12 ГОДИНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:101:"НаместостогодиниИлинден,комеморацијазаМакедонија

    1. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ за се што ќе се напишеше против власта беа виновни СДСМ и новинарите. Во времето на СДСМ за се што не чини е виновна ВМРО-ДПМНЕ и новинарите. Се што ќе се објави мора да е некоја нарачка, мора да станува збор за некаква тенденција, скриени намери, некој да стои зад нешто…
    Е баш ме интересира по чија ли нарачка лондонски Тајмс објави дека Македонија по 12 години транзиција е посиромашна отколку пред капитализмот. Каква ли тенденција имале новинарите на “Тајмс” кога објавиле дека бруто националниот доход во Македонија е 75 отсто од тој што бил во 1989 година.
    Секое време си носело барем еден капитален објект во државата по кој се сеќаваме и кој укажувал дека нешто ни се случувало. Се градел Скопскиот саем, Железничката станица, Домови на културата низ сите градови, хотели, брани, тунели, мостови, вештачки езера… На што ли ќе се сеќаваат сиромашките деца што се родени во осумдесеттите. На Бранко, Љубчо и пак на Бранко. Што ли им се случува во нивните младешки години. Бранко, Љубчо и пак Бранко.
    Еден пат до Прилеп преку Бабуна најавија уште пред десет години, а ниту една улица не успеаја да пробијат во главниот град на државата. Возот ни до Кичево не оди, а тие во Европа ќе не носеле.
    Убаво ни порачуваше Бранко пред 15 септември: “Еден е изборот”.
    Или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Прво 8 години го имавме СДСМ, па го казнивме со четири години ВМРО. После ВМРО ги казнивме со нови четири години на СДСМ. А всушност сами себе сме си се казнувале.

    2. Според задкулисните игри на новинарите од лондонски “Тајмс”, и Бугарите биле поарни од нас. Ама за разлика од нас, кои си го знаеме изборот, тие малку забегале. Сега ни царот не им чини. Според една анкета во нивниот весник “Труд” поголем е бројот на Бугарите кои веруваат во Марсовци, отколку што им веруваат на своите политичари.
    Бугарите имаат повеќе од еден избор. Кај нас политичарите се како паднати од Марс. Го видовте пред некој ден Перо Гошев како ни објаснуваше дека струјата мора да поскапи. Како да не беше тој истиот Перо што пред еден месец ни продаваше социјална демагогија дека струјата нема да поскапи. Како вчера да станал министер.
    Перо е најдобар кога е во опозиција. Кога го слушаш, милина ти е да го избереш за да ти ја оправи државата. И така цели 12 години.

    3. Се гледа дека Хари е банкар. Ептен заштеди на прославата на денот на полицијата со тоа што не ги викна децата на загинатите полицајци. Го гледам на слика заедно со сите негови соработници и си мислам, дали сокчињата што ќе ги испиеја децата вредат колку вториот државен стан на Верушевски.
    Додека МВР штеди на сокчиња, ОНА троши на споменици. Како да не била војната. ОНА прави тродневни почести за нивните паднати борци во Слупчане, а портпаролот Чолаковски не ни слушнал за тоа. На крај ќе излезе дека полицајците што загинале сами си биле виновни. Или, како во случајот со расправите во собраниската комисија за солунските атентатори. За ДУИ гемиџиите биле терористи. Да не излезе на крај дека полицајците биле терористи, а ОНА регуларна војска.
    И после ќе сме правеле прослава на стогодишнината од Илинденското востание. Што ќе одбележуваме: државноста на Македонија, или комеморација за Македонија. Наместо манифестацијата “Десет дена Крушевска Република”, ќе си славиме “Десет години Република Македонија”. До пред две години мислевме дека ја имаме.

    4. Пред некој ден одеше прилог на телевизија дека Марковите кули во Прилеп не светеле, иако на сите им се бендисувала илуминацијата. Дописничката јави дека кулите не светат оти претходната власт вградила многу скапи рефлектори а Електростопанство не можело да најде пари “заради познатите состојби”. Значи претходната власт е виновна зошто кулите не се осветлени.
    Кај ги осветлија кај ги запустија. Што фино пред тоа си беа во мрак.

    5. Либералдемократите и социјалдемократите се скараа околу предлогот за измена на законот со кој на претседателот ќе му се намалеа овластувањата за помилување. Нешто почна да се случува во коалицијата.
    За време на ВМРО-ДПМНЕ, Градското собрание во Скопје не беше оградено. Откако СДСМ дојде на власт, Пенов дигна железни огради. Собранието. Значи ли тоа дека Пенов повеќе се оградува од Бранко, отколку од Љубчо?

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари