ДЕЦАТА ЗАВИСНИЦИ ОД ДРОГИ МОРА ДА ПОРАСНАТ ЗА ДА СЕ ЛЕКУВААТ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ДЕЦАТА ЗАВИСНИЦИ ОД ДРОГИ МОРА ДА ПОРАСНАТ ЗА ДА СЕ ЛЕКУВААТ

    Децата кои пробале, а во многу случаи и станале зависни од разни видови дроги треба да станат полнолетни за да се лекуваат и рехабилитираат. Во Македонија нема усвоени протоколи за фармаколошко и психијатраско лекување на зависници на возраст под 18 години, не постои ни посебен медицински центар за третман на  деца, а нема ниту посебно обучен кадар. Во отсуство на каква било државна контрола врз проблемот, невладините оганизации кои ја следат состојбата на терен алармираат за три смртни случаи на деца од предозираност, но стравуваат дека темната бројка е можеби и поголема.

    Родителите на 12-годишно момче забележале промена во однесувањето кај своето дете. Откако било утврдено присуство на психотропни супстанци во крвта и изнудиле признание од детето дека почнало со марихуана, а потоа преминало и на кокаин и синтетска дрога, побарале медицинска помош, но се соочиле со болната вистина дека никој во Македонија не ги прифаќа и лекува овие деца.

    За жал, во Македонија нема услови зависноста од дроги да се сопре на детска возраст, вели Славица Шекуткоска, социјален работник од советувалиштето на НВО “Доверба”

    За жал, во Македонија нема услови зависноста од дроги да се сопре на детска возраст, вели Славица Шекуткоска, социјален работник од советувалиштето на НВО “Доверба”

    „Родителите дојдоа во нашето советувалиште исплашени и избезумени. Единствено што можевме да направиме е да се обидеме да воспоставиме апстиненција кај детето“, вели Славица Шекуткоска, социјален работник од советувалиштето на НВО “Доверба”. „Но, детето постојано ѝ се враќаше на дрогата. Шест години доаѓаше во советувалиштето, го дочека полнолетството и сега е на метадонска терапија. Има многу  вакви случаи. За жал, во Македонија нема услови зависноста да се сопре на детска возраст“.

    Шекуткоска вели дека најбројни се децата зависници на возраст од 14-15 години. Најчести причини се нарушените семејни односи, семејното насилство, запуштени деца, но не е мал бројот и на оние кои посегаат по дрогата од љубопиство. На почеток се групираат и си ја подгреваат љубопитноста меѓу себе, а кога ќе станат зависни се осамуваат и бараат начин да обезбедат дрога. Кај сите има промена во однесувањето, најчесто стануваат агресивни и се однесуваат деликвентно.

    „За правилен третман на овие деца е потребен посебно обучен кадар кој го нема во Македонија. Тие што ќе побараат помош ги упатуваме на Психијатриската клиника во одделот за детска психијатрија или во Заводот за ментално здравје, но таму не ја добиваат вистинската помош. Родителите што се финансиски моќни ги носат децата во странство. Посебни центри има во Хрватска, Бугарија, Швајцарија, Австрија. Во тие центри обучен кадар се грижи за децата 24 часа во денот“, вели Шекуткоска.

    Според искуствата од советувалиштата на “Доверба”, голем проблем е стигмата кон овие деца, не само во системот пошироко туку и во самите семејства. Родителите многу тешко прифаќаат и признаваат дека нивното дете станало зависно од дрога, па најчесто им треба 2 до 4 години да побараат стручна помош, а во тој период дрогата го разорува детскиот организам, го демне заразата од ХИВ, хепатит Ц, оштетување на крвните садови, психолошки проблеми.

    САКАМДАКАЖАМ.МК се обиде да дојде барем до приближна бројка на деца зависници од дроги во Македонија, но ниедна државна институција нема таква статистика. Државата нема воспоставено систем за нивно откривање и превенирање. Единствен релевантен извор се истражувањата на Европскиот мониторинг систем ЕВТА кој што ја следи состојбата со злоупотребата на дроги и на неколку години спроведува истражување меѓу средношколската популација во Македонија. Последното истражување е направено лани. Опфатен е примерок од 2.428 деца од кои 14 отсто употребувале марихуана, 7 отсто екстази, 5 отсто амфетамини, на кокаин биле 6 отсто и 11 отсто употребувале некаков тип на бензодијапимини односно средства за смирување комбинирани со алкохол. Или некаков тип на дрога пробале 45 отсто од испитаниците. Во споредба со претходните истражувања трендот е во пораст.

    Од невладината ХОПС Опции за здрав живот потенцираат дека никој во државата нема увид и не може ни отприлика да каже колку е сериозен проблемот. Фокусот на оваа НВО се децата од улица, и нивни тимови последниве три години се обидуваат преку теренска работа да утврдат која е бројката на зависници од дроги и други психотропни супстанции меѓу момчињата и девојчињата кои поголем дел од денот го поминуваат на улица.

    Нашите напори се насочени кон укинување на возрасната граница за лекување на зависниците со метадонска терапија, зашто кај нас има случаи на многу мали деца што инектираат хероин, вели Воскре Наумоска Илиева, програмски асистент за застапување во ХОПС (Фото: СДК.МК)

    Нашите напори се насочени кон укинување на возрасната граница за лекување на зависниците со метадонска терапија, зашто кај нас има случаи на многу мали деца што инектираат хероин, вели Воскре Наумоска Илиева, програмски асистент за застапување во ХОПС (Фото: СДК.МК)

    “Нема кој не ги видел децата што дуваат во кеси со лепак во центарот на Скопје, а сепак за  институциите тие се невидливи. Тоа е првата психотропна суспстанца на која се навлекуваат од најмала возраст, а потоа преминуваат на марихуана, кокаин, а не е мал ни бројот на деца што инјектираат хероин”, велат од  ХОПС.

    Теренските тимови констатирале дека голем дел од децата на улица де јуре се сместени и згрижени во некоја државна институција, но за жал де факто најголемиот дел од времето го поминуваат на улица.  Заклучно со септември, исконтактирано е со 85 деца зависници, од кои 42 почнале да се дрогираат последниве три години. Целта е не само да се утврди колкав е нивниот број, туку и да се дојде поблиску до тие деца  и некако да се поврзат со државните институции за да се организира систем за  нивна помош и поддршка.

    „Нашите напори се насочени кон укинување на возрасната граница за лекување на зависниците со метадонска терапија, зашто кај нас има случаи на многу мали деца што инјектираат хероин. Најмалиот зависник што нашите тимови го имаат регистрирано на терен има само 8 години. Кај метадонот медицински нема возрасна граница, но во Македонија ограничувањето е ситемско, зашто има центри за метадонска терапија само за возрасни. Вториот лек бупренофин, кој почна пред неколку години да се применува на Токсикологија, има возрасно ограничувањсе и може да се употребува само кај зависници постари од 16 години“, вели Воскре Наумоска Илиева, програмски асистент за застапување во ХОПС.

    Шеснаесетгодишно девојче инјектира хероин, а во зависност од тоа што ќе најде повремено инјектира и метадон и други комбинации на дроги. Теренскиот тим на невладината ХОПС-Опции за здрав живот пред неколку месеци го открил случајот на улица. Девојчето правно било штитеник на институција, но повеќе време поминувало на улица.

    „Девојчето сакаше да се спаси од дрогата, но првин се соочивме со проблемот да добиеме дозвола од старателот. Ни требаше доста време додека откривме дека старатели ѝ се нејзините родители кои живееја во друг град, а не институцијата во која беше згрижена во Скопје. Втората пречка беше каде да се лекува. Со метадон не можеше, зашто во центрите за метадонска терапија во рамки на Психијатриската болница Бардовци се третираат само полнолетни зависници. Клиниката за токсикологија се согласи да ја лекува, но побара психијатриска проценка. Тоа беше нова институционална бариера, затоа што Психијатриската болница не сакаше да даде ни психијатриска проценка за малолетник. По неколку разговори и убедувања со Психијатриската клиника, тие се согласија да направат проценка на нивниот оддел за детска психијатрија, иако одделни медицински лица ја оспоруваа нивната стручност во делот на зависноста од дроги. Целиот процес траеше премногу долго и кога ние бевме подготвени девојчето се демотивираше и ја одби терапијата“, вели Наумоска Илиева и додава дека не е битно само детето да го добие третманот туку и да биде во социјална средина која ќе му даде поддршка да продолжи понатаму без дрога, што во случајов не можело да се обезбеди.

    За да помогнат во воспоставувањето на систем за третман на децата зависници, ХОПС организираше посета на таков центар во Виена, Австрија на претставници од сите засегнати здравствени и социјални државни институции.

    „Центарот во Виена е регистриран како здружение на граѓани. Организираат третман на зависност од разни типови на дроги, не само од опијатите. Кај нив нема возрасна граница за третман со метадон и најмалиот пациент имаше 14 години, не затоа што тоа е најниската возрасна граница за метадонска терапија туку затоа што најмалиот зависник е на возраст од 14 години. Вториот битен момент е што овој центар нудеше и психосоцијална поддршка за децата зависници, што во голем број на случаи е најважната алка во третманот“, потенцира Наумоска Илиева и констатира дека за жал, и по таа студиска посета работите во Македонија не се помрднаа од мртвата точка.

    С. М. ВАНКОВА

    (продолжува)

    disklejmer-prikazni-23734

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира