АЛО ДОКТОРЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:57:"Немаангеликајштоимадронови

    1. Лидерот на ДУИ Али Ахмети последен го доби Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Дури осум дена подоцна откако го добија Роза, Солза и Љубица. Ама од сите политички субјекти реакцијата му беше најоригинална. Па изјави: “Мислите дека во ДУИ сите се ангели? Мислите дека не ја злоупотребуваат власта?Мислите дека сите се ангели во ВМРО-ДПМНЕ? Не!”
    Ваква строга самокритика немало ни во најтврдокорните периоди од времето на Тито. А богами ни ваква демагогија немало ни на состаноците на ЦК КПМ. Ахмети вика, добро било што извештајот е лош, па така ќе сме се доближеле до Европа и ДУИ ќе правела добро за земјата. Леле, леле се наежив…
    И кога лидер на владејачката партија ќе каже: “Дали има селективно судство?”, и сам ќе си одговори: “Да, има селективно судство”, и кога ќе праша: “Дали има политизирана и партизирана администрација?”, па ќе признае: “Да има!”, што ни останува нам да кажеме? Што имаме ние од оваа изјава освен тоа што некој од власта кажал нешто што го знаеме, ама овој пат дури ни Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ не се осмелил да го демантира.
    А да го прашам јас Али Ахмети во негов демагошки стил:
    Дали ДУИ има министер за правда? Да има. Дали таа правда е селективна? Дали тој министер за правда пет пари не дава за мислењето на Венецијанската комисија и упорно си турка уставни измени, оти и без гласовите на опозицијата Уставот може да се изгласа? Дали Али Ахмети има министер за образование кој цел месец бараше начини како да го задуши штрајкот на наставниците и успеа во тоа? Да. Има. Дали ДУИ има вицепремиер за евроинтеграции, веќе не паметам колку години, а Македонија од година во година добива сè повеќе критики од ЕУ? Да. Има. А неговите пратениците што ги гласаат сите закони без збор и по скратена постапка? Што се тие, ако не се ангели?

    2. Видовте што направи едно мало беспилотно летало во Белград? Што ли ќе се случеше ако во леталото имаше пилот?
    Кога ги гледав оние камиказите низ Тетово како со дигната рачна ги вртат колите со шкрипка среде маса народ, се прашував да не зеле од онаа лошата марихуана од Албанија прскана со пестициди. Или ги зафатила некоја заразна болест со чудни симптоми.
    Повремено на Балканот се појавува вирус што предизвикува Западнонилска треска. Вирусот е увезен, ама заразата лесно се пренесува. Доаѓа по воздушен пат. Ја пренесува комарец.
    За разлика од овој вирус, на овие простори има и автохтон вирус. Тој е постојано присутен и предизвикува таканаречена Западнобалканска треска. И тој лесно се пренесува, крајно е заразен, а во последно време се шири и по воздушен пат. Со помош на беспилотно летало, наречено дрон.
    Симптомите на Западнонилската треска се висока температура и обилно потење. А симптомите на Западнобалканската треска се неконтролирано однесување, изразита нетрпеливост кон комшиите и зголемено лачење на глупости.
    И што славеа Албанците? Славеа прекинат натпревар поради националистички испад. А во Тирана ги пречекаа фудбалерите како херои. Што херојски подвиг направија? Живи и здрави излегоа од Белград.

    3. Предлагам на отворениот телефон на Министерството за здравство “Ало докторе” да гостува доктор Али Ахмети, специјалист-демагог. Да прима прашања од пациенти со симптоми на Западнобалканска треска. На пример: “Докторе, имам потреба да се израдувам. Што да направам? Да искршам некој градски автобус? Или само да искршам автобуска станица?”
    А доктор Ахмети ќе му одговори: “Зависи од нивото на интеграција на пациентот. Обично тие се интегрираат во општества каде што владеат закони кои не се спроведуваат селективно. Во Швајцарија, во Белгија, во Австрија, во Германија, при првиот симптом на таква потреба за изразување радост заразените ги изолираат и ги ставаат во карантин. А за тука треба да те прегледам оти не знам колку си интегриран. Сфатете нè. Ние не сме ангели. Ние сме дронови”.

    4. Јас не познавам лекар кој ќе ти даде дијагноза по телефон без да те види. Дури и лекари што лично ме познаваат, кога ќе им се јавам да им се пожалам, ми викаат дојди да те прегледам. Не сум сигурен ни дали лекарската етика воопшто дозволува преглед по телефон.
    Затоа сè уште не ми е јасно зошто Министерството за здравство упорно како добра вест ни ги пласира податоците колку многу луѓе се јавиле на “Ало докторе”. Демек тоа успех е. Па нормално е дека ќе се јавуваат. За здравје се јавуваат. И кај баба Рада се јавуваат.
    Уште повеќе ме чуди зошто професори, видни лекари и директори на клиники прегледуваат по телефон наместо да спасуваат животи по болниците.
    Баш ме интересира како ли би изгледал разговор по телефон со познат специјалист уролог. Пациент возбудено се јавува и вика: “Ало докторе, мене ме боли”. А урологот му дава дијагноза: “Ич да не те боли”. По што пациентот веќе поспокојно возвраќа: “Е сега баш ме заболе”.

    5. Добро е што ќе се отвораат 36 центри за центри за депресија. Прво ќе те разболат, па после ќе те лечат.

    6. За Путин во Белград и целата еуфорија и наметнатата дилема дали ако ЕУ и НАТО не отпишале, Русија ќе не запише, нема што да кажам. Само ќе го цитирам поранешниот пратеник, а сега политички аналитичар Мерсел Биљали: “Ако анализирате, ќе видите дека цело време има некој експерт кој има антиамерикански, а проруски став. Јас тоа го гледам веќе четири години. Но, изборот меѓу Исток и Запад, во Македонија може да доведе до територијална поделба”.
    Кратко и јасно. Нема ангели кај што има дронови.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари