8 МИЛИОНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:126:"ВодушасумСкандинавец,амапалцивенештомевлечатконпустотурско

    1 Една недела по изборите и со осум милиони евра помалку во буџетот, дали некој се сеќава зошто воопшто беа распишани вонредните парламентарни избори? ДУИ, демек, беше лута на партнерот во власта ВМРО-ДПМНЕ, затоа што не и` ја прифати идејата за некаков консензуален кандидат за претседател. Не и` се допаѓаше стариот претседател Иванов. И бидејќи Груевски ги послуша интелектуалците што почнаа да собираат потписи за втор мандат на Иванов и повторно го кандидираше, Али Ахмети побара вонредни парламентарни избори. А Груевски, демек, ја прифати фрлената ракавица. И после Ахмети водеше кампања за бојкот на претседателските избори. За да докаже дека без гласовите на Албанците не може да се избере претседател. А Груевски водеше кампања за 62 пратеници. За да докаже дека може да владее и без уцени од Албанците.
    И сега што добија? Груевски му покажа на Ахмети дека може да се избере претседател и без гласовите на Албанците. А Ахмети му покажа на Груевски дека без него не може сигурно да владее. Со осумте милиони евра кои ги потрошија за изборите, си купија уште некоја година на власт. Си се натпреваруваат самите со себе. Веќе не гледаат да победат некого туку важен им е резултатот. Евентуално успеаја да го избркаат СДСМ од Собранието. Нешто што докажано се остварува. И тоа не на клоци, како на 24 декември 2012, туку сосема легитимно и легално. Ги натераа самите да сфатат дека нема што да бараат во Парламентот.
    Сега сме раат. ВМРО и ДУИ здружено може да остварат сè што треба за евроатлантските интеграции, па и пошироко. Оти, досега не можеа. Имаат и двотретинско мнозинство. Имаат и Бадинтерово мнозинство. Со вакви резултати, и референдум за името би бил играчка. Па и да им фали некој глас, ќе се најде некој од оние што шетаат по избирачки места од Пустец.

    2 Додека течат разговорите за новата влада, сè уште не ми е јасна квалификацијата што ДУИ ја даде по реизборот на Иванов за претседател. Претседателот ќе бил легален, ама немало да биде легитимен. Што значи тоа? Дека кога ќе им чини ќе го признаваат, а кога нема да сакаат нема да го признаваат. А што е тоа поразлично од нивното досегашно однесување? Кога би можеле сите така да се однесуваме, би ни било супер. Тоа што ни е по ќеф нека биде легално. Тоа што не ни е по ќеф може да е легално, ама не е легитимно. Всушност, ни терминологијата не е битна. Легално, легитимно, голема работа… Ако ти се може, на здравје. А на ДУИ и` се може. И на ВМРО и` се може.
    А богами и на СДСМ му се може. Тие не ги признаваат изборите – тоталка. Ни легално ни легитимно. ДУИ признава дека добила 19 пратеници, дури и прослави историска победа, ама не го признава изборот на претседателот и не ги признава гласовите во дијаспората за пратеници. ДПА не ги признава изборите таму каде што наместо нив добиле ДУИ, а ќе ја признае власта ако учествува во неа. И Руфи Османи од НДП се откажа од секакво признавање на изборите и бара техничка влада за нови избори. Дури и Стефче од ГРОМ со златната акција побрза да ги пофали изборите како одлични, па откако преспа даде најмногу приговори до ДИК.
    Кој кого признава тука, што признава, што не признава, ни Господ не може да се снајде. Ама им се може.

    3 Во СДСМ, по оној историски 24 декември, кога почнаа со кампања наречена “Отпор”, заштитен знак им беше музиката од партизанскиот серијал од бивша СФРЈ “Отпишаните”. Сега се во фаза на саможртвување. Заев бара од новоизбраните пратеници да не ги прифаќаат мандатите што ги добија на изборите. Значи, не случајно била избрана музиката од “Отпишаните”. Сега стапуваат во акција странците кои ќе го убедуваат Заев неговите пратеници да се појават во Собранието. Демек има криза и демек они ќе ја решаваат. Исто како партизанскиот серијал во два дела. Акцијата на странците ќе се вика “Враќање на отпишаните”.
    Не е само песната погодена. Дури и мотото на последната кампања им беше погодено. Промени за нов почеток. Ако не успеаја да офајдат од 24 декември, тогаш еве им уште една шанса за нов почеток. Ама вистински промени за нов почеток. Кај себеси. Да почнат прво себе да се менуваат, ако сакаат да ја менуваат и Македонија. Ова им е златна шанса да ја прекинат осумгодишната агонија во партијата. Па по две, три, или четири години, со себап, можеби и ќе станат некаква политичка сила што ќе може да смени нешто во земјата. А не вака да се лажеме дека имаме опозиција.

    4 Како што имам проблем да разберам што е легитимно, а што легално во врска со признавањето на резултатите од изборите, уште повеќе ми внесува забуна кога македонските избори се нарекуваат скандинавски. Што значи тоа? Дали потрошивме за изборите како да сме во Скандинавија? Или само затоа што немаше мртви и ранети на денот на изборите, тие веднаш станаа скандинавски? После 23 години демократија, ние се радуваме дека немало искршени кутии, претепани гласачи или, не дај Боже, мртви и ранети, и веднаш ни пораснаа амбициите. Кај нас сè мора да биде глорифицирано. Ако не е најлошо – тогаш, автоматски, мора да е најдобро. Како што Македонија е центарот на светот – никој не е. И сè почнува од тука и тука и завршува. И сè е или Божја волја, или Ѓаволот директно се пресметува со нас. Така и изборите не може да бидат француски, или германски, па дури и грчки. Изборите мора да бидат скандинавски.
    Додуша, сабајлево малку се подзамислив кога си ги миев рацете. Ова кинеското мастило уште ми стои на двата палци. Никако да ми го напушти телото. Во душа сум Скандинавец, ама палциве нешто ме влечат кон пусто турско.

    5 Кога сме веќе кај Скандинавците, гледам дека и на последниот извештај на Фридом хаус за слободата на медиумите, измерена во 194 земји, на првите две места се Шведска и Норвешка. Нас од Скандинавија нè делат само 120 места. Зад нас од регионот е само Турција на 134. место.
    Ама, во Шведска и Норвешка, а богами и во Финска што е на 4-то место, критериумите за демократија и слобода на изразување се исчашени. Ним им е лесно. Тие се ладни. Очигледно е дека качувањето нагоре оди тешко. Па затоа ние се спуштаме надолу. Заедно со Турција, ќе појдеме до дното. И ќе свртиме круг, за да им пријдеме одзади. И оп, кога ќе се свртат бројките, ете сме во друштво на Скандинавците. Така и ќе имаме скандинавски избори. Некој пат.

    6 Можеме ние да си правиме вицови колку што сакаме и да си ласкаме дека успешно сме го положиле и овој тест на демократијата, ама некако ми боде очи еден студено прецизен пасус од заедничката изјава на ЕУ и на САД за изборите во Македонија:
    “Забелешките кои се однесуваат на пристрасно покривање од медиумите и на непостоење разграничување на државните од партиските активности, што не овозможува рамноправен терен за натпревар, треба бидат адресирани. Во тие напори мора да се вклучат партиите кои ќе ја формираат новата влада и да се ангажираат со опозицијата во конструктивен дух. Тие мора да се осврнат не само на техничкиот аспект на организирање на избори туку мора да ги адресираат и сите неправилности и диспропорционалности во поширокиот изборен систем, бидејќи со нив се ризикува да се поткопа довербата во демократскиот процес”.
    Без намера да го минимизирам демократскиот капацитет на земјава, на сите граѓани, партии, политички, бизнис и интелектуални елити што живеат во неа, се прашувам дали во овие 23 години слобода и демократија ние воопшто имаме демократски процес. А не пак доверба во демократскиот процес.
    Мојот сомнеж, чинам е легитимен. А богами и легален.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари