ТОДОР ПЕТРОВ И ДУИ СО ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД ЗА ВЕЧНО ВЛАДЕЕЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ

    ТОДОР ПЕТРОВ И ДУИ СО ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД ЗА ВЕЧНО ВЛАДЕЕЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕВладимир Талески ќе влезе во 13. година како градоначалник на Битола ако му биде продолжен мандатот. - Талески во друштво на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска (архивска фотографија)

    Двете иницијативи на министерствата за правда и за локална самоуправа и на Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа со кои се ограничува траењето на мандатот на градоначалниците на 4 години е скандалозна и невидена во демократијата, смета Борче Давитковски, професор по управно право на Правниот факултет  во Скопје.

    Професорот Давитковски во емисијата “Отворено“ на телевизијата 24, вчера рече дека е нонсенс Уставниот суд да одлучува за продолжување на мандатот на локалната самоуправа, а не Собранието. Двете министерства поднесители се предводени од кадри на ДУИ, Валдет Џафери и Ширет Елези, додека претседател на СМК е Тодор Петров.

    Скандалозно и невидено во ниедна демократија е Уставниот суд да решава за продолжување на мандатот на градоначалниците место Собранието, вели професорот Борче Давитковски

    “Министерствата за правда и за локална самоуправа, заедно со ЗЕЛС се договориле со мислење, толкување до кога трае мандатот на локалната самоуправа. А абецеда на студентите од право што им ја предаваме  е дека толкување дава само Собранието. Како може министерство да толкува закони, кога е извршен орган? Мандатот на постоечките градоначалници е до 15 мај. Значи со едно мислење го продолжуваат мандатот. Тоа е незаконски.  Да биде трагедијата поголема, истите тие, ЗЕЛС, покренуваат постапка пред Уставен суд за двата члена што го ограничуваат мандатот на 4 години на Закон што се носи со двотретинско мнозинство, Уставниот суд да ги укине. Уставниот суд цени неусогласеност на Закон со Уставот или  со друг закон. Ако Уставниот суд реагира тој ќе се јави како извор на право, тој ќе го продолжи мандатот на постоечките градоначалници, ако го укине мандатот од 4 години. Само Собранието може со двотретинско мнозинство да го измени Законот за локалната самоуправа, каде ќе рече во вакви ситуации може да се продолжи мандатот до наредните избори. Тоа е скандал, невидено во ниедна демократијата. Уставниот суд е чувар на Уставноста, а не извор на право“, рече Давитковски во „Отворено“.

    Од Министерството за локална самоуправа за медиумите вчера изјавија дека поднеле иницијатива оти во актуелниот Закон за локална самоуправа има само одредби за 4 годишниот мандат, нема ништо што во случај кога мандатот на локалната власт е истечен. Според нив, најдобра варијанта е  Уставниот суд ако ги укине одредбите за ограничување на мандатот, со што ќе ѝ се продолжел мандатот на Локалната самоуправа до одржувањето на новите локални избори.

    „Мандатот на градоначалникот и на советниците  им истекува на 22 март годинава. И ова што е пролонгирано, со измена на Изборниот законик во 2014 година за мај 2017 година, е незаконито. Особено што и сега пак ќе се пролонгираат локалните избори. Дали Собранието ќе се конституира, ќе се избере претседател и работни тела, дали ќе се закажат локални избори, дали ќе се се избере влада, дали ќе може Парламентот да донесе одлука да има и парламентарни избори?… сè тоа е хипотетички, зашто човек сега ништо не знае. Но, во секој случај, имаме тотална блокада на правниот, политичкиот и на уставниот систем“, изјави Давитковски во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК на 7 март.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира