ЧУДЕСЕН Е ТАНЦОТ НА ЛИЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ

Танцова компанија за лица со попреченост од Лондон гостува во Скопје и Велес. САКАМДАКАЖАМ.МК открива како лицата со Даунов синдром од Велика Британија се вклучуваат во активности кои ќе им дадат самодоверба и ќе ги вклучат во општеството

    ЧУДЕСЕН Е ТАНЦОТ НА ЛИЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМТанчарите од Ларондина позираат пред резиденцијата на британскиот амбасадор во Скопје (Фото: СДК.МК)

    „Здраво, јас сум Џејмс. Јас сум најдобар танчер“, вели 32. годишниот Џејмс Бол. Работи во паб, ужива во пливање, фудбал, театар, и вежба во теретана.

    Веселиот Џејмс е еден од десетте танчари со Даунов синдром, член на танцовата група за лица со попреченост „Ларондина“ од Лондон,  кои во организација на Британската амбасада, деновиве, во друштво на нивните родители се во Македонија.

    Компанијата е основана пред дваесетина година од Анџелина Алесендре, поранешна балерина. Пред компанијата, таа го основала и училиштето за танц на лица со попреченост „Алесендре“.

    "Нивните умови не се оптоварени со грижите кои ние ги имаме, и затоа целата енергија ја вложуваат во танцот“, вели продуцентката и кореографка Анџелина Алесендре

    “Нивните умови не се оптоварени со грижите кои ние ги имаме, и затоа целата енергија ја вложуваат во танцот“, вели продуцентката и кореографка Анџелина Алесендре

    Анџелина ни раскажа дека танчарите се на возраст од 23 до 44 години, а најмалата Сузи, во компанијата е од нејзината 4 годишна возраст. Тренинг имаат еднаш неделно, а кога имаат настап, и по два пати во неделата. Таа вели дека ги обожаваат тренинзите, и никогаш не им е здодевно.

    „Чудесно е што се може да пружат. Разликата меѓу лицата со Даунов синдром и професионалните танчари, е што танцуваат од душа. Кога е музиката тажна, и тие се тажни, кога е весела, и тие се радуваат, раскоплескаат“, вели Анџелина Алесандре.

    Кореографката вели дека им треба повеќе време да ја совладаат бидејќи меморијата не им е одлична, но кога ќе ја научат,  тогаш танцуваат подобро од кого било. „Мојата теорија е дека нивните умови не се оптоварени со грижите кои ние ги имаме, и затоа целата енергија ја вложуваат во танцот“, вели продуцентката и кореографка Алесендре.

    Играат на популарна музика, поп, хип-хоп, на хитови, на пример од Мајкл Бубле, бидејќи како што вели таа, мора да и се допаднат на публика која сака секаква музика.

    Дејвид Симпсон (40 години) весело и гордо раскажува како пред три години настапиле на ТВ шоуто „Мув ит“ (Move it) , слично на „Американски идол“ и стигнале до полуфиналето.

    „Танцот им дава поголема самодоверба, ги прави повеќе свесни за себе и за другите“, Вероник Гарет, сопруга на британскиот амбасадор во Македонија, која е домаќин на танчерите од Лондон (Фото: СДК.МК)

    „Танцот им дава поголема самодоверба, ги прави повеќе свесни за себе и за другите“, Вероник Гарет, сопруга на британскиот амбасадор во Македонија, која е домаќин на танчерите од Лондон (Фото: СДК.МК)

    Сопругата на британскиот амбсадор во Македонија, Вероник Гарет вели дека нивната ќерка, Флоренс, играла во компанијата од 7 годишна возраст, се додека не дошле во Македонија.

    „Танцот им дава поголема самодоверба, ги прави повеќе свесни за себе и за другите. На тренизите се стекнуваат со дисцисплина, Анџелина е  прилично строга, но праведна. Напорно работи со нив, ги учи како да го држат телото. Преку движењата се изразуваат себеси и  сметам дека танцот е одличен медиум, не само за нив,  туку и за начинот како ги гледа општеството. Да видат луѓето за што се способни лицата со попреченост“, додава Вероник Гарет.

    „Ларондина“ досега настапувала низ Британија, Русија, САД, Франција.

    Кога компанијата била поканета да настапи пред Папата Бенедикт, пред 80 илјади луѓе во Хајд парк во Лондон, организаторите ја прашале Алесендре, дали можеби толкава толпа луѓе ќе ги вознемири. „Немаа никаков проблем. Што поголема публика, тоа поголема самодоверба“, вели продуцентката.

    Самодовербата и инволвираноста во општетството, додава таа, потекнува од нивните родители.

    „Родителите веруваат во нив. Тие се вклучени така што им помагаат да патуваат, некои ги научиле и сами да патуваат, им наоѓаат добри училишта и работа. На пример Бери, работи во супермаркет. Тоа за него е одличен поттик да стане од кревет. На секому друг би му било здодевна таа работа. Но тој е толку горд на работата и на обврската“, раскажува Анџелина.

    Пред вечерашниот настап во Драмскиот театар во Скопје, танчарите вчера беа на прием кај Британскиот амбасадор (Фото: СДК.МК)

    Пред вечерашниот настап во Драмскиот театар во Скопје, танчарите вчера беа на прием кај Британскиот амбасадор (Фото: СДК.МК)

    Таа заедно со танчарите и нивните родители често ги посетуваат училиштата во Лондон, за да разговараат со наставниците и да им помогнат да ги обучат за посебните методи кои се користат при образованието на лицата со попреченост.

    Во 2013 година, Ларондина настапија во музичкото шоу Мув ит (Move it)

    Во 2013 година, Ларондина настапија во музичкото шоу Мув ит (Move it) слично на Американски идол и стасале до полуфиналето

    Агендата вклучува да се откријат нивните уметнички таленти и создавање на добро приспособени возрасни лица со самодоверба кои можат да водат исполнет живот.

    Тие, и деновиве додека се во Македонија, ќе посетат неколку училишта во Скопје и во Велес да разговараат за методите на инклузивно образование.

    „Ќе зборуваме за методите, како преку танцот  стекнуваат зајакнати интелектуални и социјални вештини плус, подобра физичка форма, став, рамнотежа и соработка,  концентрација, координација“, истакнува кореографката.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари