ПОРАДИ ВМРОВСКАТА БЛОКАДА НА СОБРАНИЕТО ЗВРЛЕВСКИ УШТЕ КОНТРОЛИРА СТОТИНА ПРИПАДНИЦИ НА МВР НА КЛУЧНИ МЕСТА

    ПОРАДИ ВМРОВСКАТА БЛОКАДА НА СОБРАНИЕТО ЗВРЛЕВСКИ УШТЕ КОНТРОЛИРА СТОТИНА ПРИПАДНИЦИ НА МВР НА КЛУЧНИ МЕСТАМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нема право да ги распореди на друго работно место или да ги тргне од некој случај припадниците на МВР ангажирани од Јавното обвинителство без дозвола од државниот обвинител Марко Зврлевски. (Фото: СДК.МК)

    Поради блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ на собранската седница за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски, тој сѐ уште контролира 100-тина припадници на Министерството за внатрешни работи, меѓу кои и раководители на клучни сектори, кои се под надлежност на неговото обвинителство, а не под министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Министерот Спасовски нема право да ги распореди на друго работно место или да ги тргне од некој случај без дозвола од Зврлевски.

    Станува збор за бројка од над 100 полицајци, инспектори и началници, за кои извори од Јавното обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека дел од нив повремено се појавувале во Обвинителството, а поголемиот дел од времето биле на работа во МВР, иако се под ингеренција на Обвинителството.

    Најголем дел од истражителите биле ангажирани од државниот обвинител Марко Зврлевски пред предвремените парламентарни избори во декември 2016 година и остануваат под негова контрола сѐ додека Собранието не го разреши. Кадрите се поставени за раководители од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а за дел од нив можеше да се слушне и во објавените прислушувани разговори од лидерот на СДСМ Зоран Заев.

    Ангажирањето на припадници на МВР за потребите на обвинителството предвидено е според Законот за кривична постапка. Во Законот се вели: „По потреба, заради ефикасно спроведување на кривичната постапка, на јавниот обвинител по негова наредба ќе му бидат доделени на работа службеници од членот 48 точка 1 на овој закон. Службениците доделени на јавниот обвинител исклучиво му се на располагање на јавниот обвинител, работат под негова контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно со неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител. За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети да работат од предметниот случај, без изречно одобрение на јавниот обвинител“.

    Пратениците на мнозинството денеска по осми пат ќе се обидат да ја завршат започнатата маратонска седница за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски. На последното продолжение од собраниската седница, која што беше прекината во средата вечер, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ продолжија со меѓусебните реплики, но за согласување едни со други, поддршка и надополнување, а следеа и контрареплики, пак за согласување, надополнување и поддршка на „репликите”, а речиси никој од говорниците на седницата не се држеше до точката на дневниот ред, разрешувањето на Зврлевски.
    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ распоредени во десет пратенички групи уште на самиот почеток ја блокираа седницата во вторникот за разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски, излегувајќи масовно сите на говорницата пред претседателот на Собранието Талат Џафери, кој го замоли Антонијо Милошоски да ја напушти говорницата и да почека да му даде збор.

    ВМРО-ДПМНЕ бара разрешувањето на Зврлевски да биде ставено во мирување до 16 октомври, по завршувањето на локалните избори, повикувајќи се на член од Изборниот законик, според кој, по распишување на изборите е забрането „да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира