АПСОЛУТНО ФАНТАСТИЧНО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:37:"ПлатеноодМикиМаус

    1 Штом ОБСЕ отиде во Струга да го решава проблемот со одлуката на министерот за образование да воведе етнички смени во “Нико Нестор”, мав ни е работата.
    Еден во суштина банален проблем на тепачки меѓу средношколци прво стана меѓуетнички проблем. Сега веќе тој проблем добива меѓународна димензија. Така што во март очекувајте го и “Нико Нестор” како нов бенчмарк на списокот на ЕУ.
    Власта секогаш има попаметна работа. И по принципот “плукнизалепи”, малиот проблем го решија така што го направија голем. Е па сега нека чекаат конечно решение од Брисел и од Вашингтон. Грција да не ја споменувам на ова место оти од неа не можеме да очекуваме решение. Кога секој конфликт ќе се сведе на меѓуетнички, за секоја глупост има оправдување.
    Замислете, вчера имало некакво советување во Пензискиот фонд. Ама советувањето го бојкотирале вработените Македонци во ПИОМ.
    Директор на ПИОМ е Албанец од ДУИ. А заменикот е Македонец од ВМРО-ДПМНЕ. И бидејќи заменикот не бил консултиран за советувањето и не бил лично поканет, се налутил и им рекол на вработените Македонци да го бојкотираат директорот. И ете ти проблем на повредена суета што ескалира во меѓуетнички проблем.
    Следната фаза ќе биде воведување етнички смени во ПИОМ. Македонците сабајле, Албанците попладне.
    Внимавајте вие што живеете во етнички мешани средини. Може да имате проблеми во бракот. Ако не ви оди сексот, секогаш има оправдување. Виновен е комшијата. Македонец, или Албанец.
    Е дури тогаш веќе има причина за сериозна тепачка. ОБСЕ нема да може да интервенира. Ќе мора и НАТО да се замеша.

    2 Уште не можам да сфатам зошто толку инаетчиски се брзаше со спроведувањето на концептот “цела плата”? Зошто, кога станува збор за голема реформа, не можеше да се почека барем уште еден месец? Тоа ќе беше многу подобра реклама за власта отколку овој хаос што се направи, а што беше лесно предвидлив. Една убава и значајна работа, од чист инает и суета се претвори во лакрдија. Впрочем, како и сѐ што се случува кај нас. Од чист инает и суета.
    Дури и парламентарното мнозинство не дозволи февруари да биде пробен месец. Ќе носат одговорност за тоа? Во нормална држава би очекувал да носат, оти нивната погрешна проценка го парализира стопанството и направи хаос.
    Кој ќе плати за прекувремената работа на вработените што чекаа по шалтерите на УЈП дењеноќе? Или и на таа пресметка ќе рикне серверот.
    Фирмите што не успеале да поделат плата, кај што се отепани оти немаат пари за плата, туку треба да платат и по 3.000 евра казна. Што не ги затворат веднаш? И да не мислите дека газдите ќе ги платат казните. Ќе одбијат од платите на вработените. Или ќе прогласат технолошки вишоци.
    Ако 6.000 фирми треба да платат по 3.000 евра казна, ете ти нови 18 милиони евра. Ќе покријат трошоци и за кампањи против абортус, и за четврто дете ако треба, и за ослободени срца и за ширење оптимизам… А богами ќе има и за телевизиите на Велија, Ѕинго и Стојменов да можат професионално да ги следат изборите.

    3 Новинарската професија станува најголема лакрдија во Македонија. Не беше доволно што во неа брутално упаѓаат Владата со своите интереси и бизнисмените со своите интереси. Најновиот упад доаѓа од антивоените профитери познати како невладини организации. Фондацијата Сорос ќе плаќа плата за 10 новинари што ќе работат во весници и телевизии, а ќе биле обучени за европски прашања.
    Може. Ама, под имињата на тие новинари да пишува “спонзорирано од Сорос”. За да се знае на чиј платен список се. Ако не ги плаќа фирмата, или газдата, тогаш нека стојат вакви потписи: “Платено од Фридрих Еберт Штифтунг”. Или, “платено од Конрад Аденауер Штифтунг”. Или, “платено од МПЦ”, “платено од СПЦ”, платено од “Дора Бакојани и Бојко Борисов”, “платено од масонска ложа”, “платено од Мики Маус”…
    А најтранспарентно ќе биде ако потписот е “платено од Елефтерос типос”. Тоа на грчки значи слободен печат.
    Не слушнав дека Здружението на новинари излезе со став за овој најнов упад во професијата. Или и тие како и Владата имаат попаметна работа отколку да се занимаваат со својата работа.

    4 Идејата за компромис меѓу споменик на Тоше или на Александар Велики на плоштадот во Скопје што ја даде градоначалничката на Центар Виолета Аларова е нов уметнички жанр. Пародија на апсурдот.
    Ќе има споменик на Александар качен на Букефал, ама околу него ќе има фонтана, но кога ќе блика водата ќе се слушаат две песни од Тоше.
    Ова да го напишеш е смешно, а не пак да го образложувам.
    Дури ни во Лас Вегас не би им текнало такво нешто. И во царството на кичот и глупоштината имаат мерка. Не пуштаат песни на Елвис Присли во каналите на вештачката Венеција. А и да пуштаат, пак ми е посфатливо од дуетот меѓу Александар и Тоше.
    Ме интересира од каде ќе блика водата? Од стојкото на Букефал, или од копјето на Александар? А додека пее Тоше, коњот ќе прди, или само ќе ‘ржи? А Александар ќе изјави ли нешто, за да се чуе и неговиот глас?
    Вие не сфаќате. Така ние го чуваме идентитетот. Заглавени меѓу две песни и еден коњ.
    Еве ја сликата за пародијата на апсурдот: Додека ечи Тоше и блика водата од под Александар и Букефал, ќе бијат камбаните од црквата на плоштад, а до неа на лесковачка скара ќе се печат рибите што угинале меѓу морските корали од базенот во спомен домот на Мајка Тереза.
    Апсолутно фантастично.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира