БАБА РОГА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:124:"Двестаилјадиевраподоцна,прегледотнаРамковниотстанаревизија

    1. На почетокот на декември, Питер Фејт со вицепремиерот Муса Џафери ќе организираат некаква конференција на која ќе се анализира досегашното спроведување на Рамковниот договор. Додека се зборува за конференцијата, ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува СДСМ дека сака федерализација на Македонија затоа што нивниот лидер Зоран Заев неколку пати кажува дека тој лично нема проблем децата во Македонија да учат и македонски и албански.
    Значи вака: Владата во која седат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во наше име му платила на Питер Фејт 200.000 евра за анализа на Рамковниот договор. Според тоа што беше објавено, во таа анализа се препорачува двојазичност во целата држава и измени на Уставот.
    И сега, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да не убедат дека нивната Влада ја платила анализата затоа што СДСМ сака федерализација. Тоа е онаа СДСМ што десет години е во опозиција, и тоа толку збунета опозиција, што не знаат ни кои се ни што се. И на таа збунета опозиција најголем приоритет ѝ била баш федерализацијата на Македонија. И Владата решила баш за тоа да ја послуша.

    2. Уште на 18 септември 2012 година во “Дневник” излезе заедничка колумна на премиерот Никола Груевски и на тогашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе. Под наслов “Заедно кон Европа”, Груевски и Филе тогаш го напишаа и ова: “Во однос на меѓуетничките односи, Владата почна ревизија на Охридскиот рамковен договор”. Оваа реченица веднаш предизвика политичка бура во земјата, па другиот ден и Владата и Европската комисија објаснија дека станувало збор за грешка во преводот. Имено, тогашниот портпарол на Филе, Петар Стано објасни дека наместо зборот “ревизија”, требало да стои “преглед”. А портпаролот на Владата Александар \оргиев рече дека “во англиската верзија на колумната нема збор ревизија” и дообјасни дека “ревизија и преглед се сосема различни термини од лексички и од политички аспект”.
    Двеста илјади евра подоцна, прегледот стана ревизија.
    Заштитно лице на прегледот-ревизија е Муса Џафери. Тоа е оној висок политичар на ДУИ кој го слушнавме и во прислушуваните разговори, а за кој прочитавме и во сведочењето на поранешниот директор на УБК Слободан Богоевски за аферата Телеком во Вашингтон. Богоевски споменуваше некакви куферчиња, некакви два и пол милиони евра, нешто такво читавме…
    Затоа ли сега ќе правиме преглед-ревизија на Рамковниот договор? Затоа ли сега ќе зборуваме за двојазичност на цела територија? Затоа ли пак ќе ја отвораме темата за федерализација? За да има со што одново да се одушеват гласачите на ДУИ дека ќе се учи албански и во Берово, па ќе заборават на куферчињата. За да може ВМРО-ДПМНЕ пак да ја брани татковината од Албанците, оти најновата Баба Рога се вика федерализација. Затоа што кога се зборува за федерализација никој не смее да зборува за корупција. За државата се работи.
    Така што, Питер Фејт по втор пат ќе го спасува ДУИ. Во 2001 година ги извлекуваше борците на ОНА од Арачиново. Сега ќе ги спасува наследниците на ОНА од сопствените гласачи. Има разлика. Сега тоа го прави со наши пари.

    3. Инаку ако знаеш албански, ќе ти се отворат и нови перспективи за иселување. Еве ги каде се Косово и Албанија. Ви звучи смешно? Ви звучи нереално? Ви звучи непатриотски?
    Е па сетете се дека во деведесеттите и Бранко не плашеше дека ако не гласаме за него, ќе бидеме како Бугарија. Не научивме бугарски, ама добар дел од нас се пишаа Бугари. Добија пасоши. Ене ги сега патриотите во Шведска и во Германија.
    4
    . На фасадата на поранешната зграда на Комерцијална банка во Скопје ќе се поставува ЛЕД екран за кој Владата ќе потроши околу 600.000 евра. Во таа зграда сега е сместен Секретаријатот за евроинтеграции, но ниту од таму, ниту пак од Владата кажуваат зошто ќе се поставува тој екран.
    Што ли ќе се проектира таму, па мора да биде толку скап? Дали ќе се објавува колкаво е нивото на загаденост во Скопје и во Битола, ќе се предупредуваат граѓаните дали во Тетово смее да се дише, ќе се известува колку новороденчиња умреле, ќе се објавуваат статистички податоци колкава е трговската размена со Белизе, ќе се информира колку е загадена водата во Струга, ќе се брои колку луѓе се иселиле од Македонија… Тоа се податоци вредни за екран од 600.000 евра. Барем исто толку вредни колку што вреди “мерцедесот”, за кој во бомбите слушнавме дека сме го платиле за да се вози премиерот.
    Или, пак можеби на тој екран Владата ќе ни пушта слики од цвеќиња. Поубаво да гледаш како цветаат илјада цветови, отколку да ја уриваш зградата што не е барокна. Па најдоа начин како да ја пополнат небарокната дупка на таа страна на Вардар. Ќе ја покријат фасадата со голем екран за да не се гледа.
    Како порано не им текна. Можеби ќе заштедевме нешто пари. Ќе беше многу поевтино, наместо да гради згради од Скопје 2014, Владата да купи десетина ЛЕД екрани и на целиот потег на кејот на Вардар да ни пуштаат с што ним им се сонило. Па кога ќе се смени власта, само ќе се смени сликата.

    5. Во Македонска Каменица, барем засега, нема да се купуваат скапи ЛЕД екрани. Таму ќе се гради Куќа на спортот. Оти гратчето има еден фудбалски третолигаш. На Македонска Каменица само уште Куќа на спортот ѝ фалеше.

    6. Министерот за здравство Никола Тодоров на МТВ се пожали дека СДСМ против него води нарачана и платена кампања.
    Не верувам дека СДСМ може да плати толку скапа кампања. Оти таа е прескапа. Платена е со животи на невини луѓе по болниците. И со парите што сите сме ги одвојувале за образованието на лекарите што избегаа од земјава.

    7. Собранието конечно ја состави анкетната комисија што треба да ја испита политичката одговорност поврзана со прислушувањето и со наводите од прислушуваните материјали. Името ѝ е Комисија за скандалот со прислушувањето. Така се вика. Добро е. Една работа барем завршиле. Уште на старт дефинирале дека е скандал.
    Во Собранието има дваесетина други постојани работни тела кои го немаат зборот “скандал” во своето име. Зошто покрај, да речеме Комисија за уставни прашања, Комисија за надворешна политика, Комисија за образование, Комисија за здравство, да не се формира уште едно постојано тело – Комисија за скандали.

    8. Во оваа земја едно време беше вест дека претседателот на државата се сретнал со премиерот на државата. Потоа беше вест дека лидерот на опозицијата се сретнал со лидерот на владејачката партија. Но, најдобрата вест повторно доаѓа од ДУИ. Беше објавено дека делегација на ДУИ се сретнала со министерот за образование. Кој инаку не само што е член на ДУИ, туку е и високопрофилен партиски функционер.
    За утеха е дека делегацијата на ДУИ се сретнала со министерот од ДУИ без посредство на САД и ЕУ.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари