БАРОКОТ ГИ ИСУШИЛ ГРМУШКИТЕ КАЈ ГТЦ, „ПАРКОВИ“ ЌЕ ГИ ЗАМЕНИ СО ЈАВОРИ

    БАРОКОТ ГИ ИСУШИЛ ГРМУШКИТЕ КАЈ ГТЦ, „ПАРКОВИ“ ЌЕ ГИ ЗАМЕНИ СО ЈАВОРИЕкипи на „Паркови и зеленило“ утрово го соголија просторот во близина на некогашните сендвичарници на влезот во ГТЦ (Фото: СДК.МК)

    Зимзелените дрвјата до кружните скали за влез во Градски трговски центар (ГТЦ) во Скопје се исечени оти во градежните активности на овој простор биле оштетени поради што се исушиле, објаснија од ЈП„Паркови и зеленило“  откако утрово го соголија просторот во близина на некогашните сендвичарници на влезот во трговскиот.

    Последна градежна активност околу овој влез на ГТЦ која сѐ уште трае е преслекувањето во барок на фасадата на зградата на ЕВН и ЕЛЕМ. Градежната механизација и за оваа, но и за поправките на Порта Македонија го користи просторот до ГТЦ. Клупите со кои беше ограден триаголникот во кој беа дрвјата, одамна се кренати па зеленилото остана незаштитено.

    Утрово, екипи од  ЈП „Паркови и зеленило“  кои завршиле со реконструкцијата на зеленилото во паркот „Жена – борец“ се префрлиле пред ГТЦ.

    „Ги исековме зимзелените грмушки оти беа исушени. Според нашата програма за работа, на ред дојде уредувањето на зеленилото во овој дел кој е во продолжение на паркот ’Жена – борец’ . Тука, на местото на исечените грмушки, уште утре ќе засадиме три јавори високи по три метри, а ќе посееме и нова трева во рамки на уредувањето на зеленилото“, најавија од „Паркови и зеленило“.

    Од „Паркови“ не објаснуваат зошто зимзелените дрвја се менуваат со јавори, кои се листокапни.

    Објаснувањата од „Паркови“ дојдоа по лавина реакции кои тргнаа од социјалните мрежи каде граѓани алармираа за нова сеча на зеленило. Први официјално реагираа од Општина Центар.

    „Општина Центар го осудува последниот потег на Град Скопје да ги исече зимзелените садници на потегот од Триумфалната порта до ГТЦ. Се работи за оформени, високи и здрави садници, кои го красеа овој дел на централното градско подрачје веќе триесетина години. Ова беше единствената зелена оаза која се наоѓаше сред бетонот. Садниците се исечени од ЈП ‘Паркови и зеленило’, со налог од Град Скопје. Несфатливо е кому и зошто му пречеше зеленилото кое го красеше просторот и беше место за починка на граѓаните.Општина Центар  не беше ниту известена  за ова несфатливо уништување на зеленилото. Повторно укажува дека приоритет на општинското раководство е задржување на постојното и засадување ново зеленило и дрвја“, стои во рекацијата од Општината со објаснување дека во периодот од доаѓањето на новото раководство и на Андреј Жерновски за градоначалник обновени се 70.000 м2 зелени површини и засадени се 255 нови дрвја.

    Откако јавно беше посочен, со реакција се јави и Град Скопје.

    „На ова место се искастрени неколку грмушки од видот таксус баката, а не дрвја како што наведоа неколку интернет портали и сега Општина Центар. Стручните служби од ЈП ‘Паркови и зеленило’, по извршен увид оцениле дека истите се делумно исушени и треба да бидат отстранети. Во наредниот период екипи на јавното претпријатие ќе пристапат кон целосно хортикултурно уредување на овој простор. За жал, ова е уште еден смешен обид на Општина Центар, во недостиг на идеи, проекти и поголеми резултати, да се наметнат во јавноста и да бидат тема на разговор“, реагираа од Градот.

    И нивната реакција завршува со долг список на  проекти за подобрување на состојбата со зелените површини, како што се изградба на нови паркови, уредување на постоечките паркови, спроведување на акции за садење на дрвја и садници, со масовно темпо како никогаш во изминативе неколку децении.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира