МОМЧЕТО СО АЛПОРТОВ СИНДРОМ СЕ СРЕТНА СО СВОЈОТ ХЕРОЈ РОНАЛДО

МОМЧЕТО СО АЛПОРТОВ СИНДРОМ СЕ СРЕТНА СО СВОЈОТ ХЕРОЈ РОНАЛДО16-годишниот Филип, заедно со уште 18 деца од училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“, кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, денеска се сретнаа со фудбалерите Реал Мадрид, а Кристијано Роналдо му се потпиша на дресот од шпанскиот клуб.

На шеснаесетгодишниот Филип, кому пред четири години му се урнаа сите надежи дека ќе може професионално да игра фудбал, бидејќи му е дијагностицирана ретка болест Алпортов синдром, денес во Скопје му се оствари најголемата желба да да се запознае со фудбалската ѕвезда Роналдо.

„Пресреќен е. Филип живее за фудбалот, ама веќе не смее да игра. Му се оствари сонот да го запознае Роналдо и да се фотографира со него“, вели неговата мајка Ана.

Тој заедно со уште 18 деца од училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“, кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, и пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“, денес се сретнаа со фудбалерите од овие два клуба пред нивните тренинзи. Средбата со фудбалските ѕвезди беше изненадување за децата, кои УЕФА фондацијата ги избра да настапат на свеченото отворање.

По приказната за Филип на СAKAMДАКАЖАМ.МК, во која неговата мајка Ана раскажува дека по дијагностицирање на болеста биле принудени Филип да се откаже од тренинзи и да ја одбијат понудата на еден македонски фудбалски клуб да игра за младинската екипа, УЕФА Фондацијата реши да го вклучи во групата деца што денес ќе се сретнат со фудбалерите. Формирана пред две години, УЕФА Фондацијата го користи спортот за да поддржи хуманитарни проекти поврзани со правата на децата во областа на здравството, образованието и интеграцијата.

СТРАШНО Е СОЗНАНИЕТО ДЕКА НИКАДЕ НЕМА ЛЕК ЗА БОЛЕСТА НА ТВОЕТО ДЕТЕ, ВЕЛИ МАЈКА НА МОМЧЕ СО АЛПОРТОВ СИНДРОМ

Алпортовиот синдром е ретка генетска болест, која се добива од раѓање. Засега нема лек за овааа болест, а како резултат на неа со текот на времето се оштетуваат слухот, видот и бубрезите. На овие пациенти подоцна во животот во најголем број случаи им е потребна трансплантација на бубрези. Филип не сака јавно да зборува за својата здравствена состојба, па во негово име зборува неговата мајка Ана.

„Се сретна и со фудбалерите на Манчестер, го и следеше нивниот тренинг. Но, по средбата со Роналдо, не ја симнува насмевката. Нема ништо поубаво отколку да го видиш своето дете среќно“, вели Ана.

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
Booking.com

Коментари