ЗАЕВ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА СУБРАТА РОЈ КОГА ЌЕ НАЈДЕ 4 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЗАЕВ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА СУБРАТА РОЈ КОГА ЌЕ НАЈДЕ 4 МИЛИОНИ ЕВРАСпомен-плочата на локацијата за споменикот на 25 јануари, 2013 свечено ја открија тогашниот премиер Никола Груевски и индискиот бизнисмен Субрата Рој (Фото: МИА)

    Министерството за култура ќе го догради споменикот на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во Скопје, кога ќе обезбеди околу 4 милиони евра, колку треба да се доисплати за неговата изградба. Досега на фирмата „Бетон Скопје“, која го гради споменикот, исплатени ѝ се само 30 отсто од договорената цена, односно од 5.5 милиони евра колку што чини споменикот, заклучно со 1 јуни, 2017 платени се само 1.7 милиони евра.

    Министерството за култура планира да го доврши споменикот бидејќи, како што велат од кабинетот на министерот Роберт Алаѓозовски, тој е во завршна фаза.

    Споменикот ќе чини 5,5 милиони евра и требаше да биде готов до април, годинава (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Споменикот на Мајка Тереза е веќе готов, останува уште малку работа за да се доврши. Но, годинава нема пари за него ниту во буџетот на министерството, ниту со ребалансот на буџетот на РМ. Во септември кога ќе се прави буџетот за наредната 2018 година, ќе видиме дали ќе се обезбедат пари и за овој проект”, велат од Министерството за култура.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013, го најавија проектот отварајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври, 2015.

    Макета за 32 метри високиот споменик чија изградба почна во октомври, 2015

    Според проектот, споменикот ќе биде објект со тераса и скалеста фонтана направена од карпести површини од травертин, за да личи на природна карпа. Централно, споменикот ќе има ангел со крилја, пониски од него ќе бидат четири ангели што седат и уште четири мали ангели.

    НЕСУДЕНИОТ ПОДАРОК ОД СУБРАТА – СПОМЕНИКОТ МАЈКА ТЕРЕЗА ОД 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ТРЕБА ДА Е ГОТОВ ДО АПРИЛ

    Во фонтаната ќе има скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, чесна сестра со инвалид, чесна сестра со болен што седи, чесна сестра со болен што лежи и чесна сестра со болен што седи на карпа. Споменикот ќе има тераса под која ќе бидат поставени украсни скулптури, целата композиција ќе има високи столбови и украс во форма на пехар.

    Скулптурата на МајкаТереза, болните деца, родителите, ангелите, чесните сестри и сите делови од споменикот ќе бидат сместени на површина од 621 квадратен метар.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира