ЕКОЛОГИСТИТЕ ОД КАВАДАРЦИ ЌЕ БАРААТ РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ ОД КАВАДАРЕЧКА СТРАНА

    ЕКОЛОГИСТИТЕ ОД КАВАДАРЦИ ЌЕ БАРААТ РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ ОД КАВАДАРЕЧКА СТРАНАНа референдумот што се организираше во општина Гевгелија во неделата 13.097 граѓани, или 98 отсто од излезените гласачи се изјаснија против отварање рудници на Кожуф.(Фото: В. Трајков)

    И екологистите од Кавадарци на денешната седница на Собрание на организацијата Еко-живот одлучија да бараат распишување на референдум против отварање на рудници на планината Кожуф, но од кавадаречка страна.

    „Одлуката утре уште изутрина ќе ја доставиме до Советот на општината Кавадарци и очекуваме таа да се најде уште веднаш на утрешната закажана седница на Советот“, рече Роберто Паризов, претседател на друштвото кое е регионален еко центар и член на Движењето на екологистите на Македонија.

    „Сметаме дека нашето барање за референдум треба да биде изгласано од советниците и потоа да биде доставено до надлежните државни органи, по што би следувало и организирање на референдумското изјаснување. „Ова е најсоодветното решение со кое треба да се одговори на сите што сакаат да ги експлоатираат природните убавини и минералните суровини, на штета на екологијата“, рече Паризов.

    Според информациите со кои располагаат екологистите, на кавадаречката територија од планината Кожуф веќе била дадена дозвола за испитување на рудничкиот потенцијал, па стравуваат дека таа дозвола многу лесно може за кратко време да се претвори во дозвола за експлоатација.

    „Гевгеличани си ја завршија својата работа. Сега останува на нас да го спасиме кавадаречкиот дел од планината“, ни изјави Паризов.

    На референдумот што се организираше во општина Гевгелија во неделата 13.097 граѓани, или 98 отсто од излезените гласачи се изјаснија против отварање рудници на Кожуф.  Со резултатите од референдумот локалните власти се задолжуваат во никој случај да не дозволат експлоатација и отварање на рудници за металични минерални суровини во границата на нивната општина.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира