НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КАКО ДЕЦА НАОЃААТ ДРОГА

Никој во државата не се занимава темелно со проблемот на децата зависници од дроги и други психотропни супстанции, ниту има одговор на прашањата како тие деца доаѓаат до дрогата, зошто нема организиран систем за нивно откривање, ниту за нивно лекување

721
Проблемот со малолетните зависници државата го става под тепих како да го нема (Фото: СДК.МК)

Десетгодишно дете инекјетирало хероин и си ја повредило ногата. Поразителен е фактот дека десетгодишен зависник од опијатна дрога шета по скопските улици, но уште попоразително е тоа што ниедна институција во државава не може да му помогне. Никој не се занимава посериозно со проблемот ниту има одговор на прашањата како тие деца доаѓаат до дрогата, зошто нема организиран систем за нивно откривање и за нивно лекување.

Случајот на десетгодишното момче пред неколку години го открил теренскиот тим на невладината ХОПС Опција за здрав живот на улица во скопската населба Шуто Оризари. Момчето ја завлекувало ногата.  Во обид да му помогнат, активистите на ХОПС првин се обратиле до Детската клиника, но оттаму се прогласиле за ненадлежни за третман на деца зависници.

Никој не знаеше каде да го смести десетгодишното дете зависник од дрога со сериозни здравствени проблеми, вели Воскре Наумоска Илиева, програмски асистент за застапување во НВО ХОПС Опции за здрав живот (Фото: СДК.МК)
Никој не знаеше каде да го смести десетгодишното дете зависник од дрога со сериозни здравствени проблеми, вели Воскре Наумоска Илиева, програмски асистент за застапување во НВО ХОПС Опции за здрав живот (Фото: СДК.МК)

„Децата од улица се здравствено осигурани, но никој не знаеше каде да го смести ова дете зависник од дрога со сериозни здравствени проблеми, зашто во Македонија нема усвоени медицински протоколи за нивно лекување, ниту посебно обучен кадар. Првин го прифатија во Геријатрискиот центар во Скопје, потоа го префрлија во болницата ‘Свети Еразмо’ во Охрид. На крај му ја оперираа ногата, но и по операцијата не остана без последици зашто интервенцијата беше задоцнета. Детето се врати пак на улица без да се ослободи од зависноста од дрога“, вели Воскре Наумоска Илиева, програмски асистент за застапување во НВО ХОПС Опции за здрав живот, чии теренски тимови досега регистрирале 85 зависници меѓу децата од улица.

Иако Македонија од осамостојувањето до денес има направено три стратегии за справување со зависноста од дрогите, невладините организации велат дека на терен речиси ништо не е променето.

„Документите се препишуваат еден од друг, за тоа се влечат пари од Глобалниот фонд за превенција од ХИВ, туберкулоза и маларија, а во практика ништо не се менува. Експлозија на проблемот со опијатните дроги имаше 1994 година кога и се формираа центрите за  метадонска терапија за полнолетни зависници. Проблемот со малолетните зависници, пак, државата го става под тепих како да го нема. Ние се обидуваме да им помагаме на децата и нивните семејства во нашите советувалишта преку разни едукативни програми и контакти со нашите социјални работници и психијатри, но од половината на идната година и оваа активност ќе замре, затоа што Глобалниот фонд кој е наш финансиер се повлекува од Македонија по 13 години. Се плашам дека ќе  ни случи истото што се случи и во Србија и Црна Гора, каде откако се повлече Фондот, бројот на зависници се дуплираше“, вели Кети Тодорова, директор на НВО „Доверба“.

Проблемот со малолетните зависници државата го става под тепих како да го нема. - Кети Тодорова, директор на НВО „Доверба” (Фото: СДК.МК)
Проблемот со малолетните зависници државата го става под тепих како да го нема. – Кети Тодорова, директор на НВО „Доверба” (Фото: СДК.МК)

Поради игнорантскиот однос кон децата зависници од дрога, државата доби препораки и од неколку комитети на Обединетите нации. Првата препорака до Македонија стигна од Комитетот на ООН за заштита на правата на децата уште во 2000 година. Комитетот пред 16 години ѝ препорача на државата да овозможи програми за третман и рехабилитација на овие деца. Бидејќи ништо не се промени, следеа препораки уште од неколку комитети, а последна е годинашната од Комитетот за социјални, економски и културни права. Државата се обиде пред овој комитет да претстави дека нема проблем за пристап на децата зависници до соодветен здравствен третман, но комитетот го утврди на терен спротивното. Единствената промена се случи лани во февруари, кога беа подготвени медицинските протоколи за нивно лекување, но до денес тие се само мртво слово на хартија затоа што Министерството за здравство сѐ уште ги нема официјално усвоено.

Доцент д-р Лилјана Игњатова од Центарот за метадонска терапија во Кисела Вода, е еден од авторите на протоколите. Според неа, што и да одлучи државата во врска со здравствениот третман на децата зависници, многу е важно тие да не се третираат на исто место со возрасните.

„Бројот на млади под 16 години што се на опијатни дроги е мал и затоа треба да се размисли колку е исплатливо да се отвори посебен центар за нивно третирање или во постојните центри тие да се одвојат од возрасните во посебен термин, како што е на пример во Хрватска. Непотребно се стигматизира лекувањето на деца зависници со метадон. Стигмата кон третманот на зависниците за жал е присутна и во лекарските кругови, поради што недостига обучен кадар. На Медицинскиот факултет нема посебна катедра за адиктологија (гранка која ги проучува зависностите од дроги и други психотропни супстанци н.з.) а студентите на психијатрија поминуваат само еден месец пракса во центрите за метадонска терапија на Психијатриската болница, што никако не е доволно да се оспособат за лекување на зависностите од дроги“, потенцира доцент д-р Лилјана Игњатова.

Непотребно се стигматизира лекувањето на деца зависници со метадон. Стигмата кон третманот на зависниците за жал е присутна и во лекарските кругови, поради што недостига обучен кадар, потенцира доцент д-р Лилјана Игњатова од Центарот за метадонска терапија во Кисела Вода
Непотребно се стигматизира лекувањето на деца зависници со метадон. Стигмата кон третманот на зависниците за жал е присутна и во лекарските кругови, поради што недостига обучен кадар, потенцира доцент д-р Лилјана Игњатова од Центарот за метадонска терапија во Кисела Вода

Според неа, позитивен чекор за откривање и превенирање на зависностите кај децата е направен во 2012 година, со отворањето две советувалишта на иницијатива на неколку психијатри, а со поддршка на Град Скопје.

„Едното советувалиште е во Клиничкиот центар во Скопје, а другото во скопската населба Шуто Оризари. Со децата и нивните семејства работат тројца искусни психијатри во оваа област. Идејата е да не се настапува агресивно. Се гарантира целосна анонимност, ниеден родител не сака да дојде со упат и книшка, зашто сите се плашат да се соочат со проблемот. Целта е да се привлечат што повеќе млади во овие советувалишта, посебно во Шуто Оризари, зашто таму проблемот е најизразен. Мислам дека вакви програми се најпогодни за детектирање на проблемот со зависностите меѓу децата“, вели д-р Игњатова и препорачува дисперзија на вакви бесплатни советувалишта низ цела Македонија.

Таа предупредува на присутното стигматизирање на детето зависник и од неговите родители.

“Додека родителите одбиваат да признаат дека детето им злоупотребува дрога и не преземаат ништо за да му помогнат, детето го демне заразата од ХИВ, хепатит Ц и Б, му се оштетува мозокот во развој. Со дувањето лепак, на пример, кај голем дел од децата се нарушува целосно центарот за глад и тие велат дека никогаш не чувствуваат глад, а психичката болка ги тера постојано да дуваат”, вели д-р Игњатова.

Од Министерството за здравство не одговорија на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали воопшто се размислува за формирање посебна институција за лекување на децата зависници од дроги, дали знаат колку ги има и колку е здравствениот систем кадровски подготвен да им помогне. Од таму добивме само потврда дека се изготвени протоколи за нивно лекување “по што ќе следи изготвување на посебна програма” и дека “на Универзитетската клиника за психијатриски болести во Скопје (одделение за деца и адолесценти) се третираат коморбидни психијатриски состојби кои се предизвикани или последица на употреба на психоактивни супстанци, како и третирање психијатриска болест. Исто така, во Заводот за ментално здравје на деца и младинци, што функционира во рамки на Здравствен Дом Скопје, се третираат депресивни состојби, адолесцентна криза, болести на зависност”.
Инаку, според податоците од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, досега до инспекторатот не е стигната ниедна поплака ниту од родители, ниту од невладини организации за несоодветен третман на дете зависник  во јавна здравствена установа.

ДЕЦАТА ЗАВИСНИЦИ ОД ДРОГИ МОРА ДА ПОРАСНАТ ЗА ДА СЕ ЛЕКУВААТ

ОНЛАЈН АПЛИКАЦИЈА ЗА САМОПРОЦЕНКА НА ЗАВИСНОСТА ОД ДРОГА

Во завршна фаза е заеднички проект на повеќе земји од регионот и Советот на Европа, вклучувајќи ја и Македонија за овозможување онлајн самопроценка на зависноста од дроги кај младите. Проектот е во рамките на групата Помпиду за соработка во бробата против злоупотребата и недозоволената трговија со наркотици, чија членка е и Македонија од 2011 година.

„Тестирањето ќе биде бесплатно, анонимно и целосно доверливо. Тестот ќе им покаже на младите дали се во фаза на сериозна зависност или сѐ уште се на ниво на почетник. Исклучена е секаква можност да се дознае кој се пријавил за тестирање. На таа страница се поставени и сите можности за третман на зависноста, сите советувалишта, центрите за метадонска терапија во Скопје и другите градови во Македонија. По тестот, софтверски се собираат ризичните одговори и во зависност од тоа колку е повисок скорот, зависникот добива совети како да си помогне. Со ова софтверско решение очекуваме да добиеме и епидемиолошки податоци, колкав е бројот на млади зависни од дрога и колкава е острината на злоупотребата“, вели доцент д-р Лилјана Игњатова, претставник на Македонија во групата Помпиду.

Следи уште една средба во Загреб на заинтересираните земји со авторот на софтверот, по која онлајн апликацијата ќе биде достапна за корисниците.

С. М. ВАНКОВА

(крај)

disklejmer-prikazni-23734