МЛАДИТЕ СЕ ИСЕЛИЈА, СТАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ЗАЖИВЕАТ СЕЛСКИ ТУРИЗАМ НА ВОДОПАДИТЕ НА БЕЛАСИЦА

    МЛАДИТЕ СЕ ИСЕЛИЈА, СТАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ЗАЖИВЕАТ СЕЛСКИ ТУРИЗАМ НА ВОДОПАДИТЕ НА БЕЛАСИЦАПристапот до Колешинскиот Водопад е најлесен од трите оддалечени 5 километри (Фото: СДК.МК)

     

    Водопадите на Беласица се достапни и пленат со својата убавина и уреденост, но никој не знае да ќари од големиот број гости од земјава и странство. Гостите доаѓаат, уживаат во природните убавини и си заминуваат. Ниту има сместувачки капациети, ниту пак некој што ќе им понуди локални специјалитети, сувенири или дополнителна атракција за посетителите.  Стотици посетители секојдневно  се искачуваат до Колешинскиот, Смоларскиот и Габровскиот Водопад оддалечени на растојание од 5 километри. Најмногу ги има преку викендите и празниците, кога со автобуси организирано и индивидуално со коли доаѓаат на овие локалитети, кои се уредени со донации на меѓународни организации и општински средства на Ново Село и Струмица.

    Стотици посетители секојдневно се искачуваат до Колешинскиот, Смоларскиот и Габровскиот Водопад (Фото: СДК.МК)

    „Прекрасно е. Мислам дека ваков водопад нема на Балканот. Сум била на повеќе локации но ваква природна убавина нема. Ова еден вид воздушно-рекреативна бања. Уредено и многу ми се допаѓа. Но за жал, ќе заминам без спомен бидејќи по пат не видов од каде можам да си купам сувенир. Слушнав дека овде се правеле најдобрите зелници, но нема кај да пробаме“, вели Марија Димитриевска од Скопје која со семејството се искачи на Колешинскиот Водопад и го истражуваа локалитетот.

    Пристапот до водопадите е уреден, а наскоро ќе биде и осветлен за ноќни прошетки (Фото: СДК.МК)

    Пристапот до Колешинскиот Водопад е најлесен. Патот е асфалтиран на 500 метри од оваа природна реткост. Со природни материјали изградена е патека која има ограда. За гостите има мостови за гледање, летниковци и клупи за одмор. Поради својата специфичност и близината на три водопади еден до друг, тие се провокација за многу странци, пред сѐ од Бугарија кои преку викендите доаѓаат организирано.

    „Доаѓаме од Смоларскиот Водопад. Навистина беше прекрасен, но овој овде е преубав поради неговата достапност. На Беласица од бугарска страна има водопади, но не се така уредени како вашите. Инаку овие водопади ги нудат туристички агенции во Бугарија и затоа доаѓаме со автобуси“, велат гости од Благоевград кои допатуваат со стотина средношколци од Петрич кои беа на екскурзија.

    Колешинскиот и Смоларскиот Водопад до почетокот на летото треба да бидат осветлени. Веќе се поставени дрвените бандери за да се однесе струја на самите локалитети кои ќе бидат атракција и ноќе. Станува збор за проект на  Центарот за развој на Југоистокот и Општина Ново Село, за што од програмата за рурален развој добија 4 милиони денари.

    „Најголема придобивка од проектот ќе ни биде осветлувањето на патеките и самите водопади со што ќе се создадат услуви  овие локации да бидат посетувани и ноќе, но и да се зголеми посетеноста“, велат од Општина Ново Село, која освен на водопадите, контуинирано инвестира и на локалитетот Мокрински Извори кои се наоѓаат во корените на столетните јавори, но и локалитетот Пирго каде се водела Беласичката битка.

    Во подбеласичкиот појас од Бања Банско па до границата со Бугарија има повеќе интересни локации за прошетка, неколку историски локалитети, природни реткости, но и богата флора и фауна. Општината но и граѓанскиот сектор со години се обидува преку разновидни проекти да го потикне селскиот и алтернативен туризам кај локалното население. Но за жал, ниту во Габрово, ниту во Колешино или Смоларе па и Мокрино може да се најде соба за престој и сместување на неколку дена, а камоли да се понуди храна или соодветна програма.

    Ниту во Габрово, ниту во Колешино или Смоларе па и Мокрино може да се најде соба за престој и сместување на неколку дена, а камоли да се понуди храна или соодветна програма (Фото: СДК.МК)

    „Нема кој. Ние старите не сме за туризам. Ние сме само да ги одржуваме куќите оти младината одамна си замина. Има гости што прашуваат, но кај да ги упатам кога никој не издава соба. Еве гледате има празни куки колку сакате, но за жал нема кој да нуди. Ние сме познати по печалбарството. Имаше обиди, но досега никој не адаптираше соби за туристи“, вели Стево Трајков од Смоларе.

    Дел од локалното население се носеше на едукација, обуки но и ги посетуваа селата Брајчино, Вевчани за да ја увидат ползата од уредување соби од своите домови за гости и посетители, како и од готвењето локална традиционална храна, изработка на сувенири, продажба на компоти и џемови зготвени на селски начин. Но никој посериозно не се зафати да инвестира во адаптација на своите домови за сместување на гостите.

    „Потребна е континуирана едукација. Странците сакаат да уживаат во природни убавини, да се шетаат, рекреираат. Едноставно сакаат сместување во село и да го почуствуваат животот на село. Преку глава им е од хотели, сакаат нешто автенитчно. Подбеласичкиот регион има што да понуди. Тука се водопадите, повеќето локалитети, Моноспитовското Блато, Бања Банско. Значи, треба соодветна програма која ќе ја осмислат самите жители. Ние ги нудиме овие локации на заинтересираните, но гостите сакаат да отседнат, да знаат што ќе имаат на менито, што ќе видат“, вели Маријана Коцева  од туристичката  агенција „Лагуна травел“ од Струмица.

    Во близина на водопадите има само неколку угостителски  капацитети, а најблискиот сместувачки е во Банско каде има хотели поради лековитата геотермална вода. Во најава се изградба и на други сместувачки капацитети, но низ селата кои се чисти и уредени и понатаму никој не го прави првиот чекор за сместување гости.

    В. ТРАЈКОВ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира