60 КВАДРАТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:111:"...илибашморамедасеопределимеаконесакамедасеиселиме.

    1 Иницијативата на Владата за вработување на 1.600 социјално најзагрозени граѓани е за поздравување. Особено што на конкурсот се пријавиле 20.000 луѓе. Добро е барем на 1.600 од таа армија што очајно бара работа да им се даде надеж и да им се даде шанса да се почувствуваат корисни и за себе и за државата.
    Тешко од толку голема конкуренција да ги извлечеш најзагрозените. Кој компјутер и каква софтверска програма треба да се направи за да се измерат очајот и бедата на сите оние што конкурирале? Како да изгледа тоа најчесно и како сите да веруваат дека е направен најдобриот избор?
    Министерот за транспорт Миле Јанакиески години наназад, токму за да се избегнат манипулации, прави компјутерски избор за доделување ЦЕМТ дозволи за меѓународен транспорт. Ама луѓето не се камиони. Животните судбини не се мерлива категорија. Секоја судбина си е посебна ЦЕМТ дозвола.
    Од што сакаат да се фалат, ја утнаа работата. Зошто им требаа тој циркус и ТВ шоу? Зошто добивањето државна работа да личи на лотарија што се пренесува на јавниот сервис? За да покажат дека очајот е уште поголем? Па кој нормален би се побунил за 1.600 вработувања?
    Министрите беа седнати како членови на комисија за игри на среќа. Само Натали и Маријана фалеа убавиот чин да го направат уште поубав. И наместо да остават среќните приказни сами да дојдат до граѓаните, тие ги испратија ТВекипите за да снимат примери на среќни добитници што не им се вклопија во целата идеја. Па самохрана мајка добитник на социјално вработување славеше со сопругот или, пак, некоја се сликала во својот дом пред скап телевизор.
    Кој е виновен за тоа? Фино си кажа директорот на ЈП “Македонски шуми” Жарко Караџоски: “И компјутерот може да згреши”.
    2 И нормално, како што е вообичаено во оваа наша чудесна двопартиска Македонија, веднаш се јави СДСМ. И, нормално, обвини дека меѓу добитниците има многу членови на ВМРОДПМНЕ или нивни симпатизери.
    И, нормално, како што е вообичаено по секоја пресконференција на СДСМ, се јави и Центарот за комуникации на ВМРОДПМНЕ. Нормално, со противобвинување дека СДСМ манипулира и дека нивните сознанија говорат дека “голем број симпатизери и членови на СДСМ и на други политички партии добиле вработувања”.
    Ајдее… Овие, и едните и другите, веќе знаат и кој на кого му е симпатија.
    Тоа е исто како што пред десетина дена ВМРОДПМНЕ го обвинуваше Заев дека давал тендери на СДСМовци и нивни блиски. А Заев одговараше дека тендерите ги добивале и ВМРОвци и нивни блиски. Чиста работа.
    И што ќе прават утре? Ќе влечат на лотарија кој може да се оперира од рак? Па потоа ќе се организираат пресконференции на кои СДСМ и ВМРО ќе се фалат чиј лекар, покрај пациентите од својот табор, оперирал повеќе пациенти и од непријателскиот табор?
    А ние, третите, имаме право на живот во оваа држава? Дали смееме да не ги обожаваме ни едните ни другите. Или баш мораме да се определиме ако не сакаме да се иселиме. Па со навршени 18 години да си се пријавуваме во централен регистар кој за кого е. Кој не сака да се изјасни за кого е, нека си плати казна како што е редот. А покрај казната, и однапред да си знае кои се последиците од неизјаснувањето. Дека нема да добива на тендери, дека ако случајно добие, нема да му биде платено, дека може нема да биде извлечен на лотарија ако немаат сознанија за неговите тајни симпатии, дека не треба да се занесува да бара правда на суд. И по своја волја таму ич да не оди. Ако нешто згреши, да не очекува дека некој ќе го брани.
    Се извинувам оти минатата недела се мајтапев со идејата на Субрата Рој дека треба да има граѓани од прв ред и граѓани од втор ред. Тој, всушност, ја согледал реалноста. Во зависност од тоа како се менува власта, и граѓаните ги менуваат редовите. Некои за да останат во прв ред, само прават апгрејд. Ќе сменат партија. А тие што се дрзнале да не бидат ни со едните ни со другите, ќе си бидат граѓани од трет ред. Тие нема ни да влезат во барабанот. За нив компјутерот сигурно нема да згреши.
    3 Претседавачот на групата за прочистување на избирачкиот список Бедредин Ибраими вели дека во ДИК имаат сознанија за некои нелогични ситуации. За нив е важно дека некој тука има лична карта. И тоа е доволно да може да гласа. При тоа спомена дека “75 лица што не се познаваат меѓу себе живеат во 60 квадрати”.
    А кој е Ибраими да се меша во приватниот живот на граѓаните и нивните лични познанства? Зошто 60 квадрати би биле малку за 75 луѓе? Па уште и не се познавале? Зарем сите гласачи треба да се познаваат меѓу себе? Што сака Ибраими? Покрај Субрата Рој што побара да се дефинира идеално семејство, тој сега да дефинира идеална квадратура за просечен македонски гласач?
    Мене не ме интересира како живеат тие луѓе таму? Дали стојат, лежат и особено како го решаваат проблемот со одење по нужда. Сигурно уште на приземје пред лифтот им делат бројчиња. Ама многу сум љубопитен кој е махерот што успеал на 75 луѓе да им изнајми еден стан. Или можеби и тој живее со нив, спие во шпајзот, а другите 74 се потстанари?
    Ме интересира како 74 луѓе му ја плаќаат киријата. Дали од 74 места му стига уплата секој месец? Кеш ли му плаќаат, на трансакциска сметка ли му стигаат парите? Не за да го казнат ако не плаќа данок, како што ги казнуваат гранапчињата и берберниците. Туку да го наградат. И да го викнат на една од многуте независни телевизии за да го претстават како уште едно економско чудо од Македонија.
    4 За празникот 11 Октомври Струга била преплавена со македонски знамиња. Тоа беше една од главните вести.
    Како Струга нема друга.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира