БИТОЛСКИ АКТИВИСТ СО ПЕРФОРМАНС АПЕЛИРА ЗА ПОМОШ НА МАЈКА МУ БОЛНА ОД РАК

    БИТОЛСКИ АКТИВИСТ СО ПЕРФОРМАНС АПЕЛИРА ЗА ПОМОШ НА МАЈКА МУ БОЛНА ОД РАКНикола Шиндре, кој до сабота мора да собере уште 6.000 евра за операцијата на мајка му, а болен од рак беше и татко му, си ја избричи главата и веѓите, се соблече само на влечки какви што се носат во болниците, а на грбот му ги нацртаа оџаците на РЕК и се фотографираше во руинираниот Офицерски дом во Битола (Фото: Фотоалбумот од перформансот на Никола Шиндре)

    Младиот битолски активист Никола Шиндре со жесток, тегобен перформанс отворено проговори за битката со ракот во неговото семејство, која во моментов има драматични размери – до сабота мора да собере уште 6.000 евра за операцијата на мајка му, а болен од рак беше и татко му. Шиндре си ја избричи главата и веѓите, се соблече , оставајќи на себе само влечки какви што се носат во болниците, а на грбот му ги нацртаа оџаците на РЕК. Вака, асоцирајќи на заболените од рак, болест која ја предизвикува меѓу другото и загадувањето , се фотогрфираше во руинираниот Офицерски дом во Битола.

    „Здравствената состојба на мајка ми се искомплицира, а нашата финансиска ситуација се влоши со оглед на тоа што и татко ми боледуваше од карцином, а и многу други мои роднини и пријатели на моите. Навистина нема кому друг да се обратам затоа што мислам дека тропав на секоја врата, а веќе и силите за борба ме напуштаат. Нам ни требаат до сабота околу 15.000 евра, ние собравме голем дел од нив, но остануваат уште 5-6 илјади евра кои моментално ги немаме. Ова се случи бидејќи ФЗОМ одби да даде согласност за операцијата на мајка ми и ги замрзна средствата иако претходно добивме документ дека ќе биде покриено 80 %. Можеби ќе водиме и правна битка, но за жал во овој момент тоа веќе не ме интересира“, вели Шиндре во апелот за помош и донации што денеска го објави на социјалните мрежи.
    Шиндре за „САКАМ ДА КАЖАМ.МК“ вели дека руината на Офицерскиот дом ја споредува со руината на општеството, животот и условите во кои се лекуваат лицата болни од рак во земјава. Фотоалбумот кој беше направен вчера, на Први Мај, Денот на трудот, во Битола го нарече „Кој ќе го закопа последниот битолчанец?“ Фотографиите се со силна порака и ја трогнаа Битола.

    „Руината од Офицерскиот дом што стана таков поради негрижата на институциите од централно и локално ниво ги споредувам со руината во општеството, со грижата за здравјето на луѓето и условите во кои се лечат. Самата порака е да  престанеме да молчиме за сите проблеми на кои наидуваме во ова општество, зашто само така ќе мораме да се избориме за нивно решение“, вели Шиндре.

    Студентот Шиндре е активист за заштита на човековите права, а вели дека со фотоалбумот го крева гласот место болните кои не можат гласно да викнат за своите права и одземеното човечко достоинство (Фото: од личната архива на Никола Шиндре)

    Тој вели дека со фотоалбумот  го крева гласот место болните кои не можат гласно да викнат за своите права и одземеното човечко достоинство. Вели дека албумот им го посветува на својата мајка, татко, баба, стрина, вујна и други членови од неговото семејство болни од оваа опака болест.

    „Потекнувам од фамилија од која повеќе членови моментално се борат со карцином. Сметам дека повеќе не смее да се дозволи да ни се случува еколошки геноцид. Последните објавени податоци дека се болни 4.000 луѓе од карцином во Битола, град со 60.000 луѓе, навистина е потресно. Целта ми е да го поттикнам граѓанството на борба за здравје и достоинство“, вели Шиндре.

    Тој смета дека еден од предизвикувачите на оваа болест е токму загадувањето што го прави комбинатот РЕК „Битола“ кој се наоѓа во непосредна близина на градот.  Последните податоци од истражувањето „ТЕРА МЕД“ покажаа дека прашината што се шири од пепелта е канцерогена и дека воздухот е загаден со тешки метали . Филтрите пак,  РЕК допрва ќе ги реконструира за да може да се намали емитувањето на ПМ10 честички во воздухот.

    Никола Шиндре е битолчанец кој студира во Скопје. Веќе неколку години  е НВО активист кој се бори за подобри услови за лекување на болните од рак, за решавање на еколошките проблеми, за правата на маргинализираните заедници. Никола смета дека со ова ќе ги поттикне своите сограѓани, а посебно помладите битолчани поактивно да се вклучат во борбата за здрава животна средина и подобри услови за лекување на болните од рак.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира