СЕМЕЈСТВО НА ТЕЛЕСНИ ИНВАЛИДИ НЕ ДОБИ СОЦИЈАЛЕН СТАН ВО ПРИЛЕП

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Прилеп,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СЕМЕЈСТВО НА ТЕЛЕСНИ ИНВАЛИДИ НЕ ДОБИ СОЦИЈАЛЕН СТАН ВО ПРИЛЕП

    Двајцата се телесни инвалиди, речиси од раѓање. Горан Свеќанцоски има 45 години, а сопругата Мирјана е десет години помлада. Вкупните приходи им се околу 16.000 денари, претежно пари добиени по основ на инвалидитет и надоместок за двете малолетни деца: ќерката Кристина (17) и синот Иле (13) години.

    И покрај големите давачки за живот, тие не се жалеа воопшто сѐ додека во пожар не им изгоре социјалната барака во населбата „Варош“ во Прилеп во ноември минатата година. За миг им изгоре целата покуќнина, сѐ што собирале низ годините заеднички живот. Оттогаш до денеска, еве речиси една година, ова семејство живее под кирија, без кој било да покаже интерес за нивните проблеми. Горан тврди дека од одделот за социјални прашања во Владата им било ветено дека ќе добијат еден од 76-те социјални станови коишто се изградија во населбата „Точила“. Но, ветувањата не се оствариле.

    „Се обративме кај градоначалникот Марјан Ристески, во Општина Прилеп кој знае колку пати сум барал прием, ме евидентираат во списокот, со ветување дека ќе ни се јават. Но, ништо од тие ветувања. А, го следев патот што ми го посочи Снежана Јованоска, директорката на Центарот за социјална работа, од каде добивме интервентни средства, еднократна парична помош од 30.000 денари. Ги испратив документите во Владата, не контактираше еден вработен, со ветување дека ќе добиеме стан. Но, сѐ што ни понудија подоцна беше стан наменет за полицијата во селото Ропотово, на 15-тина километри од Прилеп, и стан на шести кат во населбата „Точила“. И како да ги прифатам понудите, кога немаме пари за превоз за децата, а на шести кат, со количка кој ќе ме качува“, вели резигнирано Горан.

    Ова семејство поради тешките социјални проблеми, пред 15-тина години, доби една од социјалните т.н. „бугарски бараки“ во Прилеп. Ама, како што тврдат, некој им подметал пожар пред нова година.

    „Што е уште почудно, од полицијата никој, ама никој не ни се јави, да нè извести, што се случи со истрагата, дали воопшто може да го откријат тој што ни ја запали бараката. Како да живееме, ги прашувам сите надлежни во државата, како да обезбедиме како родители со телесен инвалидитет уште средства за живот и да им изградиме нов дом на нашите деца? Како да ја презимиме сега оваа зима, кога немаме пари за живот“, прашува Горан Свеќанцоски, разочаран зашто повторно ја поминува истата тешка судбина, која го следи цел живот.

    За случајот на Свеќанцоски, единствено одговор добивме од Центарот за социјална работа.

    „Тоа што е во наша надлежност е завршено, добиваат надоместок. Што се однесува до становите, исклучиво Министерството за транспорт и врски ја врши оваа распределба“, изјави директорката Јованоска.

    Одговор побаравме и од кабинетот на градоначалникот Марјан Ристески, од Општина Прилеп, од Министерството за транспорт. Но, иако контактирани во неколку наврати, никој не одговори на нашите повици, пораки, испратени прашања.

    Распределбата на социјалните станови во Прилеп, ја следеа низа реакции на граѓани кои поднесоа апликации. Голем број граѓани, со траен инвалидитет, без родителска грижа, самохрани мајки, дури и членови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинија за нерегуларна распределба. Побараа повторување на постапката, зашто според нив, социјалните станови се распределени на граѓани, кои дури и судски се развеле само со цел да добијат стан, а нивната материјална состојба е далеку подобра од други апликанти.

    Ниту тогаш, ниту сега, одговор од надлежните не добивме. Единствено гласни беа партиските ограноци на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, и кабинетот на ексминистерот Диме Спасов, кои ја обвинија министерката Фросина Ташковска Ременски дека тенденциозно ја попречува распределбата на социјалните станови.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира