ШКАРИЌ: ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ Е АТЕНТАТОР НА УСТАВОТ И НОЌЕН ЧУВАР НА ЗГРАДА

„Ако не владее правото, не може да владее ни народот“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК професорот Светомир Шкариќ

    ШКАРИЌ: ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ Е АТЕНТАТОР НА УСТАВОТ И НОЌЕН ЧУВАР НА ЗГРАДАНаместо да го чува правото, Трајко Вељаноски ја чува зградата на Собранието, вели Шкариќ

    „Тоа што Трајко Вељаноски се претставува како претседател на Собранието, не само што е смешно, не само што не е за верување и нема логика, туку тоа е класично узурпирање на Уставот“, вели професорот по Уставно право д-р Светомир Шкариќ за САКАМДАКАЖАМ.МК, коментирајќи го правниот вакуум што се создаде по распуштањето на Собранието без да се распишат избори за нови пратеници.

    Трајко Вељаноски во интервју за ТВ 24 Вести во петокот рече дека ќе ги распише изборите за 5 јуни, но професор Шкариќ тврди дека Вељаноски веќе нема функција претседател на Собранието и неговиот потпис правнички не значи ништо.

    svetomir skarik 01

    Изборите не можат да бидат регуларни затоа што Трајко Вељаноски изврши атентат врз Уставот. Тој веќе не е претседател на Собранието и неговиот потпис за распишување избори е без значење,- проф. Светомир Шкариќ

    Шкариќ објаснува дека претседател на Собрание може да биде само тој што има пратенички мандат. „Бидејќи Вељаноски од 6 април веќе не е пратеник, тој веќе не е ни претседател, па затоа и не може да распишува избори“, вели проф. Шкариќ и прашува: „Што чува господинот Вељаноски сега, откако изврши атентат врз Уставот? Наместо да го чува правото, тој ја чува зградата на Собранието. Значи тој не е само узурпатор на функција која ја добил како пратеник, а тоа веќе не е, туку сега е ноќен чувар на зградата во која што е предвидена таква функција кога би постоело Собрание. Оти сега има само зграда на Собранието, ама Собрание како институција од 6 април нема.“

    Потсетувајќи дека претседателот требаше прво да го потпише решението за избори, а после да го распушти Собранието, професор Шкариќ тврди дека Вељаноски направил класична узурпација на правото.

    „Нема поголема криза од криза на правото. Правото е поважно од демократијата. Ако нема право, нема ни демократија. Ако не владее правото не може да владее ни народот. Така што на овој начин распишани избори не можат да бидат регуларни затоа што немаат значење“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК професор Светомир Шкариќ.

    На прашањето како може да се излезе од  овој правен вакуум, Шкариќ одговара: „Собранието е мртво, така што правна разрешница нема. А за друго, прашајте си некој друг. Јас сум правник.“

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари