СУДОТ МУ ДАВА ВТОРА ШАНСА НА КОЧАН ДА НЕ ИЗБЕГА НА СЛУЖБЕН ПАТ

    СУДОТ МУ ДАВА ВТОРА ШАНСА НА КОЧАН ДА НЕ ИЗБЕГА НА СЛУЖБЕН ПАТСпецијалното јавно обвинителство на 15 март, пред да биде потврдена одлуката за притвор, во Апелациониот суд Скопје кажа дека осомничениот Сеад Кочан заминал на службен пат еден ден откако Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор за случајот „Труст“. - Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски и осомничениот Сеад Кочан (Фото: СДК.МК)

    Судијка на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 денеска ќе треба одново да решава дали ќе му даде притвор на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, кој им докажа на судијката, Основниот суд Скопје 1, Специјалното јавно обвинителство, Апелациониот суд, Врховниот суд и на целата јавност дека кога сака може да избега од Македонија.

    Ова е еден од најапсурдните судски предмети, велат судиите во Основниот суд Скопје 1 за САКАМДАКАЖАМ.МК. Ова е првпат осомничен кој еднаш им избегал на истрагата и на Основниот суд Скопје 1 кој по него распиша потерница, по два месеца во бегство да не е „казнет“ со продолжување на мерката притвор. Така досега се постапуваше со сите побегнати осомничени и обвинети, за кои судот распишал потерница, велат судиите.

    Место избеганиот Кочан да биде санкциониран за бегството, на иницијатива на државниот обвинител Марко Зврлевски и на Никола Додевски, кој е адвокат на Сеад Кочан, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски му го укина притворот и случајот го врати на повторно одлучување пред кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

    Пред два дена, нов кривичен совет направен по новиот распоред на претседателот на Скопска единица Стојанче Рибарев, место да одлучи по вторпат за притворот на Кочан, се отараси од проблемот и случајот го врати на почетна точка, кај судијата на претходна постапка. Врховниот суд напиша дека повредите на постапката кога му бил даден притворот на Кочан биле направени во кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, а не кај судијата на претходна постапка.

    В џеб сега одбраната на Сеад Кочан има лекарска потврда од Клиниката за кардиологија дека има компликации со срцето. Од саботата, веднаш по одлуката на Врховниот суд да му се укине притворот, Кочан е вратен во Македонија и по испитувањата, како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК, задржан на Клиниките. Со ова уверение, одбраната ќе поткрепува дека Кочан не може да издржува мерка притвор во Шутка, велат нашите извори. Ќе се обидат ако можат на име на здравствената состојба да му извлечат барем куќен притвор.

    Специјалното јавно обвинителство на 15 март, пред да биде потврдена одлуката за притвор, во Апелациониот суд Скопје кажа дека осомничениот Сеад Кочан заминал на службен пат еден ден откако Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор за случајот „Труст“. Тоа беше на седмиот ден од службениот пат на Кочан, кога обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски тврдеше дека тој е избеган и никој не знае каде е.

    „Сеад Кочан го нема. Избеган е. Седум дена никој не знае каде е. И не отишол на службен пат пред да му биде изречена мерката притвор, туку ден по одредувањето. На 9 март”, кажа Бубевски пред Апелациониот суд.
    Обвинителите на СЈО Гаврил Бубевски и Артан Ајро уште тогаш предупредија дека има опасност од бегство на осомничениот, бидејќи е имотен човек и може да обезбеди престој во странство по бегството. Казната за делото за кое е осомничен е над 5 години затвор, а тоа дека му ги дал на СЈО сите барани документи од неговата фирма „Трансмет“, за истрагата за случајот „Труст“, не ја елиминира опасноста од бегство.
    Според нив, постои опасност од попречување на истрагата од страна на Кочан, зашто допрва ќе се вештачи финансиското работење на „Трансмет“.

    Одбранатa на Кочан во жалбата пред Апелациониот суд наведе дека медиумите прават невидена хајка против осомничениот Сеад Кочан дека е во бегство, а тој е на службен пат, за што достави тогаш патен налог како доказ. Според одбраната, изрекувањето на мерката притвор за Кочан е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и слободи.

    СЈО на 25 февруари отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.

    Фетаи кажа дека меѓу доказите се три прислушувани телефонски разговори, од кои два не се објавени во јавноста. Тендер за ископ на јаглен, каков што е под истрага во „Труст“, се споменува во разговорот меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ Владо Чинговски, објавен во 14. бомба на опозицијата. Во разговорот, Груевски му кажува на Чинговски дека „се сретнал со кратовчанецот и со тој што има кола „сеат ибица“ и го советува директорот на ЕЛЕМ „да ја организира работата и да се сите задоволни“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира