СЛЕПОТО СЕМЕЈСТВО ОД ВРАГОТУРЦЕ ИСКЛУЧЕНО ОД СТРУЈА ПОРАДИ ДОЛГ ОД ПРЕД 10 ГОДИНИ

    СЛЕПОТО СЕМЕЈСТВО ОД ВРАГОТУРЦЕ ИСКЛУЧЕНО ОД СТРУЈА ПОРАДИ ДОЛГ ОД ПРЕД 10 ГОДИНИОсумчленото семејство Младеновски живее во голема беда во планинското село Враготурце (Фото: СДК.МК)

    Осумчленото слепо семејство Младеновски од планинското село Враготурце, кумановско остана без струја на -20 степени, поради неплатен долг од пред 10 години. Главата на семејството Новко, тврди дека за долгот дознал пред Нова година, кога му стигнала сметка за долг од 2006 до 2009 во висина од 33.000 денари на име на татко му, кој починал пред 2 години. Тој планирал да поднесе жалба до ЕВН, но не се надевал дека санкциите ќе уследат току брзо, особено што државата ја зафати големо невреме, па повеќе од 10 дена не можел да слезе од планината. Сега, покрај проблемите со здравјето на децата, мака мачи како да најде пари да го подмири долгот.

    „Тоа се големи пари за мене. Ми рекоа да платам 9.000 денари па ќе ми ја пуштат струјата. Но, немам ни толку. Откако почина татко ми јас плаќам, а како останал тој долг не знам. Ние не сме големи потрошувачи правиме сметка од 600 до 800 денари месечно. Сега сме без струја и осветлуваме на свеќа. Рано се стемнува и не можеме да се движиме низ куќата ни надвор. Знаете дека сите сме инвалиди, јас сум слеп, жена ми има ментален хендикеп, децата со оштетен вид и многу тешко се снаоѓаме и со светло. Во фрижидерот имаме малку храна и таа ќе се расипе“, вели раскажува Новко.

    Новко вели дека Враготурце веќе 10 дена е отсечено од светот, патот е завеан, имаат снег и до 2,5 метри и голем студ, а резервите со храна и брашно им се при крај. Единствента врска со светот им се мобилните телефони, но бидејќи немаат струја и батериите ќе им се испразнат и тие ќе останат неупотребливи. Децата се на распуст и навечер седат во мрак и ја слушаат планинската виулица.

    Домот на Младеновски останал без електрична енергија во средата претпладне. Прво мислеле дека е поради невремето, но подоцна од соседите дознале дека само тие се исклучени. Со инсталирање на новите струјомери екипите не мора да доаѓаат до куќата, туку се исклучуива дигитално, па домаќините не ни претпоставиле што им се случило. Побарале објасување во ЕВН, од каде им рекле дека имаат заостанат долг со камати во висина од 33.000 денари, а во евиденцијата на подружницата Куманово стоело дури 42.000 денари.

    Новко вели дека Враготурце веќе 10 дена е отсечено од светот, патот е завеан, имаат снег и до 2,5 метри и голем студ, а резервите со храна и брашно им се при крај (Фото: СДК.МК)

    Новко вели дека Враготурце веќе 10 дена е отсечено од светот, патот е завеан, имаат снег и до 2,5 метри и голем студ, а резервите со храна и брашно им се при крај (Фото: СДК.МК)

    Портаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачевски, изјави дека семејството е исклучено од системот за напојување затоа што во подолг временски период не ги плаќало сметките за потрошена електрична енергија.

    „Имајќи ја во предвид состојата на корисникот и временските услови, компанијата ќе ја разгледа состојбата и како кај сите други корисници кои имаат големи долгови ќе му се даде можност согласно процедурите во ЕВН да се надмине проблемот и да се помогне“, изјави Ковачевски.

    Новко тешко ќе ги обезбеди парите, бидејќи социјална помош која ја прима по повеќе основи го прехранува семејството и ги школува трите деца. Двајца се средношколци кои се сместени во Домот за слепи лица во Скопје, а провоодделенката Елеонора патува десетина километри за да стигне во училиштето во соседното село Пелинце. Голем дел од парите се одлеваат и за такси превоз на децата, бидејќи поради хендикепот не можат сами да се движат во јавниот превоз до градот. Сите пет деца имаат оштетувања на видот од 50 до 95 проценти и неопходна им е редовна и соодветна здравствена заштита за да не ослепат како татко им.

    Младеновски живеат во голема беда, во трошна куќа, без купатило и оскуден мебел. Со години бараат социјален стан во Старо Нагоричене за да се спуштат од планината и да си пружат, колку-толку, пристоен живот на децата во близина на училиште, амбуланта и продавница. Откако трпати биле одбиени со образложение дека нема слободни станови, ја изгубиле надежта дека некој ќе им помогне.

    По објавувањето на суровата животна приказна на Младеновски на САКАМДАКАЖАМ.МК пред еден месец, никој од државата не се јави да помогне. Замижаа пред проблемите на Младеновски надлежните министерства и Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, а градоначалникот на Старо Нагоричене единствено вети дека ќе обезбеди посебен превоз во второто полугодие за Елеонора. На апелот за помош се одзваа само граѓани и здруженија, кои понудија и однесоа помош на семејството.
    disklejmer-prikazni-23734

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира