33,3 ПРОЦЕНТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:44:"Сотротинетнизцелсвет

    1. Не знам зошто професорите од Професорскиот пленум беа изненадени оној ден кога пред “Александар палас”, среде прес-конференција, им се појави премиерот Никола Груевски? Ај што беа изненадени. Беа избезумени. Дали затоа што воопшто дошол, или затоа што дошол навреме?
    За мене многу поголема мистерија од онаа како премиерот за првпат успеа некаде да се појави навреме, останува зошто професорите не му го кажаа в лице тоа што го прочитаа пред хотелот само пет минути пред неговото доаѓање. А и тоа што потоа го читаа пред Собранието. Професорите велат дека не сакале да го кршат Уставот и оти ги почитуваат институциите на одвоеност на законодавната од извршната власт. И не отишле во Собранието на дебата оти премиерот не би требало да ги кани во институција каде што не е домаќин.
    Ептен јака институција е тоа Македонското собрание. Особено овој состав без опозиција. Со кого сакаа да дебатираат професорите? Со онаа пратеничка на која не $ го знаеме името, што одби да ги викне и нив и студентите при првата расправа во надлежната комисија оти немало потреба? Со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои смеат да мислат поинаку од партискиот лидер и од министрите од нивната партија? Со Трајко Вељаноски ли ќе дебатираат? Да ги избрка со полиција кога ќе му здодеат? Конечно, ним не им беше целта да го бранат Собранието од Груевски. Тие требаше да си ја бранат автономијата на универзитетот.
    Груевски е политичар. И, очигледно, си ја знае работата. А професорите, очигледно, ни по девет години не научиле со кого си имаат работа. За разлика од него што нив добро ги познава. Точно знае колку му е силата. И точно знае кои се слабостите на противникот. И досега никогаш го нема потценето. Се сеќавате како се појави на интервју на импровизираното студио на А1 телевизија пред да ја затворат? Така што, што се однесува до Професорскиот пленум, новиот закон за високо образование веќе е издувана тема.
    Студентскиот пленум не се збуни. Си кажаа дека нема дебата додека Владата не го повлече законот. За разлика од нив, Груевски ги зашемети професорите од нога, па тие го заборавија дури и тоа што го имаа напишано на хартија. Дека и тие нема за што да дебатираат кога сметаат дека Владата упаѓа во автономијата на Универзитетот. Јас барем така го сфатив и нивниот протест. А не како договарање во која кафеана ќе пиеме. Во оваа или во некоја друга?

    2. Груевски, за волја на вистината, им исполни една од желбите. Ја продолжи дебатата за цел еден ден. Пред да влезе во второ собраниско читање, беше предвидено за законот да се дебитира на 31 декември, на 2 јануари и на 5 јануари. Во последен момент се дозволи уште еден ден за испраќање забелешки до Владата. Осми јануари. Така што од три, дебатата се прошири на четири дена. Забележан е пораст од 33,3 проценти во јавното дебатирање.

    3. За време на дебатата со ректорите во Собранието, ректорот на УКИМ Велимир Стојковски рече оти “факт е дека образованието не е тоа што некогаш било, меѓутоа постои уште еден факт кој укажува на тоа дека со дипломата од нашите универзитети дипломираните лесно наоѓаат работа во странство”.
    Така е затоа што во странство не те прашуваат дали имаш партиска книшка.

    4. Кога бев мал, пред едно четириесет години во ова време од годината, за време на распустот моите ме испраќаа кај баба ми и дедо ми во Битола. И оти беше зима, а Битола беше позната по екстремни студови, никогаш не ме праќаа со автобус. Плетвар треба да се качи. Патот е ист и тогаш и сега. Најсигурно беше да се патува со воз. Имаше еден деловен воз, се викаше “Пелагонија експрес”. Застануваше само во Велес, Богомила и во Прилеп и, кај и да е, и да врне и да вее и метар снег да има, возот стасуваше во Битола за два и пол до три часа. Побрз беше дури и од “брзиот” од Љубљана.
    Четириесет години подоцна паднаа дваесет сантиметри снег. Во Македонија, земја-лидер во регионот и трета по економски раст во Европа, веднаш зад Ирска и Велика Британија, сите два воза кои одеа за Битола и за Кичево беа укинати на неодредено време поради лошите временски услови. Така рекоа на вести.
    Ту, мајката. Да не паднеше снегот ненајавено среде зима, може и Британија ќе ја изедевме.

    5. Среќа што по четириесет години снегот што ги завеа патиштата ги отвори новинарските видици. Македонската слободна мисла на почетокот на 2015 доживеа ренесанса. Имаше наплив на критички осврти. Не само што сите медиуми смееја туку беше пожелно да се критикува “Македонија пат”. И да се пишува против директорот на јавното претпријатие, кој е кадар на ДУИ.
    Министерот за транспорт Миле Јанакиески изјави дека не бил задоволен од “Македонија пат”. Па што не го смени директорот? Шеф му е. Или нека го укинат “Македонија пат”. И нека и` ја дадат работата на приватна фирма.
    А тие од ДУИ во власта ли се? Последен пат кога прашав, уште беа таму.
    Знаев јас дека некој мора да е виновен. Прво пробаа да го обвинат времето за завеаните патишта. И заклучија дека “не постои држава во светот која се справила со невреме”. За да го лоцираат подоцна вистинскиот виновник. ДУИ.
    Ако ја прошириме истрагата, виновни за неисчистените патишта се и СДСМ и ДПА. СДСМ затоа што изгуби на изборите неодамна, во 2006 година, па ВМРО-ДПМНЕ мораше да дојде на власт. Ај што дојде на власт туку и коалицираше со ДПА. А ДПА се виновни затоа што беа неодговорни, па ВМРО-ДПМНЕ мораше да коалицира со ДУИ. А кадрите на ДУИ “неквалитетно се справуваат со невремето”. Како што заклучија критичките медиуми.

    6. По 11 дена во мрак и студ, и селата од реканскиот и од струшкиот регион добија струја. Како што ЕВН им пушти струја така компанијата побара и разбирање. Ги замоли жителите да ја користат струјата само за ладење, а не и за греење.
    Разбирање имаше и ЕВН кога Владата побара од нив да си ја сменат фасадата на нивното седиште. Австријците се согласија еден од највредните симболи на модерната архитектура во Скопје да го претворат во барок. Ама и Владата има разбирање за дополнителните трошоци на ЕВН за барокизирање. Па ја одложи либерализацијата на пазарот на струја.
    Така што иако јавно се караат, Владата и ЕВН одлично си се разбираат. Сигурен сум дека ги разбираат и граѓаните. Ама натчовечки напори си се натчовечки напори. Како што повторно остро забележаа критичките медиуми.

    7. Во сиот наплив на меѓусебно разбирање, градот Скопје, во кој ни Господ десет дена не успеа да ги одмрзне тротоарите , паркинзите и помалите улици, ќе распише тендер за набавка на електрични тротинети. Оти факт е дека тоа го немаме.
    Бидејќи “Скопје 2014” ни го донесе цел свет на Плоштад, редно е да имаме и светско превозно средство. Градоначалникот Коце Трајановски, кога ќе се стопи мразот, ќе промовира нова туристичка кампања. Со тротинет низ цел свет.

    8. МТВ јави дека ТВ-мрежата “Национална географија” била заинтересирана да прави емисија за несреќата во која загина претседателот Борис Трајковски и да ја емитува во рамките на серијалот за истраги на авионските несреќи.
    Ние таа епизода нема да ја гледаме. Цензорското тело уште не го одобри каналот “Национална географија”.

    9. За Божик, кога некој ќе поздрави со “Христос се роди”, другиот одговара со “Навистина се роди”.
    Премиерот Никола Груевски од Тетово поздрави со “Христос се роди”. И веднаш сам си отпоздрави: “Вистина се роди”.
    Е тука, навистина, нема простор за дебата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари