрани за сообраќај на тешки товарни возила има на патните правци Маврово-Дебар, Кочани-Делчево-граничен премин Делчево и Берово-Виница-Кочани, а за другите возила задолжително е користење на зимска опрема, соопшти утрово Автомото-сојузот на Македонија.

Оттаму информираат дека забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец од Дојранска раскрсница-Дојран од 8 часот утрово е укината.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на места со остатоци од снег на коловозот, по интервенција на дежурните екипи од „Македонија пат“. Поради ниска температура, на места е можна појава на голомразица.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани-Македонска Каменица-Делчево, Виница-Берово, Гостивар-Стража, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Катланово-Велес, Крушево-Демир Хисар и Ресен-Буково.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од земјава (оваа информација се однесува само за македонската страна на премините).

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Времето денеска ќе биде студено и умерено до значително облачно. Во Крива Паланка и во Битола ќе има слаби врнежи од снег. Ќе дува слаб северен ветер.

Во јужните делови денеска времето ќе биде претежно облачно со локален слаб снег. Во северните делови ќе има намалена облачност и ќе преовладува умерено облачно време. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Максималната температура ќе се движи од минус 9 до минус 3 Целзиусови степени.

Најмногу снег има во Маврово, 68 сантиметри, во Лазарополе има 44 сантиметри, 43 во Пожаране, а 38 сантиметри во Берово.

Најниската температура беше измерена во Битола, минус 22 Целзиусови степени, а во Тетово и во Маврово беа измерени минус 20 степени.

Во Скопје ќе биде умерено облачно со слаб североисточен ветер. Максималната температура ќе достигне до минус 6 Целзиусови степени.