НА ДИВО ИСЕЧЕНИ ДВАЕСЕТИНА ПОЛУВЕКОВНИ ДРВЈА ЗА ИЗГРАДБА НА ЗГРАДА ВО БУТЕЛ, ВЛАСТА НЕ ЗНАЕ КОЈ ГРАДИ

    НА ДИВО ИСЕЧЕНИ ДВАЕСЕТИНА ПОЛУВЕКОВНИ ДРВЈА ЗА ИЗГРАДБА НА ЗГРАДА ВО БУТЕЛ, ВЛАСТА НЕ ЗНАЕ КОЈ ГРАДИКутнати на земја и исечени на трупци дрвјата сѐ уште стојат во дворот каде што приватен инвеститор почнал да го расчистува земјиштето за да изгради зграда, никој не знае кој е инвеститорот, но Општина Бутел тврди дека нема одобрение за градење. Град Скопје избегнува да каже дали ќе бара одговорност од инвеститорот за сечата (Фото. СДК.МК)

    Дваесетина дрвја во дворот на старите општински и судски бараки во скопски Бутел на диво, без одобрение од ниту една институција, се исечени поради изградба на зграда. Од нив повеќето се над педесетгодишни дрвја. Кутнати на земја и исечени на трупци сѐ уште стојат во дворот каде што приватен инвеститор почнал да го расчистува земјиштето за да изгради зграда.

    За сечата на дрвјата кои пред половина век државата плански ги засадила ЈП„Паркови и зеленило“ било известено, но не од инвеститорот.

    „Сите дрвја се под надлежност на Град Скопје и ’Паркови и зеленило’ нема никаква надлежност за сечење дрвја без официјален документ, освен за сечење на тополи, кои се опасни дрвја со плитки корени и  предизвикувачи на алергии. Конкретно за случајот,’ Паркови и зеленило’ е информирано од Општина Бутел дека сечата е извршена од приватен инвеститор, чиј назив не е соопштен и не се знае дали ова лице имало документи“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Душан Авировиќ, директор на ЈП„Паркови и зеленило“.

    Мистериозниот инвеститор викендов урнал и две од руинираните бараки на местото предвидено за градба, а петте социјални семејства кои на диво живееја во нив се преместија во бараката број 13, во која исто така повеќе од една деценија живеат социјаlно загрозени семејства (Фото: СДК.МК)

    Од Град Скопје не кажаа дали издале одобрение за сеча на дрвјата, но објаснија дека имаат обврска да дадат такво одобрение, докoлку приватниот инвеститор тоа го побара.

    „Според законската регулатива во Република Македонија, доколку кој и да биде инвеститорот достави валидна градежна дозвола, издадена од соодветната Oпштина, а на локацијата предвидена за градба има дрвjа, Градот Скопје е должен да издаде решение“, велат од Град Скопје избегнувајќи да кажат дали ќе бараат одговорност од инвеститорот за веќе направената сеча.

    Од Општина Бутел, пак, се децидни дека инвеститорот нема одобрение за градење.

    „Не знаеме кој е инвеститор на објектот, оти кај нас сѐ уште никој не дошол да побара одобрение за градење. На таа локација Деталниот урбанистички план предвидува зграда со приземје и седум ката. Земјиштето беше државно, но по пат на денационализација беше вратено на поранешните сопственици“, рече Снежана Клинчарова, портпарол на Општина Бутел.

    Инвеститорот викендов  урнал и две од руинираните бараки на местото предвидено за градба, а петте социјални семејства кои на диво живееја во нив се преместија во бараката број 13, во која исто така повеќе од една деценија живеат социјаlно загрозени семејства. Дел од нив собираа гранки од исечените дрвја и даски од урнатите бараки за да им послужат за греење. Рекоа дека работниците им забраниле да земаат од големите трупци од дрвјата оти газдата ќе си ги соберел. И тие не знаеја да кажат кој е инвеститорот што им го урнал она што осум години го имале како свој дом.

    Градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски вчера на прес-конференција најави дека на едно четиричлено семјество, од оние кои биле сместени во урнатите бараки, ќе се потруди да му најде сместување.

    „Само едно од петте семејства е регистрирано со жителство во нашата Општина, а останатите се дојдени овде да живеат од други Општини и таму треба да си бараат да им се реши проблемот“, најави градоначалникот Латиновски.

    Покрај бараката со број 13 во која на диво живеат социјално загрозени семејства, останати се уште неколку бараки во кои се сместени подрачни единици на министерствата. Земјиштето на кое се наоѓаат е сопственст на Република Македонија, не е вратено на поранешни сопственици во процесот на денационализација. Сите бараки се предвидени за уривање. На нивно место треба да се изградат уште две згради со вкупно 360 станови кои, според најавите на Јавното претпрјатие за стопанисување со станбен и деловен простор кое ќе ги гради, треба да бидат наменети за социјални семејства.

    На местото на старите општински и судски бараки во Бутел веќе има социјални згради вселени пред една деценија. Социјалците од бараките се сомневаат дека во зградите навистина живеат социјално загрозени семејства оти на паркинзите постојано, како што велат тие, има паркирано скапи коли кои социјалци не можат да си ги дозволат.

    С. ДАРУДОВА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира