ВО АВТОБУСОТ ШТО ИЗЛЕТА ИМАЛО САМО ЕДЕН ВОЗАЧ

    ВО АВТОБУСОТ ШТО ИЗЛЕТА ИМАЛО САМО ЕДЕН ВОЗАЧОд Асоцијацијата на превозници на Македонија-Исток велат дека вакви случаи, превозникот да тргнува на пат со еден возач не се ретки. - Превртениот автобус кај велешката патарина (Фото: МИА)

    Автобусот на „Бус Травел“ кој вчера излета од патот кај велешката патарина, имал само еден возач, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Во автобусот немало двајца возачи кои би се менувале, како што предвидува Законот за работно време на возачи во патен сообраќај.

    Неофицијално, возачот на автобусот и во саботата имал организиран превоз на патници, а во неделата тргнал да ја зема групата туристи кои преку туристичката агенција „Савана турс“ биле на одмор во туристичкото место Пефкохори, на првиот крак на Халкидики.
    Од Асоцијацијата на превозници на Македонија-Исток велат дека вакви случаи, превозникот да тргнува на пат со еден возач не се ретки.

    „Постојано на состаноците кои ги имаме во Асоцијацијата апелираме да се почитува правилникот односно да има по двајца возачи во автобус. Дури автобусот не смее да премине ни граница ако ги надминал дозволените часови за возење. Цариникот треба и тоа да го провери“ вели Горан Трповски, претседател на Асоцијацијата на превозници на Македонија-Исток.

    Јавното обвинителство соопшти дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес синоќа изврши увид на лице место на автопатот Велес-Скопје каде што се случи тешка сообраќајна несреќа во која туристички автобус излета од патот и се преврте, при што загина една жена, а други 27 се повредени.
    „Причините за несреќата се утврдуваат. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа и започна прибирање на трагите пронајдени на лице место. Со оглед на тоа што синоќа временските услови и видливоста на теренот не дозволуваа ова целосно да биде завршено, локацијата се обезбедуваше во текот на ноќта, а утрово продолжи прибирањето на материјалните траги од внатрешноста на автобусот и се врши вонреден технички преглед на возилото“, соопшти обвинителството.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира