ТРЕПЕРЕТЕ СО РАЦЕТЕ ЗА ДА ГО ЧУЈАТ АПЛАУЗОТ ГЛУВИТЕ ДЕЦА КОИ ЌЕ ПЕЈАТ НА СУПЕР КУПОТ

    ТРЕПЕРЕТЕ СО РАЦЕТЕ ЗА ДА ГО ЧУЈАТ АПЛАУЗОТ ГЛУВИТЕ ДЕЦА КОИ ЌЕ ПЕЈАТ НА СУПЕР КУПОТУченици со оштетен слух од школата „Партение Зографски“ на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ од „Колдплеј“;- од пробата за настапот (Фото: СДК.МК)

    Петнаесет средношколци од единственото државно училиште за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“ од Скопје, на 8 август ги очекуваат највозбудливите 6 минути во животот. Ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед, и на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“.

    „Нашата главна идеја беше дека сакаме преку настапот да кажеме и покажеме оти ние сме еднакво вредни како и сите други. Пораката ни е – не нѐ сожалувајте! “, вели професорката Викторија Волак (Фото: Ѓ. Личовски)

    Средношколците, заедно со уште пет мали деца кои се со оштетен слух и говор или имаат родители или брат и сестра кои се глувонеми, се избрани за настапот од УЕФА Фондацијата, a ќе настапат заедно со хорот Фалсето при Македонската опера и балет (МОБ).

    Формирана пред две години, УЕФА Фондацијата го користи спортот за да поддржи хуманитарни проекти поврзани со правата на децата во областа на здравството, образованието и интеграцијата. На чело на фондацијата е експретседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

    Со хоровите пее и 16-годишната пејачка Антониа Гиговска (во средина), која всушност е гласот кој го „преведува“ знаковниот јазик (Фото: Ѓ. Личовски)

    САКАМДАКАЖАМ.МК имаше ексклузивна можност да присуствува на една од пробите за свеченоста на Супер купот, каде под раководство на тимот од УЕФА Фондацијата заедно се подготвуваа млади спортисти, играорци и децата од хорот на „Партение Зографски“ и Фалсето.

    Со средношколците од „Партение Зографски“ работат нивните професори Викторија Волак и Васил Фотиновски, кои велат дека Фондацијата ги контактирала пред неколку месеци и заедно се договарале како да го осмислат настапот.

    „Нашата главна идеја беше дека сакаме преку настапот да кажеме и покажеме оти ние сме еднакво вредни како и сите други. Пораката ни е – не нѐ сожалувајте! Многу брзо се разбравме со луѓето од УЕФА Фондацијата и тие беа воодушевени од она што го знаат и умеат нашите деца“, вели Викторија Волак, енергична и посветена жена, дефектолог и професор која 18 години работи во училиштето.

    Таа додава дека настапите на децата се секојпат многу впечатливи: „Ние на знаковен јазик сме ја изведувале ‘Кармен’, ‘Македонска крвава свадба’ и имаме бројни настапи, но ова со Супер купот е секако најголемата шанса во светски рамки да ја потенцираме пораката за еднаквост и социјална инклузија“.

    Учениците со оштетен слух и говор настапот го вежбаат заедно со детскиот хор Фалсето. За многу деца од хорчето ова е прв контакт со глувонеми лица. Искуството, вели Волак, е фантастично.

    „Децата се здружија, па овие од хорчето дури го учат и знаковниот јазик, се родија нови пријателства. Сите сме побогати од ова искуство“, вели таа и додава дека песната од „Колдплеј“ ја избрале оти е динамична и оти зборува за љубов и разбирање „баш како небо полно ѕвезди“.

    Учениците со оштетен слух и говор настапот го вежбаат заедно со детскиот хор Фалсето (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со хоровите пее и 16-годишната пејачка Антониа Гиговска, којa всушнот е гласот кој го „преведува“ знаковниот јазик.

    На пробата, на крајот од настапот имаше голем аплауз од сите учесници. Но, Волак и тимот од УЕФА Фондацијата им рекоа дека ако сакаат да бидат чуени од ѕвездите на вечерта, публиката треба да го вежба аплаузот на знаковен јазик – со високо кренати раце кои треперат.

    „Се надеваме дека публиката ќе го прифати ова и дека децата ќе го чујат громогласниот аплауз на растреперените раце“, велат тие.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари