Државниот инспекторат за животна средина вели дека нема добиено пријава за две фирми што гореле отпад, а инспекторот во Карпош вели дека ја поднел (Фото: Ѓ. Личовски)

Овластениот инспектор за животна средина во Општина Карпош тврди дека пред неколку дена откриле две фирми на територијата на оваа Општина како горат остатоци од алуминиум, гумени парчиња и остатоци од старо железо и ги пријавиле во Државниот инспекторат за животна средина. Новиот директор на Државниот инспекторат за животна средина Јасин Грбле вели дека не е запознаен со случајот и дека не знае оти кај нив стигнала ваква пријава.

“Правевме контроли заедно со комналините инспектори во Општина Карпош на механичарски работилници, отпади, вулканизери и во два случаи откривме дека внатре во фирмата на гола земја горат остатоци од алуминим, железо и парчиња гуми. Случајот го фотографиравме однадвор, бидејќи нешата инспекција не е надлежна и немаме овластување да влагаме внатре. Случајот го пријавивме во Државниот инспекторат за животна средина, кој треба да реагира“, вели Гордана Максимовска, овластен инспектор за животна средина во Општина Карпош.

Таа вели дека една од фирмите кои недозволено горат отпад се наоѓа на улица Скупи во Општина Карпош, а другата е кај Момин Поток.

“Според моите информации Државниот инспекторат веќе реагирал и почната е постапка за одземање на дозволата на работа, но за прецизни информации обратете се во Државниот инспекторат“, вели Максимовска.

Новиот директор на Државниот инспекторат за животна средина Јасин Грбле вели дека не е запознаен со случајот и дека не знае дека кај нив стигнала ваква пријава. Хуси Тачи, инспектор за животна средина во Државниот инспекторат за животна средина, вели дека во Инспекторатот нема пријава за овој случај од Општина Карпош и штом ја добијат веднаш ќе интервенираат.

“Нема постапка за одземање на дозволата за работа, бидејќи нема пријава. А и да има треба да се види дали првпат го прекршуваат законот. Ако досаега нема вакво дело казната е парична, а лиценца се одзема ако двапати во годината направил ваков прекршок“, вели Тачи.