БЕЛИ ПЛОЧКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:89:"Македонија-вашапоследнашанса.Абогамиинаша.

    1. Градоначалникот на Лозово Орце Цветковски е горд затоа што градоначалниците од цела Источна Македонија го молат за помош на старите ергени од Лозово да им направи контакт со невести од Албанија. Тој при венчавката на првата субвенционирана двојка во Македонија рече дека неодамна туристичка агенција од Скопје му понудила да донесе два автобуса невести од Русија. “Сега чекаме да го решиме тоа финансиски, и сè да биде по закон”, рече градоначалникот.
    Нормално дека сè мора да е по закон. Фали само уште малку реклама. Наместо “Инвестирајте во Македонија”, по сателитските канали ќе рекламираме “Омажете се во Македонија”. А кампањата која треба да ги разубеди најзакоравените стари моми ќе финишира со слоганот “Македонија – ваша последна шанса”.
    А богами и наша.

    2. Многумина мислат дека е виц, ама не е. Кон крајот на осумдесеттите години, пред почетокот на советската перестројка, во центарот на Лондон, на Пикадили, во претставништвото на авиокомпанијата “Аерофлот” од тогашниот СССР, стоеше огромен плакат со слоган на англиски јазик: “Посетете ја Русија, пред Русија да ве посети вас”.
    Што се однесува до слоганот, тој и денеска е актуелен. Особено за Русија. Ама Македонија, по акцијата за организирано носење невести, ќе треба да направи нова стратегија и да ја прошири со нова гранка кампањата “Инвестирај во Македонија”. Согласно инвестирањето во бракови, а по урнек на рускиот слоган, нашата нова кампања за инвестирање во иднината ќе биде “Дојдете кај нас. Оти ние ќе дојдеме кај вас”.

    3. Малку беше циркусот со изјавата на градоначалникот на Лозово туку по телевизиите видовме и продолжение. Педесет и двегодишниот Станое од Општина Лозово ја раскажа за медиумите неговата љубовна приказна со 44-годишната Блеринда од Албанија. Тие двајцата се првата двојка што ги исполни условите да добие 500 евра кои Општината им ги дава на стари ергени и на стари моми што ќе стапат во брак.
    Станое ја видел Блеринда кај Валона, кога со камион минувал низ Албанија. Како во народната песна “Те видов и се заљубив”. Потоа следеле контактите. “Прво дојдоа да видат каде ја даваат, бараа да имам купатило, оти без изградено купатило не идат тука”, раскажа среќниот младоженец. Тој откри дека Блеринда сака да работи тутун, а оти самиот рече дека е невработен на новинарите им кажа: “Ќе видам каква работа ќе ми понудат, па ќе одлучам дали да ја прифатам”.
    Брачната двојка од “Зегин” доби на дар 50 литра ракија и 100 литра вино, бесплатен медицински третман на невестата до првото породување и пакет козметички производи. Е, што ти е среќа кога ќе ти се склопат картите. Станое добива невеста, невестата добива купатило, има кој да работи тутун, а Станое на 52 години, уште може да пребира работа.
    Љубовната приказна има наравоучение: Збирај црни пари за бели плочки. Сè друго само ќе си дојде.

    4. Сè е тоа убаво, ама ова со двата автобуса невести од Русија малку ме загрижи. Да не ни се истоварат по Овчеполието од оние чеченските црни вдовици, што се разнесуваат по автобуси, метро-станици, аеродроми, театри… Па да имаме вистински беби БУМ.

    5. Да не сум утнал нешто, да не не сум ги следел вестите на сите телевизии и на сите портали, ама не чув и не видов дека некоја од бројните организации што божем се борат за правата на жените изјави нешто околу општинската стимулација за увоз на невести. Зафатени се со избори, или темава нешто не им е доволно провокативна? Оти обично брзо се палат кога ќе видат цицки на насловна и даваат соопштенија дека жената се третира како сексуален објект. А во Лозово како се третира? Како санитарен објект?
    Или и борците за женски права биле заведени од романтичната приказна во Лозово. И конечно сфатиле дека цицките на насловна играат голема улога во одржувањето на старите ергени во форма.

    6. Не гледам каде е проблемот со автопатот кој го градат Грците. Имаме автопат што води кон Солун и што се вика “Александар Македонски”. На Грците не им пречи името. Тие прифатија да работат. Ние прифативме да им помогнеме да сработат. И Брисел е задоволен. И Солун побрзо ќе стане наш.
    Искрено се надевам дека и преговарачот за името Метју Нимиц ќе ја земе изградбата на автопатот како модел за надминување на разликите. Изградбата на автопатот покажува дека кога има волја на двете страни, се наоѓа и разумен компромис. Сложни браќа сложно градат.

    7. Излегоа слики на Интернет од мизеријата на студентскиот дом “Гоце Делчев” во Скопје. Цел свет виде во што живеат студентите во Македонија.
    Фино што излегоа сликите, па ги видовме. Ама не видовме дека некој студент се побунил. Значи, фино им. Од што им е убаво дури и врски фаќаат во партијата на власт за да добијат место во домот. Па уште и солат памет дека не било патриотски да се покажува таква слика за Македонија во светот. Е па нека стиснат заби и нека издржат. Патриотски.

    8. Бујар Османи, портпаролот на владиниот коалиционен партнер ДУИ, ја даде историската изјава: ДУИ нема да ги бојкотира претседателските избори туку активно ќе работи тие да пропаднат.
    Молам? Јас тука ништо не разбирам. Ама можеби Бујар знае што зборува.

    9. А и партијата на Србите на Драгиша Милетиќ има проблеми со објаснувањето што им се случува. Држеле два конгреса, на кои се избрале два претседатела. Е сега едниот претседател вика; “Јас сум претседател и јас го имам печатот”. А другиот вика: “Не, јас сум претседател, а тој е само ракувач со печатот”.

    Ој Македонијо, песмо неопевана.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари