ОХРИД МОЖЕ ДА БИДЕ ИСФРЛЕН ОД ЛИСТАТА НА УНЕСКО, ВЕЛИ „ОХРИД СОС“ ПО СРЕДБАТА СО ЕКСПЕРТИТЕ

    ОХРИД МОЖЕ ДА БИДЕ ИСФРЛЕН ОД ЛИСТАТА НА УНЕСКО, ВЕЛИ „ОХРИД СОС“ ПО СРЕДБАТА СО ЕКСПЕРТИТЕАко надлежните продолжат со спроведување на спорните проекти, регионот е во опасност да го изгуби статусот, односно е во опасност да биде префрлен на Листата на загрозено наследство, што е еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО (Фото: Ѓ. Личовски)

    УНЕСКО препорачува да се запре со спорните инфраструктурни проекти додека не се утврди конкретно нивниот кумулативен ефект врз животната средина, соопшти граѓанската иницијатива Охрид СОС, која заедно со Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ вчера во Куќата на Уранија одржаа состанок со реактивната експертска мисија на УНЕСКО што изминатава недела престојуваше во мониторинг во градот.

    Според Охрид СОС, на состанокот беше констатирана одлуката на УНЕСКО од четириесеттата седница во Истанбул: ако надлежните продолжат со спроведување на спорните проекти, регионот е во опасност да го изгуби статусот, односно е во опасност да биде префрлен на Листата на загрозено наследство што претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО.

    „Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент кој постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот кој го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки ќе биде готов за 8 недели од сега. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не на 41 седница на УНЕСКО во јули 2017, во Краков, Полска“, рече Драгана Велковска од Е.Д.Е.Н. по состанокот со УНЕСКО.

    Вчера Охрид СОС испрати официјално барање до Националната канцеларија на УНЕСКО за увид во извештајот што државата го доставила за статусот на конзервација на доброто и за чекорите преземени за спроведување на препораките, бидејќи се работи за документ кој е информација од јавен карактер (Фото: СДК.МК)

    На прашањето дали надлежните ги испочитувале препораките од 40-тата седница на УНЕСКО, претставниците од реактивната мисија само кусо одговорија дека им е доставен извештај за статусот на конзервација на доброто и за чекорите преземени за спроведување на горенаведените препораки.

    Вчера Охрид СОС испрати официјално барање до Националната канцеларија на УНЕСКО за увид во извештајот што државата го доставила, бидејќи се работи за документ кој е информација од јавен карактер.

    На самиот состанок, на мисијата ѝ беше објективно образложена актуелната ситуација и им беше претставено истражување на Здружението Е.Д.Е.Н. според кое, речиси сите опфатени институции, граѓани и граѓански организации се против уништување на природните вредности на регионот во име на краткотрајна или еднократна финансиска добивка.

    „Урбанизацијата на Студенчишко Блато ќе предизвика уништување на последниот блатен екосистем на Охридското Езеро карактеристичен со својата флора и фауна, додека, пак, изградбата на марина и пешачките патеки во Езерото од каналот Студенчишта до реката Грашница трајно ќе одземе и уништи неколку хектари од литоралниот регион во овој дел од Езерото со што ќе се уништат ендемски видови“, рече Трајче Талевски од Охрид СОС.

    Јавноста треба да знае дека дури и граѓаните да ги поддржуваат навистина предложените инфраструктурни проекти, тоа не значи дека локалитетот нема да се стави на Листата на загрозено наследство. Важно е и да се нагласи дека надлежните имаат обврска и одговорност објективно да ги прикажуваат информациите и да ја претстават точната слика на граѓаните. Во ситуација на голема иселеност, голема невработеност, овие проекти се чинат привлечни бидејќи постои тенденција штетата да не се прикажува од надлежните, а придобивките да се преувеличуваат.

    Затоа, организациите нудат конкретни и конструктивни решенија кои ќе значат добивка за сите. Таков е примерот со алтернативата на експресниот пат „Смарт Охрид“ кој пред мисијата го претстави организацијата Еко-свест.

    „Искуството со другите проекти за изградба на патишта во Македонија зборува за низа прекршувања на еколошките стандарди и штети врз живеалиштата и заштитените видови. Планираниот експресен пат Охрид-Пештани ќе направи огромни измени на пејзажот и загуба на ендемични шуми. Наспроти ваквите планови, ние предлагаме одржливо решение наречено Смарт Охрид кое ќе биде еколошки прифатливо и одржливо, а воедно ќе донесе економски придобивки за локалното население од општината“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.

    На состанокот се спомна и иницијатива за прогласување на регионот за зелена дестинација што овие организации сесрдно ја поддржуваат.

    „Македонија има извонредни природни богатства и може да понуди мноштво туристички пакети за активен туризам. На тој начин и ќе ја зачуваме природата и ќе си овозможиме долги години да профитираме од неа. Со сегашните понудени проекти граѓаните нема да имаат никаква економска придобивка, тие проекти ќе им го отежнат и секојдневниот живот, а и ќе придонесат за уништување на природата која е единствената причина за развој на туризмот во регионот“, соопшти Охрид СОС.

    Д. ЧУБРИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира