АПСОЛУТНА УЦЕНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:145:"КојнесакадагласазаВМРО,некасиземесирискипасошинекабегазаГерманија

    1. Земјите од Европската унија со месеци се пазарат кој колку бегалци треба да прими. Лицитираат со бројки. Измислуваат формули со проценти. Множат, делат, собираат… Зборуваат за квоти. Квоти од човечки души. Небаре луѓето се домати за извоз. И тоа за идната реколта. Оти ќе прават специјална конференција за мигрантската криза во октомври. Сигурно ќе донесат и акциски план што ќе треба да се спроведе од идната пролет. И на крајот на конференцијата солидарно ќе се сликаат.
    Којзнае, може и фудбал ќе заиграат. Како што пред некој ден во Виена играа лидерите на земјите од ЕУ со лидерите на земјите кои сакаат да бидат ЕУ. Додека тие играа фудбал, на педесетина километри од нив, полицијата пронајде мртви над седумдесет бегалци. Над седумдесет души што не успеале да се вклопат во солидарните квоти на европските демократии. Тие седумдесет души не се удавија во Средоземното Море. Не беа истепани од полицајци што ги спречувале да преминат од европската Грција во неевропската Македонија. Ни воз не ги згази. Не се надеваа на бодликавата жица што фините Унгарци ја поставија на границата кон дивите Срби. Ги најдоа задушени во унгарски камион на австриски автопат, речиси во предградието на Виена. Побезбедно место за умирање – здравје.
    Така е и со нас. Таму некаде по европските земји свикуваат конференции, пишуваат извештаи, праќаат посредници, одредуваат датуми, даваат рокови, анализираат, прават анкети, отвораат поглавја… И солидарни се. Со Грција. И така цели дваесет и пет години. А ние замрзнати во ладилник со европски регистарски таблички. На нашиве возачи не им се брза. Застанале крај патот за ЕУ. Среќа, вратата е малку подотворена. Па ни даваат да дишеме.

    2. Еден од бегалците што телевизија Телма ги интервјуираше во Гевгелија, во само две-три реченици ја скицираше сликата за нас. Рече: “Овие луѓе се многу сиромашни. Сакаат да работат. Им даваме нешто пари. По две евра за полнење мобилни”.
    Исто како во рекламите на Си-Ен-Ен за најбрзо растечката економија во Југоисточна Европа. И за топ-реформаторите во светот. Две евра за полнење батерија на мобилен. “Дуинг бизнис”. И “дилориентид”, какви што чувме дека бара премиерот во прислушуваните разговори.
    На ситно да се ќари. Па макар и на човечка несреќа. Затоа кај нас најпозната клетва е “Да му умре козата на комшијата”. Затоа и држава не сме можеле да направиме. Ако може некој да се грижи за мене и само мене да ми е добро. За комшијата баш ми е гајле. Мене дома да ми биде чисто, а за лифтот и скалите баш ми е гајле кога не се мои. Ако може уште два метра во комшиската нива да влезам дури е болен стопанот, па не ја обработува. Ќе ја фрлам кесата со ѓубре од балкон, дворот не е мој. Ќе исечам дрва од шумата, јас да имам со што да се греам зимава. В година, ќе му ја мислам. Партијата ми даде потврда дека ќе ме вработи во септември 2016 година. Дај сега да фрлиме една ракиичка со салатка.
    Ситните души од земјата на Големиот Александар.

    3. Премиерот Никола Груевски предложи победникот на изборите, автоматски, да добие како бонус уште 17 пратеници за да има апсолутно мнозинство. Тој смета дека Владата, која и да биде, на тој начин ќе има стабилно мнозинство и нема да може да ја уценуваат малите партии.
    Тоа значи дека владејачката партија ќе може да си донесе закон во декември, со кој ќе го укине законот што самата го донела во јули. Па напролет, ако ѝ затреба, повторно ќе го донесе укинатиот закон. Сега не мора да се вози со светла преку ден, ама кога на стабилната влада ќе ѝ снема пари во буџетот, ќе може повторно да донесе закон со кој ќе се казнува ако не се вози со светла преку ден. До вчера ни викаа дека добро било што се високи казните, сега стабилното мнозинство вели дека казните треба да се намалат. Лустрацијата до пред 6 месеци требаше да се заостри, сега велат дека завршиле со лустрирање. Законот за хонорарци беше праведен и оправдан, сега велат дека не морало да се плаќаат придонеси. Ако им притребаат пари, стабилното мнозинство ќе донесе закон со кој пак ќе се плаќаат придонеси на хонорарите.
    Груевски сака тој да може да уценува. Ама него никој да не го уценува.
    Додуша, тој остави простор и СДСМ да може да биде победник, па и тие ако освојат мнозинство да си направат апсолутна власт. Од кога тоа апсолутната власт има врска со демократија? А тие што не ги сакаат ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ? Груевски нив ги есапи ли за живи? Или сите мора да се приклучат кон големото стадо. Имаат ли тие право некој од нивно име да прозбори во Собрание? И зошто правото да се чуе нивниот глас за Груевски е уцена? Затоа што на победникот нема да му биде дозволено да аздисува?
    И зошто 17 пратеници? Што има да се мачиме, па да броиме, па да преговараме, па да правиме коалиции? Зошто Груевски, едноставно, не ги забрани сите партии? Што е тоа толку партии? Што е тоа толку различни мислења? Колку повеќе различни мислења толку повеќе фактори за нестабилност. Сите за ВМРО-ДПМНЕ да гласаме, и постабилно – здравје. Кој не сака, нека си земе сириски пасош и нека оди во Германија.

    4. Башка, не знам што ќе му е на Груевски стабилно мнозинство кога сите закони ги донесе. Каква паника ги фати пратенициве. Опозицијата се враќа во Собрание. И – како да доаѓа голема катастрофа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во една недела изгласаа 200 закони. Ова е најпродуктивен состав на Собранието од АСНОМ до денеска. Само што во комунизмот барем се јавуваше по некој делегат нешто да каже.
    Кај овие закони не е почитуван минималниот рок од 10 дена за консултации со јавноста. А зошто јавноста да биде почитувана, кога Владата си има мнозинство. Плус законите се носат по итна постапка. А што е итноста? Како што е? Опозицијата се враќа во Собранието. Мала ли е таа итност? Ех, што убаво си работеа сами.

    5. Во Скопје ќе се градат седум четириесеткатници спроти хотелот “Холидеј ин”. Во 2007 година ВМРО имаше предвидено таму да се градат три стокатници, ама тогашниот градоначалник на Скопје Трифун Костовски не им даде урбанистичка согласност.
    За проектот се пријавила турска фирма која Владата ја нашла на роуд шоу. Адвокатот на фирмата која сака да ги гради четириесеткатниците е советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар. Овие од Антикорупциската комисија се вратија ли од одмор?
    Како трите стокатници станаа седум четириесеткатници? И зошто седум? Зошто не се девет? И зошто се четириесет ката, а не се педесет? Каде ќе паркираат жителите на седумте небодери? Дали за нив ќе се гради катна гаража во Драчево? Има уште многу прашања на кои фалат одговори во врска со овој најнов проект на ВМРО-ДПМНЕ.
    А зошто Вардар мора да поминува низ Скопје?

    6. Во Велес имало зголемен број заразени од кламидија. Арно ама, тоа не е резултат на зголемената сексуална активност или промената на партнерите кај велешани туку е резултат на статистиката. Досега воопшто не се евидентирале болните од кламидија, а од оваа година за нив се води статистика.
    Што убаво си имаа секс велешани до лани. Кога немаше евиденција, безгрижно си се сакаа. Оваа статистикава е погубна за Македонецот. Затоа и попис не правиме. Којзнае што сè ќе нè снајде кога ќе нè евидентираат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари