ТОДОРОВ СКРАТИ МИЛИОН ЕВРА ЗА НАБАВКА НА ИНСУЛИН

    ТОДОРОВ СКРАТИ МИЛИОН ЕВРА ЗА НАБАВКА НА ИНСУЛИНВо земјава има околу 180.000 пациенти со дијабетес, а од нив од 35.000 до 40.000 се на инсулинска терапија, а Министерството за здравствоза над милион евра го намали буџетот за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер;- Центарот за дијабетес во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија јавно го прашува Министерството за здравство зошто минатата недела го намалило буџетот за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер за над милион евра. Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, вели дека на 3 април во Службен весник излезена е измена на Програмата за контрола на дијабетесот за 2017 година, со која вкупната сума за набавка на потребните лекови и помагала за дијабетичари е намалена од 620 милиони денари на 558 милиони денари, односно е намалена за 62 милиони денари или за скоро милион евра.

    „И ние сме затекнати од оваа одлука на Министерството. Ниту не консултирале, ниту ни кажале дека планираат да го намалат буџетот за набавка на инсули, игли и ленти за шеќер. Денес и официјално побаравме објаснување од министерството за здравство, да каже зошто го намалува буџетот и дали тие пари ќе бидат доволни за набавка на инсулин“, вели Киров.

    Тој вели дека на ниво на држава има околу 180.000 пациенти со дијабетес, а од нив од 35.000 до 40.000 се на инсулинска терапија.

    „Според кои критериуми и параметри е направено намалувањето? Која комисија и кои експерти ги консултиравте за да донесете ваква одлука? Кога го гласавте буџетот за истите, на 17.10.2016, го земавте ли во предвид фактот дека инциденцата е 10 отсто годишно? Или можеби кај нас имаме обатен процес? Вака ли ќе имплементираме иновативни терапии за лицата со дијабетес, со намалување на буџетот? Зошто не се консултиравте со нас, пациентските здруженија, да прашате дали имаме проблеми и потешкотии со инсулинската терапија и со лентите за контрола на шеќерот? На сите овие прашања очекуваме издржан одговор, поткрепен со факти, не со претпоставки“, стои во фејсбук објавата на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

    Од Mинистерството за здравство велат дека во континуитет ги следат импликациите на постигнатите цени на јавната набавка за инсулин и роковите за доспевање на фактурите и врз основа на тоа вршат соодветно репрограмирање на средства во рамки на Програмата за инсулин. Според министерството, тоа е нормална процедура во финансиското работење и тоа значи дека до крај на годината има доволно средства за да се покријат потребите на сите пациенти на инсулинска терапија.

    „Во земјава има 40.000 пациенти со дијабетес на инсулинска терапија. Обезбедена е инсулинска терапија за сите постојни и новодијагностицирани пациенти, а во предвид е земено и зголемувањето на инсулинските дози што неминовно се случува кај најголемиот број пациенти на инсулинска терапија. Пациентите за кои е потребна инсулинска терапија се поставуваат веднаш, односно нема никакво чекање”, изјавија од Министерството за здравство.

    Министер за здравство сè уште е Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ кој сега е и пратеник.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира