СУДСКИОТ СОВЕТ ИМ ГИ ИЗРАМНИ ОЦЕНКИТЕ НА ПАНЧЕВСКИ И НА ЏОЛЕВ, НО НА ВТОРИОТ МУ СКРАТИ БОДОВИ ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СУДСКИОТ СОВЕТ ИМ ГИ ИЗРАМНИ ОЦЕНКИТЕ НА ПАНЧЕВСКИ И НА ЏОЛЕВ, НО НА ВТОРИОТ МУ СКРАТИ БОДОВИ ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

     

    На досегашниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски од Судскиот совет му е поправена тројката од 2014 година, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. На седницата во петокот, Судскиот совет констатирал дека е завршено вонредното оценување на Владимир Панчевски и на неговиот противкандидат Иван Џолев. Неофицијално, на Џолев, кој му поднесе кривична пријава на Панчевски за незаконито влијание врз судија и за поткуп, а која Скопското обвинителство на Марко Зврлевски ја отфрли како неоснована, со вонредното оценување задржана му е четворката (која е највисока оценка во рангирањето), но намалени му се бодовите. Сега со Панчевски имаат иста, највисока оценка, но Џолев има помалку бодови, поради што најавува жалба против одлуката на Судскиот совет.

    Судскиот совет при вонредното оценување на двајцата кандидати за претседател на најголемиот суд, меѓутоа, не ги зел предвид обвинувањата против Панчевски дека многу често во текот на оваа година го менувал Годишниот распоред за работата на судиите, само заради неколкуте предмети  што ги води Специјалното обвинителство, што е недозволиво ни со законот, ни со судскиот деловник.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека Врховниот суд на општа седница, на која гласаат сите врховни судии, само во изминатите месеци пет пати му поништил на Панчевски одлуки за Годишниот распоред или одлуки за измена на Годишниот распоред за работата на судиите во Кривичниот суд. Врховните судии објаснуваат дека уважените приговори биле поднесени од пет судии од Основниот суд Скопје 1. Меѓу нив има судии кои кренаа бунт против Панчевски и отидоа да кажат во Судскиот совет кои неправилности, според нив, ги вршел во четиригодишниот мандат, а особено оваа година, која СЈО ги отвори истрагите пред овој суд.

    Судскиот совет при оценувањето не го зел предвид ни фактот дека врховните судии на општа седница донеле одлука судијата Весна Димишкова, која издаде наредба специјалната обвинителка Катица Jанева да влезе во УБК и да изврши претрес на архивата и на системот за следење на комуникациите, да биде вратена во одделот за организиран криминал. По наредба на Панчевски, таа од судија во одделот за организиран криминал и корупција, била преместена во обична истрага во кривичниот оддел.

    Панчевски и Џолев ги чека и друго оценување, од околу 400 вработени во Основниот суд Скопје 1. Судиите, судската администрација, стручните служби, па дури и куририте и хигиеничарките, преку интерна анкета што треба да ја спроведе в.д. претседателката Татјана Михајлова, треба да ги оценат како работеле двајцата кандидати изминатите 4 години. Џолев, иако е деградиран од Панчевски од судија кривичар во судија за прекршоци, сепак работи во зградата на Кривичниот суд, па оттаму обата кандидата за претседател на судот им се добро познати на вработените .

    Дел од вработените против  Панчевски поднесоа кривична пријава за противзаконско спроведување на оглас за работа, за која Обвиниотелството уште не се изјаснило. Пред Советот за утврдување на факти за разрешување на судија е и претставката на Џолев против Панчевски, но и на 15-темина судии од Основниот суд Скопје 1 кои се побунија и му поднесоа претставка за  злоупотреба на официјалната веб страна на Кривичниот суд за лична пресметка со колегата Џолев, за нарушување на угледот на Судот, за честото менување на годишниот распоред за работата на судиите од негова страна и поради други забелешки против него.

    Советот разгледува и претставка за разрешување на судијата Иван Џолев поднесена од Владимир Панчевски, а откако му поднесе контракривична пријава за лажно пријавување дека вршел незаконито влијание, пријавата против Џолев  е процесирана и е отворен предмет против него во Скопското обвинителство.

    Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски потврди дека нивниот дел со вонредното оценување е завршен, рече дека ни овојпат Судскиот совет нема јавно да кажува кој судија каква оценка добил поради тајноста на оценувањето, и оти поради роковите за жалба на добиените оценки и бодови и жалбената постапка пред второстепена комисија, идната недела нема шанси да се врши избор на претседател на Основниот суд Скопје 1.

    С. К. Делевска

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира