18,2 МИЛИОНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:113:"Когабигоималтоаштогонемам,тогашможенебиминитребало

    1. Помина уште една спокојна недела. Два месеца пред претседателските избори, кандидати нема, ДУИ пак божем се заканува со бојкот, а ВМРО пак божем не попушта, СДСМ обвинува дека власта краде, власта им одговара дека и опозицијата краде, претседателот Иванов им откри на Русите дека и тие зборувале на јазикот на древните Македонци, невработеноста опаѓа, инвестициите растат, и натаму сме меѓу првите најнезадолжени држави, по слобода на медиуми и понатаму слободно паѓаме, Ховит пак дојде и нешто раскажа… Состојбата е редовна. И под контрола.
    Единствено ми привлече внимание веста дека пензиите линеарно ќе се зголемат за 600 денари. И дека, конечно, главниот град има шанси да добие панорамско тркало што ќе чини 18,2 милиони евра.
    Што се 18,2 милиони евра? Пари ли се тоа? За пензиите, алал да им е. А за панорамското тркало… Што можеш да кажеш за тркалото? Сe најубаво. Штом чини толку пари, мора да е убаво.
    Со покачувањето од шестотини денари знам дека пензионерите можат да завршат многу работи. Реално, со тие пари се купуваат 20 векни леб. Или 12 литри млеко. Три кила смрзнато бразилско месо. Десет кила банани. Можат да платат и три заостанати радиодифузни такси за да не им ги блокираат сметките. Па дури и 30 денари кусур ќе им остане. Тамам за едно пакетче дијазепам.
    А што може да се направи за 18,2 милиони евра, колку што Градот Скопје има намера да потроши за тркалото? Еве, помислете што сe би направиле вие со 18,2 милиони евра. А ги немате. Оти ни Градот ги нема. Ќе треба да се задолжи. А и ЈСП, кое е формален инвеститор на тркалото, ги нема, оти со години работи со загуба.
    Ај да не правиме споредби колку болници, амбуланти, школи и градинки може да се реновираат или изградат за тие пари. Оти тоа се глупави споредби. Амбуланти и градинки се прават. И школи ќе се изградат. И возови ќе се купат. И автопатишта ќе се градат. И трамвај кај и да е ќе има. И подземната сообраќајница ќе почне да се гради. Тоа се тековни работи.
    Туку, дај рационално да споредуваме. Колку карусели може да се купат за 18,2 милиони евра? Колку огради за мостови? Колку пајтони и расни коњи може да се донесат? Колку фасади ќе се обноват и ќе се осветлат? Колку фонтани може да плиснат? Колку први награди од 20.000 евра на Скопскиот фестивал може да им се дадат на пејачите? Колку врби во Вардар може да се насадат и колку од нив ќе родат грозје?
    Сето тоа би го имале. И ништо нема да ни фали. Само тркалото ќе го нема. И мостот што ќе оди од плажата на левата страна кон галијата на десната страна на Вардар.

    2. Апсолутно разбирам што беше идејата за “Скопје 2014”. Разбирам зошто требаше да се изградат нови јавни згради, музеи, театри, споменици, плоштади и мостови. Јасно ми е и што сакал авторот да каже кога го смислил проектот. Дека со новиот лик на главниот град ќе се подигне националната свест, ќе се потенцира државноста, ќе се зајакне самочувството и ќе се потврди идентитетот. Исто како што пред дваесет години сме го потврдиле идентитетот со тоа што Ангелот од Курбиново, кој како предвесник на ренесансата се смета за македонска Мона Лиза, сме го ставиле на банкнотата од 50 денари и исто како што на петстотката и на илјадарката сме ги ставиле древните обетки од локалитетот Црквиште.
    Среќа што сме ги ставиле на парите. Барем на слика да ги имаме. Оти обетките исчезнале од депото на музејот. А Ангелот од Курбиново се распаѓа.
    Кога овој факт и фактот дека американската, холандската, германската, швајцарската, норвешката амбасада дадоа милиони евра, франци и долари за заштита на македонското културно наследство, ќе ги врзам со фактот дека “Скопје 2014” треба да го потврди македонскиот идентитет, тогаш излегува друг есап за тоа што сe може да се направи за 18,2 милиони евра.
    На пример, со 18,2 милиони евра може да се дигитализира сe што е напишано на македонски јазик воопшто во историјата, сите книги, весници, списанија, текстови и друг книжевен материјал и да се направи дигитална библиотека сосе изградба на зграда. Или, може да се реставрира и дигитализира секој аудио и видеозапис на македонски јазик, значи музика, радио, ТВ-творештво, филмови, етнолошки снимки и да се направи дигитална аудио и видеотека сосе зградата. Или, пак, да се реновираат сите икони, фрески и древни артефакти, да се документираат во дигитална библиотека, сосе зградата. Имаме комшии кои не нe признаваат ни како држава, ни како нација, ни како јазик. Имаме илјадници млади луѓе што си заминуваат од државата и иднината ја гледаат во некоја друга татковина. И замислете дека ги имаме тие 18,2 милиони евра со кои може да се зачува сето културно богатство што го дефинира постоењето на македонскиот народ. Ќе можеме да направиме копии од сe на хард-дискови кои ќе се депонираат во Лувр, во Британскиот музеј и во Метрополитен за да можат другите да видат со што ние, Македонците, навистина сме ја задолжиле цивилизацијата. Тоа не може да ти го избришат ни Бугари, ни Срби, ни Грци, ни ЕУ, ни НАТО. А никој не може ни да ти го украде. И тоа сигурно е многу поефектно отколку претседателот на државата да раскажува приказни по светот.
    Па после, откако ќе го направиме сето ова, можеби ќе бидеме помудри за тоа дали навистина ќе ни треба панорамско тркало. Па ако ни треба, може и ќе го направиме. Ама ако ги имаме парите што сега ги немаме. Кога би го имале тоа што го немаме, тогаш може не би ни ни требало.

    3. Ова е отприлика како да живееш во стара куќа на која $ прокиснува покривот. Бањата не ти е реновирана откако е изградена куќата. Се возиш со полнолетна кола. На одмор не си бил последните десет години. ЕВН се заканува дека ќе ти ја исклучи струјата, телефонот одамна ти е откажан, должиш за вода, картичките ти се во минус, а ти одиш во банка и бараш кредит за свилени пердиња. Зошто? Затоа што во турските серии си видел дека многу убаво стојат. Е сега дека се скапи – скапи се. Мора да се скапи штом се толку убави. Ама чувствуваш дека само тоа ти фали во животот.

    4. Дојде 21 век. Ја откривме бронзата. Еве го откриваме и тркалото. Како сме тргнале да се враќаме, не дај Боже и огнот да го откриеме. Оти, Прометеј го откривме и гаќи му ставивме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари