ПРВО РЕИЗБОР НА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕР НА СДСМ, НОВА ВЛАДА ДО ПЕТОК И УКИНУВАЊЕ НА ЕКСТЕРНОТО

    ПРВО РЕИЗБОР НА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕР НА СДСМ, НОВА ВЛАДА ДО ПЕТОК И УКИНУВАЊЕ НА ЕКСТЕРНОТОЛидерот на СДСМ Зоран Заев очекува реизбор на денешниот конгрес пред да стане премиер на Македонија - од конгресот на партијата на 6 ноември минатата година (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев и мандатар за состав на нова влада прво ќе чека да биде реизбран за лидер на партијата на денешниот конгрес, па ќе го соопшти предлогот за новиот владин кабинет, најверојатно в понеделник.

    Извори од мнозинството велат дека претседателот на Собранието Талат Џафери ќе закаже собраниска седница најдоцна во вторник или среда, за да може по дводневна расправа и гласање до полноќ како што е предвидено во собранискиот Деловник, до петок на полноќ да се изгласа новата влада.

    Високи извори од СДСМ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека се брза со формирањето на новата влада за да се фати и рокот за да може да се укине екстерното тестирање на учениците. Тоа како едно од најважните прашања кое се разговарало и на преговорите го најави и мандатарот Заев по завчерашната средба со лидерот на Движењето Беса Биљал Касами.

    “Еден од императивите во овие разговори е ако не бираме влада в понеделник, барем да го укинеме екстерното тестирање. Верувам дека тоа ќе направи една слобода кај нас родителите, наставниците и децата, оти укинување на екстерното тестирање после полагањето на испитите не ја врши својата улога. Тоа не е само наше изборно ветување, туку и на другите партиципиенти во владата. Еве да го сфатиме понеделник и во овој дел како позитивен дел. Јас сум подготвен и в понеделник да дебатираме за влада, ако ги заокружиме преговорите. Од понеделник ќе биде една недела со убави моменти. Верувам дека наредната недела ќе ја добие новата реформска влада“, изјави мандатарот Заев по средбата со лидерот на Движењето Беса, Касами.

    Мандатарот Заев настојува да се договори и со Движењето Беса да влезе во владата за да има стабилно мнозинство од 67 пратеници.

    Сепак нивната средба не донесе напредок во преговорите. И СДСМ и Движењето Беса не откриваат на кое прашање се запнати преговорите. И двете страни останале на своите позиции. Мандатарот Заев рече дека сепак е оптимист и дека разговорите со Движењето Беса продолжуваат и денес по конгресот.

    Од Беса, за да ја поддржат новата влада, бараат од СДСМ во неа да нема осомничени лица и да се вклучи декларацијата што ја потпишаа партиите на Албанците во Македонија. За СДСМ е целосно неприфатливо нивното барање за редефинирање на државата.

    Додека Движењето Беса инсистира на прашања од заедничката декларација што ја потпишаа партиите на Албанците во Македонија, лидерите на ДУИ и на Алијансата за Албанците Али Ахмети и Зијадин Села како први приоритети на новата влада ги ставија враќањето на владеењето на правото, Рамковниот договор и интеграцијата во НАТО и во ЕУ, а не заедничката декларација на Албанците.
    Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера се сретна и со американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли. Партијата соопшти дека Ахмети на Бејли му го повторил ставот на партијата дека приоритети на новата влада ќе бидат: реформа на судството, владеење на правото, интеграцијата во ЕУ и во НАТО, добри меѓуетнички односи, спроведување на Охридскиот договор и економскиот развој на земјата.

    Ахмети на средбата со амбасадорот на САД не ги споменал барањата од заедничката Декларација или Платформа на партиите на Албанците што беше договорена во Тирана и што предизвика голема политичка нестабилност.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира