Луѓето не разбираат дека со оградата ги штитиме токму нив од зарази, а не орлите од нив, велат од Здружението за заштита на природата „Аквила” и алармираат дека досега се украдени 150 метри од оградата кај хранилиштето за ретки мршојадци на висорамнината Витачево кај Кавадарци (Фото: СДК.МК)

Крадци крадат ограда од хранилиштето за мршојадци на висорамнината Витачево кај Кавадарци. Емануел Лисичанец од  Здружението за заштита на природата “Аквила” вели дека веќе по трет пат е украден дел од оградата на хранилиштето. Досега биле украдени повеќе од 150 метри.

„Луѓето не разбираат дека со оградата ги штитиме токму нив од зарази, а не орлите од нив. За жал, досега никој не одговарал иако двајца беа предупредени од полицајците. Сега повторно на потег е полицијата”, вели Лисичанец и додава дека не знае за што би им служела украдената ограда на крадците.

„Е, не знам. Заградуваат трла или кокошарници по селата. Инаку, мрежата е обележана со зелена боја и лесно се препознава каде и да ја стават”, вели тој.

Емануел и татко му Томе редовно им носат кланичен отпад како храна на мршојадците, за да одржат рамнотежа во синџирот на исхрана во природата и да не дозволат да исчезнат ретки птици, од кои некои се наоѓаат и на црвената листа на заштитени видови.