ВРЕМЕ Е ЗА ЕДИНСТВО ЗА НАПРЕДНА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ БЕЈЛИ НА ПРОСЛАВАТА ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА САД

    ВРЕМЕ Е ЗА ЕДИНСТВО ЗА НАПРЕДНА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ БЕЈЛИ НА ПРОСЛАВАТА ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА САДНа приемот присуствуваа и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери, a oд опозицијата дојдоа само само ексминистерот за финансии Кирил Миноски и Виктор Мизо од ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ (Фото: СДК.МК)

    Време е да се надминат разликите и да се оди напред, рече американскиот амбасадор Џес Бејли на вечерашната прослава на 241-та годишнина на независноста на САД, во амбасадата во Македонија. Тема на неговиот годинашен говор за Денот на независноста – 4 Јули беше градењето мостови, како што рече, како „моќна метафора што значи поврзување и напредок“.

    „Темата, исто така, се чини соодветна за овој момент во Македонија. Време е да се гради единство меѓу партиите и заедниците за да се постигне заедничка цел – сигурна, просперитетна и демократска Македонија, која се движи кон членство во НАТО и во ЕУ. Тоа значи и отворање кон соседите, надминување на разликите и зајакнување на регионалната соработка – понекогаш буквално преку изградба на мостови и друга инфраструктура“, рече Бејли.

    На приемот присуствуваа и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери, министри, градоначалници, дипломати и традиционално бројни претставници на политичкиот, јавниот и културен живот на Македонија. Oд опозицијата дојдоа само само ексминистерот за финансии Кирил Миноски и Виктор Мизо од ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

    Бејли рече дека за темата мостови се инспирирал од мостот Реблинг во неговиот роден град Синсинати, кој преку реката Охајо поврзува две држави – Охајо и Кентаки. Кога бил пуштен пред 150 години бил најдолгиот мост во САД и ја обединил земјата опустошена од Граѓанската војна – ги споил Северот и Југот, слободната земја и земјата на робовите.

    „‘Градење мостови’ значи да ги здружиме луѓето, да ги надминеме разликите и да одиме напред. И ја гледам амбасадата на САД како еден таков мост – додека работиме со Македонија и нејзините граѓани врз основа на заеднички вредности за да одиме напред кон заеднички цели. Симболичките мостови што ги градиме меѓу нашите народи преку соработка и размена, исто така, бараат постојана грижа и одржување. Од сите нас. Тоа е она што нè поврза вечерва. И преку партнерствата овде, ние работиме заедно за да изградиме посилна иднина за Македонија, онаа во која нејзините граѓани ги уживаат сите придобивки на демократијата и членството во таа евроатланска заедница“, рече Бејли.

    Дворот на амбасадата  беше украсен со експонати на кои беа прикажани некои од најинспиративните и најубавите мостови од цела САД, а Бејли ги повика гостите да ја искористат можноста да поминат мост – „да направите нова врска или да обновите стара“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира