СУДОТ НЕ ГИ ОДЛОЖИ ИЗБОРИТЕ ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА, ТУЖИТЕЛИТЕ СО ЖАЛБА ДО АПЕЛАЦИЈА

    СУДОТ НЕ ГИ ОДЛОЖИ ИЗБОРИТЕ ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА, ТУЖИТЕЛИТЕ СО ЖАЛБА ДО АПЕЛАЦИЈАВо тек се избори за делегати на општинските одбори и за членови на Собранието на комората, кои потоа ќе го бираат новото раководство.

    Основниот суд Скопје 2 не донесе времена мерка за одложување на изборите за ново раководство во Лекарската комора. Тројцата лекари кои поднесоа тужба до граѓанскиот суд и бараа да се одложат изборите за да се поништи новиот статут по кој тие се спроведуваат, бидејќи е донесен без потребното двотретинско мнозинство, најавија дека оваа одлука на Основен суд Скопје 2 ќе ја обжалат на Апелација.
    Денеска во тек се избори за делегати на општинските одбори и за членови на Собранието на комората. По завршување на изборите и по верификација на мандатите на членовите на собранието, тие ќе изберат претседател на Лекарската комора.

    „Вчера утро ја добивме одлуката од судот, кој се изјасни негативно, односно не го уважи нашето барање за донесување времена мерка да се одложат изборите. Денеска во тек се изборите. Но, ние сметаме дека оваа одлука не е во ред и ќе ја обжалиме до Апелациониот суд“, вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари и еден од тројцата делегати од Комората кои бараа одложување на изборите.

    Таа објасни дека смета дека новиот статут на Комората е донесен нелегитимно, бидејќи за него не било обезбедено потребното двотретинско мнозинство.
    „Собранието има 67 делегати, а на седницата беа присутни 42 делегати. На самото гласање за новиот статут гласаа само 27 делегати, односно тој е донесен без потребното двотретинско мнозинство. Како еден од основачите на лекарската комора не можев да го премолчам ова и заедно со уште двајца колеги поднесовме тужба“, рече д-р Чолакова Дервишова.

    Според неа новиот статут е спорен од повеќе аспекти и смета дека со него еснафското здружение ќе ја изгуби својата улога да ги штити интересите на лекарите.
    „Со досегашниот статут на извршни и раководни места во Комората некој лекар можеше да биде најмногу два мандати. Со новиот сега е сменето тоа да биде неограничено. Со новиот статут определени се делегати и од приватните лекари, но само во Скопје. Тоа значи дека во Скопје на едно место се гласа за приватни лекари, кои ќе бидат делегати во општинските одбори и собранието, а на друго место лекарите од јавно здравство. Во другите делови од земјата листите за приватни и за лекари од јавно здравство се заеднички. Сметаме дека со тоа се прави дискриминација. Со новиот статут е предвидена рамноправна застапеност од 20 отсто според етничкото потекло. И ова не е во ред, бидејќи ова е еснафско здружение, и тука треба да не води професионалноста, а не политиката“, рече д-р Чолакова Дервишова.

    Според неа новиот статут е нелегитимен, и затоа што на досегашниот состав на собранието на Комората веќе една година му е истечен мандатот.
    „Избори за членови на општински одбори, на Собрание и за претседател на Комората требаше да има лани во април, оти мандатот од четири години тогаш истече. Цела година овие тела функционираат со истечен мандат. Претходно пет години ништо не сработија и еден ден пред распуштање на собранието донесоа нов статут. Од друга страна Собрание со истечен мандат за да може да заседава Извршниот одбор на Комората треба да му го продолжи мандатот. Таква одлука не е донесена, не е воена состојба за да му го продолжуваме мандатот“, вели Чолакова Дервишова.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира